|
|
| Скопје денес е чисто, а во иднина ќе зависи од тоа дали ќе научиме да го чуваме чисто! |
|
Мане Јаковлески Денес Скопје изгледа поинаку, улиците се чисти, булеварите измиени за првпат по долго време, граѓаните имаат чувство дека некој навистина се грижи за градот, дека некој работи а не само да ветува. Тоа некој е новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и неговиот тим, кои покажаа дека кога се има волја и одговорност, резултати има. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го одржа своето ветување, за 72 часа ја започна промената. Градот е поубав, поуреден и повторно достоинствен. Но утрешното Скопје нема да зависи само од него, туку од секој од нас. Ќе зависи од тоа дали ќе имаме доволно свест да го чуваме она што конечно го добивме по толку години занемареност. Скопје со години беше заложник на негрижа, хаос и политички маркетинг. Поранешното градско раководство оставаше зад себе град преполн со ѓубре, нефункционални јавни претпријатија и потопен Вардар што мирисаше на срам. Тогаш немаше стратегија, само изговори за сè и за сите, освен за сопствената неспособност. Скопјани плаќаа високи сметки, а добиваа нечист град и уништена инфраструктура. Конечно се гледа ред, план, работа. Се измија улиците, се расчистуваа дивите депонии, се испразнија преполнетите контењери и ѓубрето покрај нив, се чистеа паркови, се чистеше коритото на Вардар,... И сето тоа не е само прашање на хигиена, туку на однос кон сопствениот град и народ. Можеме да се купуваат нови возила за чистење, да се поставуваат контејнери на секој чекор, но ако свеста на граѓаните остане нечиста, градот брзо ќе ја изгуби својата убавина. Скопје не може да биде чисто, ако мислиме дека некој друг ќе ни ја собира нечистотијата зад нас. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски покажа дека ако се сака, може! Но сега е редот на нас граѓаните, градот се исчисти, но нема да остане чист ако повторно се вратиме на старите навики, да фрламе отпад каде ќе стигнеме, да палиме пластика, да го полниме Вардар со пластични шишиња, да оставаме кеси покрај контејнери,... Ако сакаме нашата метропола да биде чиста и да се гордееме, ако навистина сакаме европско Скопје, да го чуваме она што конечно почна да се средува. Ако успееме, ќе имаме Скопје со кое ќе се гордееме, ако не, повторно ќе се вратиме во валканата слика на минатото, во времето кога Скопје беше полно со ѓубре. Во соработка со општествено одговорни компании, по течението на реката Вардар ќе бидат поставени заштитни мрежи со цел зачувување на речното корито и спречување на наталожување отпад. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека за успешно справување со овој проблем потребна е заедничка акција и на централните институции, особено на Министерството за животна средина, бидејќи, како што нагласи, „не е доволно да санкционира само Град Скопје“. Затоа, денес кога Скопје го гледаме почисто и поубаво, градот што го сакаме, нема да го зачува политиката, туку свеста. Чист град не е само резултат на градска политика, туку на народна култура. Скопје е нашиот дом, а домот се чува, не се уништува! |














