Среда, 11 Октомври 2017   
„Борба, а не смрт нечовешка“!

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

На 11 октомври 1941 година се смета дека официјално започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Дене 11 октомври се слави како Ден на востанието во Македонија или Ден на востанието на македонскиот народ.

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во април 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. Бугарската влада окупацијата на Македонија ја прикажуваше како природно проширувзње и преземање на „свои национални територии". Меѓутоа, окупаторите не се однесуваа како да ослободители на своја теририторија. Имено, со декрет се изврши промена на националноста - од македонска во бугарска. За оваа цел се создаде голем пропаганден апарат, кој требаше да изигра посебна улога во денационализацијата и се спроведе систем од разни мерки за ограбување на народот.

Во контекст на ограбувањето  на природните богаства на земјата, бугарските власти определија низок курс за размена на динарот со левот – 1:1 (дотогашната вредност беше 1 : 3 во полза на динарот). Тоа им овозможи на разни трговци и шпекуланти од Бугарија, користејќи го нискиот курс на динарот, да ја ограбат затекнатата стока. Тутунот затекнат во складовите бил ограбен, касите на тутунските монополи, по ниски цени го собираа затекнатиот опиум во Македонија, го реквирираа житото, прехранбени артикли и друго. Исто така, беше заведен купонски систем (нормирано снабдување на населението), а производителите беа задолжени да и ги предаваат на државата производите по ниски цени. Истовремено безобѕирно беа ограбувани имотите на Евреите и Србите - доселеници.

Од друга страна, на територијата на западна Македонија, во италијанската окупациона зона,  окупаторот им овозможи работење на неколку трговски друштва, кои вршеа експлоатирање на богатствата. Десетокот (спахилакот), познат од времето на османското управување со Македонија, беше повторно воведен во западна Македонија окупирана од Италија.

За економска експлоатација започната веднаш по окупацијата на територијата на Македонија говори и статијата објавена во Билтенот на Покраинскиот Комитет на КПЈ за Македонија за Јануари-февруари 1942 година. Повикувајќи на „борба, а не смрт нечовечшка“, во статијата за односот на „новиот господар“ кој „пашува во Македонија“ стои забележано:

„Нови вериги ја кршат, гмечат и цицат снагата на Македонецот. Никогаш поизмачен, поиспиен, поискрвавен, никогаш поизложен на опасност да издржи, не бил македонскиот народ од денеска. Затоа Македонците стоат пред едно двоумие: да ќутат и така изчезнат во мизериата створена од нивниот враг, или да го дигнат високо челото со думите: „Борба, а не смрт нечовешка".

Окупантите и нивните слуги врховистите, издателите, шпиуните, крвниците на Македонија, од првио ден почнаа да водат политика која има за цел да силата и насилието поприма наинесносна, наикрволочна форма, да се уништожи се што е чесно, се што е народно. Се дадоа на работа. Со нечувена подлост го натераа македонскио народ да се заборчи на Б. 3. К. Б. (Бугарска земјоделска кооперативна банка.) Таја стана монопол за се. На милост и немилост се оставени стотици хиљади животи. Последното зрно се дигна од Македонија. Стотици вагони пшеница, ориз итн. се однесе во Бугарија, не за блгарскиот народ него за гладните варварски хорди на Хитлера. На ред се стоката - овци, јагнци, говеда, се се влечи. Тука е дено кога ќе и последната глава однесат.

Плачкајнето сака да го скрие со думи: „Да, ние се збираме, али не за нас, за нашето добро - него за вас. Ние не сакаме едни да имат, други да нема. Желанието ни е сите најадени да бидат. Затоа имаме комесарства кои водат есап за се." Да, комесарствата се отворија, али не за подеднакво делејне, него за наизгодно скриено оголувајне-плачкајне на македонскио народ. Еве што се праи во комесарствата:

Скопје за девет месеци доби два пати зејтин (масло) и то зејтин по 150 гр. на човек, а шекер по 250 гр. на човек. За девет месеци 300 гр. зејтин и пол кило шекер доби секој еден. Царевичен мулосан леб се даде 300 гр. на душа. Многу пати за ова време градот остана без јадејне. Месо нема за сите, ако го има, тоа го има од недела на недела само за 5%. Маст вопшто нема. Но ако е такво положението, али во сшност е поинакво. Масло, шекер, сало има, може да се добие. Комесарот тие работи ги сместил во сигурни раце, кај големи трговци. И народо може да купи, но предходно треба да комесарот издаде купон. Со таков купон вие ке купите (на пр.) зејтин, но ќе го платите 120 лева кило. Комесаро и големио трговец се збратимиле. Во нивното братство 5% живее, а 95% отрова си најдуе.

Исто това се збива во цела Македонија. Се осетува мирис на бунт. По цела Македонија се влнува народот. Горчливост. Миналото на Македонија, нечувената омраза према ропството, деноношниот гнет на големоблгарската ботуша го покажува пато на Македонецо - пато на само-одрицание и борчески дух.

Штип пламна. Комесарот е пребит. Десетина се донесени во скопските казамати. „Хлеб, хлеб а не думи" - се заори во Струмица. Чувениот крволок од Русе, директорот Раев (Димитар Раев, директор на Скопската област), е извикан. Пак ново во Прилеп: косата на комесаро му е искоренета.

Најсетне го преживеја овоја време македонскио работник. Безработицата, сталното отпускајне од ложионици и други предпријатиа. Ниската дневнина и сталното поскапуење на се ги става македонските работници во очајно мизерно положение...(Историски архив на Комунистичката партија иа Македонија (натаму: ИА. КПМ). Т. II. К. 1. Скопје 1952, стр. 42-44.)

На крај, потенцирајќи дека ОКУПАНТИТЕ ДОНЕСОА ГЛАД, МИЗЕРИЈА И СМРТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ, СЕЛАНИ, ЗА ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД, оваа статија всушност го повикува целиот македонски народ во борба против фашистичките сили на Оската (Рим – Берлин - Токио) и нивните слуги.

Меѓутоа, уште пред априлската војна во 1941 година, и покрај специфични услови во трите дела на поделена Македонија, македонскиот народ продолжувајќи ги светлите илинденски традиции и користејќи го долгогодишното искуство во борбата за самостојна и национална македонска држава, се подготвуваше за вооружена порба против фашистичките сили.

По окупацијата, партиските организации секој погоден момент го користеа за диверзии против окупаторските сили. Таков пример е уништувањето на германски авиони на аеродромот во Скопје во јуни 1941 година. Набргу потоа, се создадоа и првите партизански одреди. На територијата на Вардарскиот дел од Македонија беа формирани Скопскиот (август 1941), Прилепскиот (септември 1941) и Кумановскиот одред (октомври 1941), со што започна нова етапа на нацоналослободителната борба на македонскиот народ.

Во Пиринскиот дел на Македонија, пет дена по нападот на Советскиот Сојуз, на 27 јуни 1941 година, групата на Иван Козарев влегува во борба со полицијата кај своето родно село. Истовремено со неговата, во овој период дејствуваат и партизански групи на Никола Парапунов и Костадин Кантарџиев.

Исто така, но летото 1941 година, на територија на Егејскиот дел на Македонија се создаваат партизански групи. Во јули и август биле формирани групи во Кукушко, Негридско, на Пајак Планина и Кајларско, кои во септември веќе преземаат акции. Најкрупен настан од ово период е Драмското востание во кое масовно земаат учество Македонци, Грци и други кои живеат во тој крај. Востанието кое започнало во ноќта на 28 спрема 29 септември крваво го загушила Бугарската војска и полиција, масакрирајќи 3000 луѓе и вршејќи масовни репресалии.

Со оглед на специфичните услови во кои живее македонскиот народ, по поделбата во Букурешт 1913 година, како почеток на востанието во Република Македонија се зема 11 октомври 1941 година. Имено на овој ден Прилепскиот партизански одред  изврши едновремен напад на полицискиот учесток во Прилеп, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп. По оваа акција, Прилепскиот и Скопскиот партизански одред продолжија со активности, додека Кумановскиот одред по неколку судири беше уништен.

Почитувајќи ги светлите илинденски традиции и почитувајќи подобро да умре во борба, а не со „смрт нечовешка“, во текот на 1942, 1943 и 1944 година, македонскиот народ масовно се приклучува на народноослободителната борба, а партизантско-комитскте чети набрзо ќе прераснат во одреди, батаљони и корпуси, создавајќи ја притоа Македонската армија. Тоа ќе овозможи на вториот Илинден на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“ да биде создадена македонската држава.

 

 

На прво место

News image

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните избори

  Муцунски: Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните...

Историја

News image

Гоце Делчев неприкосновен лидер на македонската револуционерна борба

Општонародниот водач на македонската ослободителна борба Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 годи...

Иселеници

News image

НАЈГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА АНСАМБЛОТ „Томов“ И ЗА ГЕОРГИ (ЏОРЏ) ТОМОВ (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Велигденски пост

Првичната цел на предвелигденскиот пост била насочена кон огласените, кои се припремале да бидат крс...

Фељтон

News image

АКТИВНОСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА ПО СМРТТА НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ II) (25)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.