Петок, 03 Септември 2010   
Мис Стон строела и комити и војводи!
Тоа што не можел аскерот и башибозукот, можела само жена !!
Miss_stoun_case
На 21 август 1901 година, 18 комити предводени од Јане Сандански и Христо Чернопеев ги киднапираат американската протестантска мисионерка Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка. Револуционерите, кои медиумите ги сметаат за бандити, бараат откуп од 25 илјади турски лири, или околу 110 илјади американски долари. На крајот ќе се задоволат со 15 илјади лири, односно, со 68 илјади долари. Во следните, речиси шест месеци, американските медиуми секојдневно го следат развојот на настаните. На 2 февруари 1902 година, Стон, Цилка и нејзиното двомесечно бебе Елена, која е родена во заробеништво ќе бидат ослободени во близина на Струмица.

Првата модерна американска заложничка криза, како што ја нарекуваат тамошните медиуми завршува среќно и за револуционерите кои ги добиваат потребните средства и за двете заложнички кои му се враќаат на нормалниот живот. Случајот не само што добива огромен публицитет, туку со него се занимаваат и тогашниот американски претседател Теодор Рузвелт и шефот на Стејт департментот. Новинарите неофицијално, постојано шпекулираат со името на Јане Сандански како главен организатор на аферата, но тоа официјално ќе се потврди дури со книгата на американскиот новинар Алберт Зониксен „Исповедта на македонскиот бандит“ објавена во 1909 година. Зониксен, кој тогаш работи како дописник на „Њујорк ивнинг пост“, ќе помине цела една година со македонските револуционери откако ќе го режира сопственото „киднапирање“ во февруари 1906 година во близина на Воден, и од прва рака, преку дружењето со Христо Чернопеев и Јане Сандански, ја дознава нивната страна за целата приказна.

Најголемиот дел од приказната за „аферата Мис Стон“ и е позната на македонската, па и на светската јавност преку дузина книги и истражувања објавени оттогаш, но, некои ситни детали кои ги забележале американските новинари, сепак можат да се сметаат за новина дури и денес, полни 107 години по настанот. Kиднапирањето предизвикало многу негативни ефекти во Европа за самото револуционерно движење, кое било предмет на жестока осуда не само во тој период, туку се' до Илинденското востание, па и потоа. Сандански, на пример, за најголемиот број новинари, речиси до својата смрт, останал „бандитот кој ја киднапирал Мис Стон“, а истата судбина ја делеле и многу други револуционери.

Првата дилема е дали Мис Стон го лажирала своето киднапирање, за да придонесе за каузата на револуционерите? Иако подоцна ќе издадат мемоари и ќе одржат безброј предавања за нивниот случај, ниту Стон а ниту Цилка не ги откриваат имињата на нивните киднапери. Во прилог на таквата можност сведочи и пишувањето на „Њујорк дејли трибјун“ од 8 октомври 1901 година од Солун:

„Турските власти уапсија многу луѓе меѓу населението и речиси сите се подложени на тортура во обид да се дојде до информации. Затвореник по име Димитри тврди дека постоел договор меѓу протестантите и Македонскиот комитет и дека Мис Стон дејствувала во договор со нив, со цел да се обезбедат фондови за религиозно- политичка пропаганда. Но, ваквите сведочења добиени со мачење се безвредни“, заклучува весникот. Но, турските власти верувале дека тоа навистина се случило, па не само што го апсат братот на Катарина Цилка, кој ги придружувал во пресрет на киднапирањето, туку по завршувањето на епизодата не и дозволуваат на Елен Стон да се врати во Македонија, за што сведочи и следниот текст од весникот „Падука Сан“ објавен на 24 октомври 1902 година.

„Американскиот борд нема да ја назначи Елен Стон на нејзината стара работа во Македонија, имајќи ги предвид најавите дека турскиот султан ќе ја смета киднапираната мисионерка, за персона нон грата и ќе одбие да и дозволи влез во неговата земја. Претставникот на бордот, свештеникот Стронг изјави: „Немаме план да ја испратиме Мис Стон повторно во Македонија или каде било во Турција. Знаеме дека таа нема да биде добредојдена од власите“. Мис Стон лично сака да оди во Макеронија и да и се врати на својата работа“.

Чернопеев на Зониксен му ги објаснува причините поради кои е киднапирана мисионерката и притоа не остава место за сомнеж дека аферата била „наместена“. Чернопеев објаснува под какви околности била донесена одлуката да се киднапира американската мисионерка. „Тоа беше по падот на Сарафов, Принцот Фердинанд фактички го презеде Комитетот во Софија инсталирајќи го генералот Цончев на негово чело. Цончев е пријателот на Фердинанд. Секако дека го отфрливме. Ние во внатрешноста никогаш немаше да прифатиме за наш претставник бугарски генерал именуван од принцот Фердинанд. Но, Цончев не само што инсистираше дека тој е наш претставник, туку сакаше да ја предводи целата Македонска револуционерна организација. Неговата дрскост беше поддржана со златото на Фердинанд, со кое се купуваа луѓе, оружје и муниција. И под изговор дека подготвува револуција тој почна да испраќа големи банди преку границата, за да не избрка од нашите реони. Секако дека ние се спротивставувавме. Но, токму тогаш се случи предавството во Солун и целиот Централен комитет и десетина лидери од кои ни зависеше финансирањето беа уапсени и испратени во Мала Азија. Целата организација колабираше. Во цела северна Македонија останавме само јас и Сандански. Токму тогаш Цончев почна да ги испраќа своите банди за да го потчини револуционерниот комитет. Го пресретнувавме, најпрво со протести, а потоа и со оружје. Имавме многу луѓе, но тие немаа оружје. Го немаше Централниот комитет да ни помогне, дури ни со совет, а немавме можност да побараме помош ниту од македонските емигранти во Бугарија. Македонците во Бугарија воопшто не знаеја како стојат работите и дека нашата револуционерна организација падна во рацете на Цончев по смената на Сарафов. Така луѓето си ја знаеја својата верзија и продолжија да му испраќаат донации на Цончев.

Тоа беше безнадежна ситуација. Изгледаше дека целата организација ќе биде уништена и ќе падне во рацете на принцот Фердинанд. Јас и Сандански бевме толку слабо вооружени што се плашевме да им се спротивставиме на бандите на Цончев, а моравме да бегаме од нив како да беа турски аскер. Ни требаа пари, па решивме да грабнеме некој богат Турчин и да земеме неколку илјади лири откуп. Еднаш пробавме и не успеавме. Во тој период кај нас дојде еден четник кој бил ученик во Американското училиште во Самоков и ни предложи да грабнеме некој од мисионерите, а Турците веднаш ќе ни го исплатат откупот за да избегнат компликации. По неколку дена разбравме дека Мис Стон е во Банско и дека ќе патува кон југ набрзо. Воопшто не ми пречеше да ја киднапираме неа, затоа што многу често проповедаше против нас. На селаните им велеше дека Бог ќе ги спаси од проблемите, а не бандитите“, раскажува Чернопеев во книгата „Исповедта на македонскиот бандит“.

ПРИКАЗНА :

На комичната страна на приказната за Мис Стон се признанијата на македонските револуционери дека буквално „јаделе“ ќотек од мисионерката за време на шестмесечното заложништво. Најголемата опасност, според Чернопеев, не биле турските потери или нападите од врховистите, туку самата Мис Стон. „Ти не ме разбираш за каква опасност ти говорам. Дали некогаш си бил во позиција жестоко да ти се спротивставува средовечна жена со многу силна волја? Таа да настапува со претпоставка дека ти си ѕвер, а ти да го почувствуваш тоа? Цврста спротивставеност, но не со физичко насилство, кое би било дури и олеснување, секој час, секој ден“, раскажувал Чернопеев. Поради жестината со која Мис Стон настапувала кон нив, Сандански и Чернопеев си поделиле улоги. Сандански пред Американката се претставувал како „добар“, а Чернопеев глумел „лош човек“. Па така, подоцна и во спомените на Мис Стон и на нејзината сопатничка Цилка, за едниот се зборува како за „добриот“, а вториот е претставен како „лошиот“.

„Што можеш да сториш кога една лута, стара и респектирана жена ќе ти упати бесен поглед? Еднаш направи неочекуван потег со чадорот кон мене, секогаш ги носеше тој чадор, библијата и шапката, и, можеби и јас си замислував, но кога замавна со чадорот кон мене, јас се препнав бегајќи наназад, во обид да си го спасам достоинството. Но, не успеав да спасам многу“.

Дека приказната на Чернопеев е целосно веродостојна, во однос на стравот кој комитите го имале од Мис Стон, потврдува и еден текст во весникот „Вашингтон хералд“ објавен на 25 октомври 1908 година. Текстот под наслов „Мала Македонија“ е репортажа од кафеаната „Македонија“ на Васил Поп Стефанов, која како што вели репортерот, се наоѓа на чекор од стокатниците на Менхетн, во Њујорк. Во „Македонија“ новинарот разговара со неколкумина гости со свежи спомени од нивните комитски денови кои му ги пренесуваат на гостинот. Од пренесеното излегува дека не само Чернопеев, туку и Сандански го почувствувал на својот грб, чадорот на Мис Стон.

„Тие се изнасмеаја на приказната како Мис Стон го избркала Сандански со чадорот како оружје. Сандански беше еден од нејзините киднапери, но колку што беше голем, толку имаше и меко срце, толку меко речиси како женско. Се плашеше од Мис Стон, колку од ниедно друго човечко суштество, и на крајот воопшто не сакаше да биде во нејзина близина. Таа не можеше да сфати дека тој всушност сакаше да биде добар со неа, и по инцидентот со чадорот, Сандански го остави Чернопеев, кој имаше изглед на разбојник и квалитет на добар актер, да ја игра улогата на брутален бандит“.

Освен „ќотекот“ од Мис Стон, револуционерите имале и друг проблем со пргавата мисионерка. Имено, таа им забранила и да пушат во нејзино присуство. Еве што вели Чернопеев за тој проблем. „Не ни дозволуваше да пушиме. Не ни го забрануваше тоа со некаков налог, но ни велеше: „имате ли вие срце, или немате никаква почит за беспомошна жена?“ Тоа го велеше со таков пискав глас. Не можевме да пушиме во нејзино присуство по таквите сцени“, му раскажувал Чернопеев на новинарот Зониксен.

По заложничката криза со Мис Стон многу кандидати за киднапирање!

Освен огромниот интерес за киднапирањето на Мис Стон, во американската јавност се јавувале и „доброволци“ заинтересирани да паднат во рацете на балканските бандити! Во екот на аферата, американските медиуми во неколку наврати јавуваат за неколку девојки кои тргнале преку Атлантикот со намера да стигнат во далечната Македонија и да бидат киднапирани. Најпрво се споменуваат извесни Делоуни и Стетсон кои имале мерак да заглават во македонските беспаќа, а „Њујорк трибјун“ од дописникот од Париз на 15 ноември 1901 година јавува за уште две нивни сонароднички:

„Турската Влада е загрижена поради извештаите дека две американски девојки тргнале кон Турција со намера да бидат киднапирани од бандитите на начин на кој беше киднапирана и Мис Елен Стон. Турската мисија овде (Париз н.з.) добила допис со инструкции да се испита случајот и да се открие дали девојките се на минување низ Париз, како што се верува.

Дописот од Филаделфија, кој го објавивме на 2 ноември, велеше дека две девојки, Кејт Бојл и Флора Престон тргнале кон Македонија со намера да бидат киднапирани. Веројатно тоа е причината за загриженоста на Портата“.

Извештај на новинарот Фредерик Мур
 

На прво место

News image

НАТО да ја прифатат Македонија како членка на Алијансата

Македонија од аспект на придонесот што го дава во НАТО е веќе де факто членка на Алијансата. Дојде в...

Историја

News image

Историски корени на одбраната

Во ретроспективниот поглед низ периодот на поновата македонска историја, од аспект на воено-одбранбе...

Иселеници

News image

Организацијата „Обединети Македонци“ во Канада ја организираше 40. „Гоцева вечер“

Македонската заедница во Канада вчера се собра во црквата ...

Култура и туризам

News image

Втората светска војна и обновувањето на Охридската архиепископија

Познато е дека Македонија зеде активно учество во Втората светска војна, со цел да се ослободи од ф...

Фељтон

News image

Историја на Македонската Православна Црква (16)

И нивното комплетно учење не е лесно да се согледа. Покрај она што го наведуваме ка...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.