|
|
| Од мемоарите на Трифун Михаилов (10. дел) |
|
роден во 1925 година с. Гугово Воденска околија Борбата започна, но не траеше долго! Ама тие не можеа да се качат на ридот горе и им дојдоа авионите на помош. Почнаа да бомбардираат кај нас на ридот. Во тој момент дојде еден курир и ни рече да се повлечеме. Ние ги слушавме топовите од градот како пукаа, а од другата страна авионите. Чим рече курирот да се повлекуваме, значи нашите влегле во градот зеле доволно храна за сите и можеме да се повлечеме. Кога се симнувавме надолу од ридот, видовме еден коњ убиен, сигурно од авионите. На бутот коњот имаше исечено парчиња месо, од партизаните што се повлекуваа пред нас. И ние си пресековме по некое поголемо парче месо, за после да си го печеме. Одејќи така ги гледам другите партизани како си сечат од месото и си јадат! Пробав и јас живо месо, ама два - три пати каснав и некако не ми идеше без сол и непечено, си го ставив во ранецот за покасно да си го испечам на оган. Ама никогаш не си го испеков тоа парче месо, немавме време да седнеме и да запалиме оган. Се вративме во нашето место. Се одморивме еден ден и другиот ден дојде наредба јас и уште десет души да одиме во едно напуштено село Самарина. Таму ме назначија одговорен за оваа чета партизани. Од ова село тргнавме за едно друго село, незнам како се викаше и таму застанавме. Се одмаравме цела ноќ, јас поставив стража, по ред сите чувавме стража, јас стражарев в зори. Тогаш е најопасно, непријателот обично напаѓа рано наутро. Дојдоа двајца со еден курир и ни кажа кој каде ќе оди. Мене ме пуштија со еден што носеше храна, со еден коњ. Јас со него тргнавме и одевме цел ден и цела ноќ. Стигнавме на првата линија рано наутро, уште не се гледаше. Застанавме кај магационерот, тој што ја распределуваше храната и тој ме праша: Само еден дојде? Јас му велам: Само мене ме пратија ваму! Добро! ми вели Тие таму се двајца, едно момче и една девојка! Ме однесе во бункерот, влегов внатре и што да видам, млади, момчето и девојката имаа по околу 16-17 години. Јас почнав да ги прашувам кога напаѓаат, во колку саат, колку пати на ден, од која страна... А тие ми велат оти ова е прва борбена линија и дека напаѓаат по 4-5 пати на ден. Но, не можат да сепробијат, оти и од левата страна и од десната страна има тешки митралези. И така се раздени, беше 14 август 1948 година, тие почнаа со топовите да пукаат околу 10-15 минути, лупаа ѓулињата по бункерот, но, ништо не му можеа бидејќи бункерот имаше околу десет реда буки. Штом престанаа топовите, дојдоа авионите (шпит фаер) беа околу 5-6 точно не можевме да ги изброиме, само низ прозорчето (отворот) гледавме. А монархофашистите за тоа време се приближуваа. Штом малку ќе се потсмиреше ние со рачни бомби, (имавме едни германски со дрвена рачка) им враќавме. Децата само ми ги подаваа, а јас фрлав, местото беше на едно ридче и нас ни беше полесно, бомбите летаа далеку и затоа не можеа да се приближат. Тие сигурно мислеле дека и ние имаме минофрлач, зошто јас многу далеку фрлав. Тој ден направија 5-6 јуриша, но, не можеа да поминат никако, имавме и голема помош од двата митралеза од двете страни. Пукаа без престан цел ден и ние се радувавме оти не можеа да не совладаат. Додека траеше сето тоа, во бункерот се дигна голема прашина. Кога се смири малку пукањето, кога се погледнавме не можевме да се препознаеме кој е кој. Бевме црни од прашина. Јас решив да излезам надвор да видам каква е ситуацијата и да видам колку е саатот, бидејќи немавме саат, гледавме по сонцето. Само што излегов од бункерот, уште не бев исправен, само забележав дека сонцето е пред да зајде зад планината, во тој момент слушнав еден чуден звук - хлу,хлу, хлу! И експлозија, една граната позади мене експлодира и ме погоди во десната плешка. Моментално почувствував жешко на местото и десната рака ми летна наназат, на левото рамо и ми се здрви. Брзо се вратив во бункерот и и реков на девојчето да ме соблечат побрзо додека е топло. Тие кутрите почнаа да плачат и ми велат: Само еден ден си тука и веднаш те ранија! Викаа на цел глас: Фашисти проклети! Тоа беше прв пат кога ме ранија! Беше 14 август 1948 година на ридот што се викаше Скугза. На првата линија партизаните беа 10.000, а монархофашистите 100.000 десет против еден, нерамноправна борба. Додека ме преврзуваа само плачеа децата, пак сами ќе останеме викаа, тие се многу, што ќе правиме сега. И така јас повторно слегов долу кај снабдувачот на храна. Тој кога ме виде дека доаѓам застана и ме гледа. Што се случи? Ме праша. Јас му реков дека ме ранија во десната плешка. Па што среќа имаш? Вчера дојде и веднаш те ранија, а денес ќе се вратиш назат! Што да правам, така ми било пишано! Реков. Почна сиромашкиот да офка, зошто и тој беше сам на прва линија и му беше страв. Рече да почекам да дојде тој што ме донесе и дека ќе си одам со него назат. По тро време ете го иде тој што ме донесе. Кога ме виде се зачуди и ми вели - Што? Те донесов тука за да те ранат? Тој набрзина ја растовари храната и веднаш тргнавме назат, немаше време ни да се одмори. Цела ноќ одевме и в зори стигнавме до еден магационер, таму ме остави и веднаш продолжи. Поточно тој се врати, бидејќи требаше да оди на друго место, но поради мене дојде тука. Магационерот не беше баш пријателски расположен спрема мене. Само ќутеше и ме гледаше, дури ни со храна не ме понуди. Јас седев надвор и се топлев на огнот, многу ми студеше, а тој не ме покани ни во колибата да се одморам како треба. После некое време си реков -Трифунче! Не седи тука туку оди си во амбуланта, тука ништо не правиш! Си го зедов автоматот и го прашав како да стигнам до амбуланта за да ме преврзат. Тој ми го покажа патот по сувата река и јас тргнав. Реката беше сува, само повремено се појавуваше по малку вода. Ми изгледаше бескрајно долга или дека ме болеше рамото така ми изгледаше, незнам! Одев, одев, крај нема и одеднаш гледам еден човек на коњ со седло. Се парашував кој ли е овој сам тука по реката што шета... И тој ме виде. Кога ме виде ранет, врзана раката преку вратот, слезе од коњот и ме праша од каде одам. Му реков од прва линија, таму ме ранија и дека одам цела ноќ и ден. Му кажав и за тој магационер што не ми даде ни да јадам, ни поштено да се одморам. Го приметив како се изнервира кога му кажав за тој магационер, ми рече да се качам на коњот и така заедно тргнавме за амбулантата. Кога стигнавме таму сите застанаа да го гледаат и да го поздрават. Тогаш јас сватив дека е некој функционер, голем човек. Само им кажа на тие дека доаѓам од прва линија, дека сум ранет и да ми дадат да јадам и да ме преврзат. Се качи на коњот и рече: Одам да го убијам шпионот! Ми дадоа да јадам леб и мармелада, се најадов и после ми дадоа една голема чоколада. По малку време пулам (гледам) одат и ми велат ајде да ти ја видиме раната. Отидов со нив во една барака, ме легнаа ничкум на еден дрвен кревет на стомак и ми ги врзаа рацете и нозете и две девојки седнаа врз мене за да не скокам. Почнаа да вадат крпи од раната со пинцети. Ми ставаа некоја течност која што многу ме печеше, пржеше, незнат точно да ја опишам болката. Вадеа конци и парчиња од блузата што ја носев. Инекции немаше таму и се правеа на живо, јас само офкав. Само што ме одврзаа стигнаа авионите, лекарите само викнаа: Бегајте!!! И сите што можеа да одат сите избегаа во шумата. Јас бегајќи видов едни гробишта. Прочитав на еден крст пишуваше Никола Гини, братучед на Мирка Гинова (роднина на Мирка). Од Росилово. Ние со него уште пред војната се знаевме, на момент подзастанав, ама не можев да стојам многу, авионите почнаа да бомбардираат, од другата страна со митралези пукаа. Штом авионите си отидоа, јас се вратив на гробот на Никола - И ти си замина! Реков. Му оддадов почит на мојот другар и си заминав. Кога се собравме долу кај амбулантата, лекарите ни рекоа дека мртви немаме, немаме ни ранети, ама штетата е голема. Тој ден останавме таму. Вечерта стигнаа луѓето што ги носеа ранетите во Албанија. Таму се погоди еден мој земјак, патриот. Кога ме виде ми рече - Аман бре Трифуне, па и тебе ли те ранија!? Ми даде еден бел коњ, ми рече дека е мирен и да не се плашам. И така се качивме на коњите и тргнавме ноќе за Албанија. На Албанската граница стигнавме дење. Таму не чекаа камионите, се качивме во камионите и тргнавме за Тирана. Патувањето траеше долго, незнам точно колку време се возевме, повеќето од нас спиевме. Во Тирана стигнавме ноќе. Таму многу добро не примија, не ставија да спиеме во кревети со чисти бели чаршави. Кога ги видовме креветите, ни беше незгодно да легнеме во нив, бидејќи секој од нас имавме по најмалку 200 грама вошки (ако не и повеќе). На утрото рано дојдоа лекарите не разбудија, ние како војници брзо станавме. Не прегледаа и тие што беа потешко ранети ги оставија во Тирана, а полесно ранети како мене, не пуштија во едно место, се викаше Сук. Тоа место беше специјално направено за нас партизаните. Имаа направено бараки за спиење, менза, клуб (за забава). Тоа беше едно рамно место и таму имаа насадено кромид, компири и др. и ние што бевме полесно повредени т.е. ранети, одевме и работевме, собиравме секаков зеленчук. Таму јас не останав долго, околу еден месец. Таму никој од нас не можевме да се најадеме, секогаш баравме по два пати да ни даваат леб. Имаше еден дебел кувар, го викавме чичко Андреја, секогаш ми даваше леб кога ќе му побарав. Времето што го поминав таму, навистина се одморив, се наспав и се најадов. Лекарите не прегледуваа секој два дена. Еден ден дојде комисија да не проверат кој може да се врати назат, а кој не ќе остане да се лекува. Кога ме прегледуваше докторот, ме тргна силно за десната рака (за ранетата) и ми рече дека можам да се вратам. На другиот ден не качија на камиони и не вратија назат во Грција. Не однесоа на Вичо планина, во Преспа и таму не распоредија по батаљони. Мене ме пуштија во 14 -четиринаесеттиот батаљон на Шумади, батаљонот на трета чета 50 (педесет) души. Ова беше во близина на селото Проздивиште. По неколку дена добивме наредба да удриме (нападнеме) едно село се викаше Вишња, Костурско. Тргнавме вечерта, не беше многу далеку околу три-четири сата одење. Стигнавме рано и се распоредивме кој од која страна ќе напаѓа. На нашиот вод се падна да нападне од долната страна на селото. Тоа село беше под планината Вичо. Го нападнаа прво од горната страна на селото, од кај планината. Ние од долната страна никако не можевме да се доближиме поблиску до селото, бидејќи таму имаше бавчи и имаше дрвена ограда (плет), имаше и еден трап полн со капини. Кога почнаа нашите јако да пукаат, тие сигурно отидоа сите нагоре, бидејќи никој не пукаше на нашата страна и ние го искористивме моментот да се доближиме поблиску до селото. Се прекачивме преку тие плетишта и се искачивме поблиску до куќите. Се гледаа прозорците од каде што пукаа, кога пукаа со ракети беше како дење, се се гледаше. Штом ги видовме дека пукаат од прозорците и ние почнавме да пукаме директно во прозорците. Инаку ние немавме намера да го завземеме селото, сакавме само да ги исплашиме. Кога се повлекувавме, јас бев скриен позади еден плет, бидејќи се уште пукаа, една ракета падна врз мене. Јас се уплашив да не се запалам и почнав да се тркалам по земјата надолу. Немаше каде и се лупнав во трапот, во капините, се заплеткав и тешко ми беше после да излезам. Сите веќе си заминаја кога јас едвај се извлеков од капините и тргнав по останатите. Стигнав на местото и ме прашаа дали има некој позади мене останато, јас им реков дека сум последен. Се собравме сите и се одморивме таму еден ден. |

























