|
|
| Преживеаните борци од Граѓанската војна во Грција: Фана Митревска |
РУСКИТЕ АВИОНИ МЕ ОДНЕСОА ВО УНГАРИЈА, А ДЕЦАТА СИ ГИ НАЈДОВ ВО ЧЕШКА Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Фана Митревска, е родена во село Граждано, Леринско, Егејска Македонија, во далечната 1922 година. Како и повеќето наши соговорници, така и таа основното училиште го завршила во родното село, на грчки јазик. Баба Фана се потсетува на Метаксасовата диктатура и на паричните казни кои се одредувале за оние кои ќе проговореле на македонски јазик. Тоа се случувало и со нејзиниот татко, поконкретно парично го казнувале затоа што на својот добиток му се обраќал на македонски јазик. Сепак, во домашни услови, скришум во нејзиното семејство се говорел мајчиниот јазик. Во училиштето учителите ги карале доколку проговореле на македонски јазик. Митревска потекнувала од револуционерно семејство, кое се истакнало уште во османлискиот период. Како младинка го помагала ЕЛАС, им носела храна и оружје. За време на Граѓанската војна во Грција, во нејзиното село постоел народен одбор, а во 1947 година најпрво ги мобилизирал мажите. Во тој период жените им помагале, но се враќале дома кај децата. Нивниот ангажман станал поактивен на почетокот на 1948 година кога и тие биле мобилизирани. “Н# однесоа на обука во околината на Преспа. Таму бевме шест месеци, а првата борба ни беше во Лерин, во 1948 година. Еден шрапнел од мина ме погоди во пределот на бубрезите. Со помош на еден поручник бев однесена во Ерменско. Во тамошното училиште имаше импровизирана болница. Таму ми ја преврзаа раната, но пред да интервенираат посеопфатно, болницата беше нападната. Јас и поручникот успеавме да се извлечеме и да дојдеме до Псодари. Во ова село имаше камиони кои пренесуваа песок, се качивме на нив и заминавме во селото Лак. Потоа со кајче ме префрлија во главната болница во Пешта - Граждано”, се потсетува Фана. Таа раскажува и за тоа како страдала поради тоа што не знаела каде се нејзините деца. Всушност, и нејзините деца ја доживеале судбината на децата бегалци. Животниот пат на Фана продолжил во Церје-Албанија, каде била мажена нејзината сестра, а потоа во Корча каде останала до 1949 година. “Бев многу болна, ниту јадев, ниту пиев, само плачев. Иако доаѓаа бродови кои ги носеа војниците во Русија, ние кои бевме болни останавме. Ми велеа дека ќе умрам по патот ако тргнам со нив. Дојде еден доктор Русин од Југославија, ме однесе на рендген и ми рече: 'Ти имаш здрав организам затоа и си издржала досега, но ако продолжиш вака ниту Господ не те спасува, децата ќе ги најдеш, а ти прибери се'. Го послушав неговиот совет и почнав да заздравувам. Откако се расипаа односите меѓу Сталин и Тито ние останавме ниту горе ниту долу. Дојдоа руски авиони и преку Белград н# однесоа во Унгарија”. Во оваа држава Фана прво била сместена во цивилна, а потоа во воена болница каде им давале засилена храна затоа што биле исцрпени. Од болницата биле префрлени во резиденцијата на кралот Хорти. Оваа резиденција била претворена во инвалидски дом, а неговите нови станари се занимавале со земјоделски работи. Потоа Митревска заминала за Белоѓани. Во меѓувреме дознала дека нејзините деца се наоѓаат во детски дом во Чешка. Со помош на Меѓународниот црвен крст заминала во таа земја, каде се сретнала со своите деца, со свекрвата, мајката на нејзиниот прв сопруг, кој починал во војната, и со нејзината сестра, која имала улога на “мајка” во домот. Во Чешка се вработила во фабриката за изработка на железни синџири, а во таа држава го запознала и нејзиниот сега веќе покоен втор сопруг, кој потекнувал од Егејска Македонија, Меглен, Бахово. Судбината ги споила токму во таа далечна земја, каде им се родил синот Јован. Вториот сопруг студирал на Карлов универзитет, а подоцна работел во електрана. Тој, исто така, бил борец, одликуван со орден за храброст во Втората светска војна. Се истакнал во борбите со балистите во Западна Македонија, а во Граѓанската војна во Грција се борел на потегот Меглен -Кожув - Ниџе. Но, поради Информбирото завршил во Чешка. Семејството на Фана извесен период живеело во оваа земја, а во 1967 година се доселило во Македонија. Две години живееле во прифатилиште во Кисела Вода, а од 1969 година до денес таа живее во стан, изграден со средства од ОН, наменети за бегалците, во скопската населба Карпош. Од книгата “Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните” Жаклина Митевска Ташко Јованов |
Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Фана Митревска, е родена во село Граждано, Леринско, Егејска Македонија, во далечната 1922 година. Како и повеќето наши соговорници, така и таа основното училиште го завршила во родното село, на грчки јазик. Баба Фана се потсетува на Метаксасовата диктатура и на паричните казни кои се одредувале за оние кои ќе проговореле на македонски јазик. Тоа се случувало и со нејзиниот татко, поконкретно парично го казнувале затоа што на својот добиток му се обраќал на македонски јазик. Сепак, во домашни услови, скришум во нејзиното семејство се говорел мајчиниот јазик. Во училиштето учителите ги карале доколку проговореле на македонски јазик. Митревска потекнувала од револуционерно семејство, кое се истакнало уште во османлискиот период. 
























