|
|
| Преживеаните борци од Граѓанската војна во Грција: Трајко Поповски |
ГИНАТ ОНИЕ КОИ СЕ НЕВИНИ И ОНИЕ КОИ ЈА САКААТ ПРАВДАТА![]() Некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Трајко Поповски, е роден во село Орово, Леринско, Преспа. Три одделенија од основното училиште завршил на грчки јазик. Селото Орово е чисто македонско село, а и реонот на Преспа е чист македонски, во него има 16 македонски села. Во Орово имало триесеттина куќи. По капитуланскиот договор во Варкиза,12 февруари 1945 година, грчката десница со помош на Англичаните ја зацврстила својата власт. Почнал да се спроведува невиден терор врз демократското население во Грција, пред се, врз Македонците, а цел им била нивно физичко истребување. Поради ваквиот терор врз Македонците од овој дел на Егејска Македонија се појавила потребата за формирање антифашистичка организација, која би застанала на чело на одбраната на македонскиот народ. За исполнување на таа цел во 1945 година била формирана Македонска народноослободителна организација НОФ на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, НОМС и АФЖ и партизански одреди. Но, кога грчките реакционерни власти дознале за формирањето на овие организации и партизански одреди, жестоко се нафрлиле врз мирното македонско население. За да го избегнат бесот на грчките власти голем број преспани го напуштиле родниот крај и преминале во слободниот дел на Македонија. Во тоа време во Преспа, Грција, била воспоставена жандармериска власт, која ги окупирала сите села од Долна Преспа и ја затвориле границата кон Југославија. Полициски станици имало во Орово, Герман, Папли, Лак и др. Партизанските движења се засилиле во 1946 година, а Македонците кои биле уапсени монархофашистите ги малтретирале во една куќа во село Папли, Преспа, која служела како затвор. Така почнала Граѓанската војна. “Првата пушка пукна на 31.3.1946 година во Литохоро и со тоа беше означен почетокот на Граѓанската војна. Втората вооружена борба се случи во Преспа, во селото Лак. Како резултат на оваа борба, целата владина војска и полиција се повлекоа од Преспа, која стана слободна територија на ДАГ. На 23.12.1947 година во селото Асамати, Преспа, Република Македонија, се формира привремената демократска влада на ДАГ од Грција, а седиштето на владата требаше да биде во грчкиот град Коница. На 15 август 1947 година се одржа Третиот пленум на ЦК на КПГ, на кој се расправаше за воените прашања. Се донесе решение и се истакна паролата: Сите на оружје, се за слободата и победата. Едно од решенијата беше да се направи и слободна територија на Кожанската висорамнина на (Каракамен) кон Кајмакчалан и Вичо. На овој Пленум не присуствуваше ниту еден македонски претставник на НОФ, кој во активностите партиципираше со 50 проценти со воени ресурси. На 27 септември 1947 година Главниот штаб на ДАГ во реонот на Вичо издаде наредба за мобилизација на сите луѓе од 17 до 35 година во реонот Вичо-Преспа, Костур и други. Преспа стана слободна територија, подоцна и седиште на Главниот штаб на ДАГи на привремената влада и главна база на движењето. Тука беше сместена и партизанската болница за подрачјето на Вичо, Нивици, Орово, Граждано и Пештерата”, се потсетува Поповски. Тој раскажува и за постоењето на офицерската школа во село Раби, а пунктот за обука на борците, односно полигонот бил стациониран во село Рудари. “На 1 јуни 1947 година јас и останатите од селото се пријавивме и заминавме во селото Рудари, каде што се вршеше групирање на борците, кои доаѓаа од од сите области, градови и села, односно од Леринско, Костурско, Воденско, Кукушко и од други места. Во Рудари се вршеше обука, запознавање со оружјето. Таму бевме месец-два, а по обуката н# распоредуваа во единиците на ДАГ. Јас бев распореден во 105. бригада, 2. баталјон”, објаснува нашиот соговорник. Поповски го потенцира и дејствувањето на терен на овој баталјон: Клефтис во јуни-август 1947/1948 година, Вичо и Малимади во септември 1948 година, Бигла-Лерин на 12 февруари 1949 година. Во тој реон дејствувале с# до 8 октомври 1949 година кога биле победени од владината војска и фашистичкиот режим во Грција. Трајко Поповски се потсетува и на непријатностите во војната. Во февруари 1948 година, за време на една акција со непријателот, од студот му замрзнале нозете поради што бил испратен во привремената болница во подножјето над селото Желево. Таму престојувал еден месец, по што повторно бил вратен во неговата единица. На 12 февруари 1949 година, при нападот на градот Лерин, бил ранет во десната нога и однесен во истата болница во Желево. Имал помала повреда и брзо закрепнал. Се вратил во борбите. Но, тогаш 105. бригада била споена со 113. зашто имало многу убиени борци-деца. Поповски продолжил да се бори се до поразот од владините сили на Грција на 30.10.1949 година, кога по наредба на ДАГ и на привремената влада се повлекле во насока на границата со Албанија. “Нашата единица - дополнува Поповски - при повлекувањето се движеше од Вичо, Руља, Брезница и навлеговме во албанска територија. На 200 метри влезени во албанска терориторија, во присуство на воен претставник од албанска страна и на претставник од ДАГ, го предадовме оружјето. Таму не чекаа воени камиони со кои н# пренесоа во градот Пренес, каде останавме неколку дена. Едно утро не построија и ни рекоа: кој ќе биде прозван по име и презиме да помине на другата страна во редот. Меѓу 75 прозвани бев и јас. Тоа беа, пред се, млади луѓе. Се шушкаше дека сме биле прозвани за да одиме на помош на некоја наша единица во Грција, која била опколена од владината војска. Но, не било тоа, туку имало договор меѓу ДАГ и полските власти да заминеме во Полска. Така, од Пренес заминавме во градот Шкодра. Таму не истоварија и ни рекоа дека ќе останеме неколку дена, но не ни кажуваа зошто и каде понатаму. Јасно ни беше дека овде ќе останеме подолго време, зошто овдешните касарни се празнеа специјално за нас. Тие беа оградени со ѕидови, а во внатрешноста имаше и здравствен дом. Тука останавме речиси еден месец, по што не натоварија во камиони и н# однесоа во Тирана. Следниот ден пристигнаа руски авиони и заминавме за Будимпешта, Унгарија. По двомесечен тамошен престој заминав за Чешка, а потоа за Полска, каде престојував од ноември1949 година се до 1962 година кога се вратив во Македонија. Во Полска завршив вишо образование, а по доаѓањето во Македонија работев како раководител во 'Славија'. Се пензионирав во 1981 година и денес земам боречка пензија”, вели Поповски. Сепак, напомнува дека иако на почетокот на војната, 1947 година, мобилизацијата била доброволна, во 1948 година станала присилна. Раскажува и за тоа како плачот на мајките на децата кои биле премногу млади земени за војна, па дури и вратени од земјите каде заминале како деца бегалци за да се борат во Грција, бил пресуден за одлуката на Комисијата децата да бидат вратени таму од каде што биле земени. Такво нешто очекувал и Поповски кога во болницата во која престојувал го посетила истата Комисија, но ја немал таа среќа. Потсетува и на тоа како дознал за ранувањето на брат му, иако првичната информација била дека тој е загинат. Всушност, загинатиот бил нивен братучед. Братот на Поповски ја загубил ногата. Се лекувал во Катланово и во Војводина, но кога Тито ги расипал односите со Грција издал наредба овие борци да заминат таму каде им се семејствата. Така, неговиот брат заминал за Чешка, каде биле неговата сопруга, мајка и деца. Завршувајќи го разговорот со Трајко Поповски, тој истакна: “Им порачувам на сите мирољубиви народи таква војна никогаш да не се случи зашто гинат оние кои се невини и оние кои ја сакаат правдата. Всушност, оние кои ја сакаат правдата никогаш нема да бидат признати, така беше и со нас Македонците од Грција”. Од книгата “Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните” Жаклина Митевска Ташко Јованов |


























