|
|
| Од мемоарите на Трифун Михаилов (8. дел) |
|
роден во 1925 година с. Гугово Воденска околија Кога влегов дома, погледнав на баријата (саатот), беше три по полноќ. Сега саатот беше три и пол. Станав да си одам. Мајка ми ми го наполни ранецот со леб, сирење, колку што можев да носам. Се поздравив и си заминав кај моите другари. Излегувањето од селото беше уште потешко, зошто бев товарен. Полека, полека, како што дојдов од куќа на куќа, излегов од селото и стигнав кај другарите. Кога ме видоа, станаа и ме прашаа зошто толку сум се задржал. А јас бев дома само пола саат. Веднаш ми побараа леб, а јас им велам: И јас мислев дека кој знае колку ќе можам да јадам, но не можев Сега ќе ве одведам кај една вода и таму ќе се најадете! Ги одведов на нашата река Корада, голема река, од таму извира. Требаше да се помине над реката, таму беше тесно како сокак и таму монархофашистите секогаш паравеа заседи. Тоа место инаку беше многу опасно за партизаните, бидејќи немаше друго место за поминување. Од таму се попминуваше од планината Вермион за Кајмакчалан. Ама, сега ние имавме среќа, немаше никој. Одејќи цела ноќ не раздени над селото Нисија. Таму не беше опасно, таму беше слободна територија, одевме и дење, не се плашевме. Стигнавме до село Родиво па Тресено и заминавме за колибите на Ќехаја. На тоа место имаше партизани, таму се одморивме, ни дадоа јадење и нови одела. Оделата т.е. униформите беа црни, убави. По некое време дојде еден курир со автомат и ни рече да се спремиме да одиме. Ние мислевме дека некаде блиску, бидејќи ни рече: Дојдете по мене! Кога го прашавме дали е уште далеку, тој само се насмеа и рече дека има уште малку пат. По три четири сати пат стигнавме до едни колиби. Ни рече да почекаме малку, по неколку минути дојде по нас и не однесе до едни колиби. Едната колиба беше убава, таму беше главниот штаб на Кајмакчалан, генерал Статис беше главен на таа област. Не ставија во една колиба, спиевме цела ноќ како заклани. Сабајлето почнаа да не викаат по ред во штабот за да ни земат податоци. Поминаа двајца, тројца и дојде ред на мене. Влегов во колибата. Внатре беа двајца облачени во хаки и се познаваше дека беа со големи чинови. Едниот од нив беше Статис, генерал на сите партизани во Кајмакчалан. А другиот беше одговорен за сите партизани, (по грчки СТРА - ТОЛОГОС) тој ги мобилизираше партизаните. Почнаа да ме прашуваат кој сум и од каде сум. Им кажав дека сум од село Гугово, од 1943 година сум партизан. После Варкиза заедно со татко ми Томе Михаилов дома не спиевме, се криевме, се додека не го фатија татко ми и не го стрелаа со Мирка Гинова. Од тогаш дома не сум бил и несакам да одам, сакам да се борам против фашистите. Ме пофалија и ми рекоа да си одам. По мене го викнаа едно момче од село Тресено. Тој беше верен и сакаше да си оди дома, не сакаше да остане повеќе со партизани. Таа вечер го ставија во една колиба под стража, но стражарот заспал, сите заспале и тој избегал, за да си оди дома. После разбравме дека го фатиле и го снема, повеќе не го видовме. Мене на другиот ден ме пратија на Пожарските бањи, затоа што многу ме болеа нозете, имав реума. Во бањата останав една недела, после ме пратија да работам т.е. да печам леб во една фурна во марибор (рамнобор). Таму работеа три девојки и јас требаше да им помагам. Таму бев скоро еден месец, незнам точно. Еден ден дојде еден курир од штабот и ми даде едно писмо. Ми рече дека ќе одам на друго место, во друга фурна, местото се викаше Кацика. Јас на другиот ден заминав кај Кациката. Таму ме чекаше еден грк, тој таму сам печеше леб и му беше тешко да постигне. И таму не останав долго, но за тоа време додека бев таму, гркот ме учеше да се борам. Тој беше пеливан, беше од Солун и тренирал таму во еден клуб. Знаеше добро и технички и тактички да се бори. Ми викаше дека сум многу јак, ама незнам правилно да се борам. По некое време, почнав да му давам отпор, па и да го соборувам. Бев силен затоа што во фурната јадевме колку сакавме и силата ми се врати. Во селото како дете никој не можеше да ме победи, уште од мал сум сакал да се борам. Поработев уште некое време и пак ме однесоа во друга фурна. Ме пратија во едно село долно Родиво. Во тоа село требаше да месам леб за цел батаљон резервисти, на чело со мајор Вангел Илинденски. Тој се познавал со татко ми. Така почнав да месам леб во долно Родиво. Таму ми даваа по еден партизан секоја вечер за да ми помага. Дење две фурни, ноќе две фурни вадев леб. Тука беше еден мој пријател од селото, Мици Пецуков курир, тој одејќи од Вермион за Кајмакчалан и назат поминувал и во нашето село. Така разбрала и мајка ми дека сум во село Родиво, а селото беше блиску до нашето село. Ја гледам еден ден мајка ми, со две торби јадење, дојде. Јас тука имав јадење колку сакаш, ама мајка ми незнаеше и ми донесе. Кога ја видов многу се израдував, ја гушкав силно, силно.... Дојде дента, а на другиот ден требаше да си оди и отиде кај Вангел за да го замоли да ме пушти да си одам дома неколку дена. Вангел ме викна и ме праша дали сакам да одам со мајка ми дома некој ден. Јас му реков дека сакам, ама нема кој да пече леб. Тој само се насмеа и ми рече дека ќе се снајдат, само јас да не се забавам и да стигнам навреме. Така ние со мајка ми тргнавме за дома. Пешачевме цел ден, вечерта стигнавме во селото. Ја прашав мајка ми дали е опасно, кај се бурандарите и како ќе влеземе во селото. Мајка ми рече дека бурандарите доаѓаат само дење, навечер се плашеле. И така влеговме во селото и дома. Дома беа сите, брат ми Петре, сестра ми Вангелија и најстарата сестра Марија. Кога ме видоа многу се израдуваа. Ме видоа дека сега бев убаво облечен, со црна униформа и не барав јадење. Дома останав три дена, сите дојдоа да ме видат, поготово девојките од селото. Кога седевме во дворот се гледаше и се слушаше како ѓулињата од топовите кои што пукаа од Воден, летаа над селото. Девојките се плашеа, а јас, бидејќи можев да проценам кај паѓаат, им викав да не се плашат, овие не се наши, одат на друго место (мислев на ѓулињата од топовите). Го прелетуваа нашето село и некаде позади планината пукаа. Јас дење одев во полето, а ноќе спиев дома, ми беше страв да не дојдат бурандарите. Останав дома три дена и дојде време да си одам, да се вратам назат кај партизаните. Ме испраќаа мајка ми, сестра ми Вангелија и уште три девојки. Двете беа сестри Тица и Цана и трите ме сакаа. Ме испратија скоро до село Нисија, тука се поздравив со сите и тргнав, но Цана ме испрати најдалеку, таа ме сакаше најмногу. Кога стигнав во Долно Родиво веднаш отидов кај Вангел да се јавам дека стигнав. Му кажав дека многу убаво си поминав, се видов со сите другари и другарки, се наспав, се најадов и сега сум спремен повторно да месам леб. Му реков дека и дома им месев леб и ме пофалија оти се научив да правам убав леб. Мајорот Вангелис само се насмеа и ми рече да одам и тука да испечам добар леб, за да се најадат сите. Кога отидов во фурната таму имаше две жени од село Тресино, нив ги викнале место мене да печат леб за батаљонот. Кога ме видоа се израдуваа, ме прашуваа како си поминав дома и после си заминаа. Во фурната останав сам да печам леб и не можев да постигнам, па ми пуштија еден помошник кој што немаше појма од леб, знаеше само да го јаде, а друго во врска со лебот, ништо не знаеше. Се викаше Грегори, беше грк. Еден ден се запна да се бориме. Му велам: Ти со мене не можеш! Ќе те кутнам додека да кажеш кромид. Тој не веруваше и ме мепредизвикуваше, физички изгледаше покрупен, па си мислел дека може да ме победи. Му реков да одиме негде на трева, на помеко, зошто кај што бевме беше калдрма, да не скршиме рака или нога. Несакаше да ме послуша и се грабнавме. Дури се освести што се случи, јас го кутнав и му ја скршив десната рака кај рамото. Почна да вика, да офка. Јас му велам: Ќе одиш кај мајорот Вангел, тој ќе те пушти во нашето село кај мајка ми,она знае каде да те носи.И така го пуштија да си оди, после тоа незнам што сеслучи со него. |

























