|
|
| Од мемоарите на Трифун Михаилов (7. дел) |
|
роден во 1925 година с. Гугово Воденска околија Еден ден тргнавме за едно друго село, се викаше Милиано. Ни таму не се задржавме многу, по ден ипол тргнавме на друго место, во село Купурја. И тука не се задржавме многу, два дена, на третиот ден утрото в зори ни рекоа дека ќе одиме за Грамо, голема планина и многу далеку. Тогаш многу македонци се откажаа, јас морав да останам затоа што ми откажаа нозете, имав реума и ме оставија, ми рекоа да се вратам во селото Мелиси. Во селото Купурја се најдов уште со двајца и од таму тргнавме за село Милиано. Во тоа село ни се придружија уште двајца и така тргнавме за село Мелиси. После два дена стигнавме во селото. Таму имаше еден грк Мичо, јас го познавав, беше добар, ако беше грк. Тој беше магационер и се што имаше во магацинот за јадење, тој ми даваше. Во ово село видов чудно нешто. Неколку деца што ги видов имаа по шест прсти и на раце и на нозе, такво нешто до тогаш не сум видел. Во ова село седевме неколку дена, за да се одмориме добро, затоа што не чекаше долг пат. Еден ден дојде еден курир, рече дека патот ќе биде долг и дека храна ќе земеме од тука. Другиот ден тргнавме рано на сабајле. Одевме дење ноќе од Хасија до Андихасија, така се викаше тоа место. Така стигнавме до Алисона, тоа е едно поле што нема крај. Стигнавме таму рано наутро и лежевме таму во житото цел ден. Курирот ни рече дека не смееме да се движиме до стемнување, за да не не примети некој. Прегладнети си роневме жито и си јадевме, а сонцето не печеше немилосрдно, ќе умревме за вода. Откога зајде сонцето, дојде курирот по нас со уште еден и тој, како и нашиот командир имаше автомат. Нашиот курир ни вика: Од тука па натаму тој ќе ви биде курир, тој ќе ве води! Така тргнавме со него, одевме цела ноќ и му викаме дека тука во близина има извор, да пиеме вода. Курирот рече дека треба да брзаме и дека вода ќе се напиеме кај една река што требаше да ја поминеме. Одмор имавме само петнаест минути, се брзавме зошто имаше едно опасно место кое требаше да го поминеме ноќе, за да не не приметат бурандарите. Стигнавме взори во едно село кое се викаше Скотерна, тука имаше партизани. Во тоа село се најдов со еден мој соселанец Иљо. Тој ми зборуваше македонски, јас грчки, тој почна да се смее. Ми вика: Е,Трифунче, ги заборави македонците, зборуваш грчки!? -Не! му велам, ама таму кај што бевме во Тесалија ни забранија да зборуваме по македонски. Во тоа село останавме само неколку саати, за ручек ни дадоа грав, се најадовме и ни рекоа да се спремиме за пат. Од ова село не презеде друг курир. Се поздравивме со Иљо и тргнавме. Одевме само по планини,кога стигнавме до планината Вермион, курирот ни рече дека од тука треба да продолжиме сами, ни објасни каде да одиме и ние продолживме сами. Таму долу кај што стигнавме, беше многу топло. Беше мај месец, снег таму не се задржува, а во планините кај што бевме ние имаше и снег. Ние додека одевме сами никого не сретнавме, партизани немаше, оружје немавме, само една рачна бомба (ние ја викавме лимонка имаше таков облик). Одевме полека зошто бевме уморни и гладни. За јадења немавме ништо, со денови јадевме корења, лисја од бука. Кај што ќе најдевме место без снег копавме корења, некои беа слатки, некои горчливи, а некои лути. Така поминавме 15 - 20 дена. Кога стигнавме кај планината Вермион, на едно место што се викаше Ливадја (ливадица) јас се почувствував како дома. Како дете со татко ми одевме на ова место да собираме дрва. Но, сепак беше ноќе кога стигнавме таму и не можевме баш да се снајдеме, а бевме и преморени после толку лутања по планините. На едно место си застанавме да се одмориме и сите заспавме. Кога се пробудивме, што да видиме.... Подоле од нас околу сто метри имаше бурандари, кралска војска. Ние полека, полека ползејки се извлековме од таму без да не видат. Одевме што подалеку од нив, ама незнаевме на кој крај да фатиме, каде да одиме? Одевме нагоре, надоле и од едно повисоко место како да ми беше познато местото што го гледавме пред нас. Почекавме да се стемни и се симнавме долу. Е овие ливади ги знам, местото ми беше познато. Им велам на другарите - Е сега,знам каде сме! Сега ќе одиме по овој пат, а тој пат не води во село Кадрево. Тоа село беше напуштено, немаше никој таму, си поминавме слободно. Стигнавме на Мухарем Хан. На тоа место имаше колиби, од селото Росилово. Таму чуваа стока, овци, кози. На ова место, како што реков предходно, се спојуваа патот и пругата. Тука поради тоа се водеа често борби со грманците, а и сега со монархофашистите. Местото беше близу до нашето село, беше опасно но, јас го знаев местото како својот џеб. Тука порано, кога бев дете ставав примки (стапици) за зајци и лисици. Кога стигнавме до едно место им велам на другарите да застанеме и да наслушнеме малку да не има нешто во близина. Се беше мирно, станавме и сите тргнаа по мене. Стигнавме до една наша река, Сува река се вика, само за време на големи дождови има реката вода и носи со себе многу камења, дрва и песок. Седнавме да се одмориме и јас им велам: Јас ќе одам дома да се видам со моите и да земам малку храна! Јас се плашев од бурандарите, а другарите се плашеа да не се предадам, па и нив да ги предадам. Јас им реков дека мојата историја е чиста и нема од што да се плашат, само чувајте ми среќа за да се вратам жив и здрав за да донесам малку јадење, зошто немавме јадено скоро петнаесет дена. Ги оставив на едно место и им реков таму да ме чекаат. Отидов за селото одоколу, затоа што низ селото имаше војска, патрола низ селото поминуваше, кучињата лаеја. Се решив да влезам во селото низ полето, низ бавчите. Тешко беше, а немав ни оружје. Влегов во селото. Од ќоше на ќоше, застанав за да слушнам каде лаат повеќе кучињата значи таму е патролата. Стигнав до мојата куќа, но светло немаше нигде. Влегов во дворот и кучињата почнаа да лаат. Ја познав Шаренка, нашата кучка и и викнав: Шаренка, дојди! Таа веднаш престана да лае, дојде до мене и почна да цвили, да ми се гали. Јас ја гушнав и без да сакам почнав да плачам. Кога станав да одам горе по скалите, едно мало кученце ме касна позади за ногата, малото кученце беше од Шаренка. Не ме касна силно, изгледа сакаше да му обрнам внимание и на него. Тропнав на вратата, по кратка пауза се отвори вратата. Да отворат врата им беше страв, ама бидејќи кучињата не лаат, сигурно е некој познат. Отвори мајка ми.Внатре беа сите и брат ми и сестра ми Вангелија. Тие почесто си идеа дома. Брат ми го запали опаљачот за да се видиме. Кога ме видоа почнаа сите да плачат, плачев и јас. Мајка ми ме гушкаше, ме гушкаа и сестрите за нозе, за раце ме гушкаа, сите ме гушкаа и сите плачевме. Влегов во собата, мајка ми го запали кандилцето на газија и повеќе се гледаше во собата, бидејќи прозорите беа со ќебе затворени, да не се гледа од надвор. Кога влегов во собата несакајќи погледнав лево и видов една клупа полна со сомуни, леб и и реков на мајка ми: Ма, мајко,овој леб е цел ваш? Она ми вели: Што? Незнаеш оти така го клаваме лебот? Си заборавил?! Седнав и им реков дека сум гладен. - Сега, на мајка! - ми рече мајка ми и веднаш го запалија огнот и ја ставија пиростијата (тавата). Месо имаа колку сакаш, сирење, јајца, се имаа дома. Почнаа да пржат, да спремаат јадење. Сестрите ме соблекуваа, јас немав ни чорапи, а камоли обувки, опинците само долу се држеа на парче кожа, панталоните ми беа искинати, кошулата скоро без еден ракав.... Ме облекоа добро, ми дадоа нови чорапи, кошула, фанела (џемпер), панталони и нови опинци. Но, кога седнав да јадам, не можев да јадам. Каснав еден залак, го џвакав го џвакав но, не можев да го голтнам. Им побарав вода за да го голтнам залакот. Само три залака каснав и се најадов. Мајка ми и сестрите плачеа, а јас им велам: Затнато ми е грлото, стегнато ми е! Зошто десет петнаесет дена немам јадено ништо! |

























