|
|
| Преживеаните борци од Граѓанската војна во Грција: Стојан Трпчевски |
Смислен потег да се исчистат македонцитеКој и зошто ја смисли Граѓанската војна во Грција? Ако однапред се знаеше нејзиниот исход - чистење на македонското население во Егејскиот дел на Македонија, и ако уште тогаш Комунистичката партија на Грција не ги признаваше Македонците, односно ги нарекуваше славомакедонци, тогаш имаше ли смисла учеството на Македонците во првите линии на фронтот?Овие и ред други прашања си ги поставуваме не само ние, туку и нашите соговорници, учесници во Граѓанската војна во Грција. Еден од нив е и господинот Стојан Трпчевски. ![]() “Се боревме за татковината, тоа беше наш идеал. Во 1946 година се групираа единиците, во 1947 година се формира ДАГ, а кон крајот на истата година ДАГ доби привремена Влада. И ние имавме македонски организации како, на пример, НОФ. Направивме договор меѓу македонското НОФ и грчкото КПГ. Договорот беше дека кога ќе ја ослободиме Грција ќе добиеме автономија, јазик, школи. Со тие идеи одевме напред, не гледавме дали ќе загинеме. Но, што се случи, потоа... Паднавме на испит. И во текот на војната, во КПГ н# нарекуваа славомакедонци, на што им се спротивставувавме, а и не бевме многу сигурни дали доколку успееше Граѓанската војна, КПГ ќе ни го дадеше тоа што ни го вети”, вели Трпчевски и дополнува: “Во текот на војната имаше многу предавници од редовите на ДАГ. Затоа ја одложија битката на Лерин. Нашите борци се предаваа само за да бидат со своите фамилии, а имаше и други паравоени формации. КПГ наоѓаше триста начини да н# убедува како да останеме таму. Сепак, погледнато од денешен аспект, произглегува заклучокот дека некој ја смисли оваа војна за да се исчистат Македонците од Грција. Евакуацијата на децата беше по наредба на КПГ. И денес КПГ не н# признаваат како Македонци. Страшна беше глетката кога во април-мај 1948 година ги собираа децата. Македонците наседнаа. Веројатно тоа беше намерна чистка, а пред да се евакуираат децата, грчката кралица Федерик имаше дадено наредба сите деца од тие села да се соберат и да се однесат во Атина за да ги направи јаничари. По војната, до 1950 година, таму останаа некои борци на ДАГ, а тоа беа оние кои беа затворани во концентрациони логори. Оваа Граѓанската војна во Грција многу потсетува на онаа во Македонија во 2001 година”. Го прашавме зошто, кога веќе знаеле дека КПГ, и покрај спротивставувањето од нивна страна, продолжува да н# ги признава како Македонци, останале да се борат? “Имавме наши организации, АФЖ, НОМС. Тие ја водеа политиката. Јас бев само војник. Всушност, уште со самото доаѓање од Гевгелија во Грција, кога се регрутиравме во Армијата, отворија книга да н# евидентираат и н# прекрстија. НОФ имаше бази во Југославија, Македонија, а нашите раководители навиваа да останеме таму. Дури и ако некој се вратеше не му даваа работа, го нарекуваа дезертер. Иако и денес н# нарекуваат славомакедонци, сепак годинава ја прифативме поканата на КПГ, ја посетивме масовната гробница во Лерин, зашто тоа ни е единствен начин да ги посетиме местата каде што се боревме и каде загинаа нашите другари”, потенцира Трпчевски. ПотсетувањеГосподинот Стојан Трпчевски е роден 1928 година, во Сетина. Пред да се вклучи во редовите на ДАГ бил војник во ЕЛАС, во 1944 година. Тој се потсетува на времињата кога, по демобилизацијата од ЈНА, биле собрани во еден баталјон во старата воена болница во Скопје и на 3 ноември 1947 година, преку Гевгелија, заминале на Пајак Планина во Грција. Првата битка која ја воделе била на 26 ноември, истата година во селата Струпино, Пожарско, во околината на Соботско.“Монархофашистите н# нападнаа со авиони. Убија две-три момчиња. Таму престојувавме неколку дена, а потоа дојдовме во бањата во Пожарско и оттаму истата група, преку Кајмакчалан, замина во леринската околија. Јас бев водач на групата, зошто таму сум роден и местата ми беа познати. Во Сетина н# распоредија да спиеме по куќи. По неколку дена, преку курир кој беше испратен од Вичо, дојде наредба дека бидејќи сега теренот е чист, за разлика од претходно кога паднавме во заседа, да тргнеме од селото Сетина кон Вичо. Така, спокојно заминавме за Вичо, а претходно во Желево, па добивме распоред во кои единици да бидеме распоредени. Мене ме распоредија во 105. бригада. На Вичо останавме до крајот на 1947 година. Во 1948 година почнаа силните борби на Грамос. Не учествував на битките на Грамос затоа што ме повикаа во Главниот штаб во село Граждано, каде ми побараа да најдам свои луѓе за да формираме баталјон за известување, односно информативен баталјон. Задачата ја завршив, односно најдов луѓе од леринската околија и ја формиравме информативната група. Наша обврска беше да ги информиравме штабовите колку монархофашисти има, каде се распоредени, како се вооружени итн.”, раскажува Трпчевски. На 28 август 1948 година, објаснува нашиот соговорник, Демократската армија од Грамос се повлекла на Вичо, зашто немала каде, загинал многу народ. По престројувањето на единиците, се воделе борби на Вичо. Еден дел од ДАГ се вратил на Грамос, а тој со неговата група водел борба на Малимади, во чија околина се селата Лапаница, Косинец, Вмбел, Дмбени... “Откако стивна борбата се повлековме во селото Брезница. Нашиот баталјон го повикаа во штабот и ни рекоа да војуваме самостојно. Односно, ако до пред тоа бевме во ДАГ сега требаше да војуваме самостојно. Мене ме поставија за командир на 180 луѓе. На сите им дадоа по еден германски митралез, а секој имаше своја задача, да контролира три-четири села на потегот од Кајмакчалан кон Вичо и обратно”, вели Трпчевски. Тој потенцира дека уште од октомври 1948 година се шушкало за нападот на Лерин. Со тоа “предавниците” му дале повод на непријателот добро да се вооружа. Заедно со пет-шест луѓе од групата Трпчевски го испратиле во офицерската школа” Петти ред” во селото Раби, во околината на Преспа. “Помина 1948 година и дознавме дека Захаријадис рекол оти ќе го нападнат Лерин. Секој доби задача, јас отидов во Бела Вода, а други во Псодари. Лерин требаше да го нападнеме на 12 февруари, рано во зорите, но шпиунажата добро работеше. Иако официјално е запишано дека борбата е водена на 12 февруари, всушност битката на Лерин се случи на 13 февруари. Монархофашистите го искористија претходниот ден и добро се вооружаа, а на помош им дојдоа и авиони. Иако влеговме во Лерин, сепак не успеавме да ги поразиме монархофашистите и да го ослободиме градот. Бевме сардисани. Се вративме во Преспа и се стациониравме во Желево. Дел од армијата се врати на Грамос, а таму ДАГ капитулираше. Некои војски се стационираа во Албанија, други во Русија, Ташкент, трети во Југославија, Бугарија, Романија. Единиците се распрснаа и згасна целото движење”, посочува некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, во која неколку пати бил ранет. Првиот пат се лекувал во Албанија, вториот пат во Катлановска бања. Тито, раскажува Трпчевски, испратил свои доктори во Катлановска бања. Оние кои не можеле да се излекуваат ги носеле во Албанија, потоа во Нови Сад. По капитулацијата на ДАГ, борецот заминал прво во Бугарија, а потоа во Унгарија, каде се оженил, а во јануари 1955 година се вратил во Македонија. Денес тој е претседател на воените инвалиди на Сојузот на борците на Македонија - Чаир, и добива боречка пензија. Тој вели дека соработуваат со боречката организација од Лерин. Многу грчки војници починале во болницата Катланово, па затоа сакаат да изградат заеднички споменик. Затоа и отишле во Лерин за да воспостават соработка во тој поглед. Од книгата Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните Жаклина Митевска Ташко Јованов |


























