|
|
| Од мемоарите на Трифун Михаилов (5. дел) |
|
роден во 1925 година с. Гугово Воденска околија После тоа татко ми повеќе не доаѓаше дома, понекогаш јас си идев дома за да дознам нешто и да им донесам храна. Едно утро околу четири часот слушнавме пукање со пушки и автомати, на тоа место се криеја илегалците. Тоа место се викаше Тупуларод таму го убија и еден наш пријател Ристо Љакушев од Росилово. Тоа беше 26 март 1946 година. Дознав дека еден од село Росилово го фатиле во нашето блато (мочуриште) немал каде да бега и се сокрил во водата до гуша, ама не знаел да плива и така го фатиле. Се викаше Панде Коклев по некое време го стрелаа. По неколку дена го фатија еден наш соселанец Ѓорѓи Шивенов, и него го стрелаа. Така кога видоа дека сите што ќе ги фатат ги стрелаат, татко ми со другите илегалци заминаа во Почепската шума за да не ги фатат. Таму беа и другите илегалци, раководите ли таму беше и Мирка Гинова. На шести јули од проклети шпиони беа предадени и фатени шест мажи и една жена Мирка Гинова, а меѓу мажите беше и татко ми Михаилов Томе. Ги однесоа во село Влкојанево ги ставија во затвор и им удриле ќотек. На другиот ден ги однесоа во Воден во затвор, и таму ги држеа два - три дена. Кога беа во затворот, со мајка ми отидовме да ги посетиме. Мајка ми испече леб за да му го однесе на татко ми. Кога отидовме таму, стражарот го зеде лебот и целиот го искрши на ситни парчиња, го проверуваше да не има нешто внатре. Мајка ми го собра лебот во едно крпче и му го подаде на татко ми. Низ решетките на прозорот, татко ми само ја подаде раката за да го земе лебот и јас само ја видов неговата рака, него не го видов. Тоа беше последната средба со татко ми, ако може да се нарече така тоа што само му ја видов раката. Ја видов за последен пат раката која ме милуваше, која понекогаш ме укоруваше, која цврсто ме држеше, рака која што толку ја сакав..... Сега кога си ги гледам рацете исто како да ги гледам рацете на татко ми, имаме исти раце! Во тој момент дојде чичко ми,брат му на татко ми, кога ме виде таму ме тргна на страна, ми врза еден шамар и ме избрка од таму. Ми рече да бегам од тука и уште еднаш да не доаѓам. Тој знаеше дка јас сум со татко ми и дека можеа и мене да ме фатат. Јас од таму со трчање се вратив дома. На 26 јули во четири часот наутро ги стрелале. Кога ги суделе, тие неможеле ни да се бранат, ги осудиле во тајност, на смрт. Но кога ги стрелале таму бил и брат ми, ги гледал како храбро стоеле и пееле патриотски песни! Пред да го стрелаат татко ми, требаше да пратат младинци за Србија да се школуваат за политичари, арно ама не успееја. Откога го стрелаа татко ми и јас не сакав да одам, останав дома во Македонија. Така,кога дома кога низ плевните се криевме долго време. Но, сепак откога ги стрелаа татко ми, после полицијата поретко доаѓаше во селото. Така полека, полека се почесто идев дома, си работев како порано. Мајка ми откако ги стрелаа, неколку пати беше таму на местото кај што ги стрелаа и кај што ги закопаа, ги молеше полицајците да ги откопаат за да ги закопаат во селото, но не им дозволуваа. Имаше стражар на тоа место и не пуштаа никого таму. После неколку години кога сето тоа се смирило, отишле на тоа место и ги откопале. Мајка ми ми кажуваше кога ги откопувале, таа татко ми го познала по копчињата од униформата што ја носел. Мирка Гинова ја познале по тоа што кај коските имало огледалце, таа секогаш носела огледалце во џебот. И така роднините ги собрале коските од стреланите партизани и си ги закопале на своите гробишта. По некое време К.П.Г. се реши да мобилизира старо и младо, сите што можат да држат оружје, да одат партизани. Тоа беше во 1947 година на 1. јануари. Таа година беше многу студена зимата, имаше многу снег. За да се оправдаат моите дома, за да не речат дека отидов доброволно, мајка ми велеше: Сите ги зедоа, го зедоа и син ми! Дома останаа само мајка ми со двете мои сестри, јас и Петре отидовме со партизаните. Но брат ми Петре, командирот го пушти дома затоа што треба да има барем некој маж дома, зошто татко ми беше стрелан и мајка ми остана сама со сестрите дома. Но и Петре не издржа многу дома, затоа што често доаѓале бурандарите дома и го тепале, па така пак се врати кај нас партизаните. По некое време и помалата сестра избегала со партизаните, затоа што бурандарите многу ги малтретирале кога доаѓале во селото. Јас не знаев каде е, само ми кажаа дека заминала со една група партизани. Но таа почесто си идела дома. Јас не се враќав ми беше страв. Се собравме на Кајмакчалан таму беа собрани од целата околина на Воден. Таму останавме скоро два дена, додека не ни дадоа пушки. За сите немаше, некој имаше пушка некој куршуми. Мене ми дадоа една италијанска пушка, беше подолга од мене и ми се влечкаше по снегот. Куршуми имав не само од мојата пушка туку и од други пушки, а тие беа околу 20 комада. И кога тргнавме од Кајмакчалан за Хасија фесалија преку Почепската планина до Воден, стигнавме до нашата река Корада. Таа е голема и длабока река и баравме место кај што е најплитко, но сепак за некого беше длабоко. Мене ми беше до вратот, на моменти мислев дека ќе се удавам, па уште и пушката ми закачуваше на камењата. Кога излеговме на другата страна алиштата почнаа да ни се заледуваат врз нас. Панталоните беа како даски, не можев да одам, а не смеев ни да застанам, ако застанев ќе се смрзнев. Така во одење, алиштата ни се исушија на нас. Поминавме над Воден, стигнавме во Месимерската планина. Таму имаа направено една плевна на два спрата. Покривот со папрат, над првиот спрат одозгора имаа ставено (плех) ламарина за да се пали оган. Влеговме во таа плевна и таму имаше запалено оган и долу и горе, и на првиот спрат и на вториот. Тие што беа долу им беше убаво, ама тие што беа горе, им се гледаа само очите и забите од чадот, многу беше задимено, важно беше топло. Другиот ден тие што беа горе се симнуваа долу, а тие што беа долу се качуваа горе. Снег имаше скоро еден метар, јас излегував секој ден да собирам дрва и едвај се враќав назат натоварен со дрва. После неколку дена ни рекоа да се спремиме ќе го удриме Воден, за да земеме храна. Млади деца и девојки плачеа смрзнати, не сакаа да одат, ама наредба си е наредба. Напред што беа постарите партизани почнаа да пукаат и по некој саат и пол се вративме назат. Зедовме храна по селата и заминавме накај планината Вермион. Колку што одевме погоре, толку имаше повеќе снег. Со нас имаше еден од тоа место и рече дека тука во близина има едно место каде што садат компири. И се решија да одат да соберат некој компир со нив отиде и брат ми Петре. Понекое време се вратија. Брат ми имаше собрано четири - пет компира. Ги испековме и си ги изедовме. Сабајлето ни дадоа по еден леб, по една нафора (еден залак) јас му го дадов на брат ми. Прво не сакаше да го земе но после го зеде. Брат ми беше физички слаб, тој не беше за во партизани, тој многу сакаше да учи да стане учен човек, знаеше пет странски јазици и многу сакаше да стане учен човек, ама...... Така стигнавме до местото Коцуфлени. Кога се раздени, одевме уште пола саат по снегот движејќи се едвај, имаше вијулица и многу беше студено. Командирите мораа да стават стража. До местото каде што чувавме стража се одеше околу пола саат, затоа што имаше еден метар снег. Еден одеше, другиот се враќаше, оти не се издржуваше од ладно. Таму видоа не видоа нашите командири решија да се поделат. Бевме преку триста души и на секој одговорен му дадоа пеесет души, тоа се викаше сингротима. Од студот на многуте деца (момчиња) и девојки кога им ги соблекувавме чорапите се вадеа со се кожа, беа смрзнати. Тогаш 1947 година се разделивме со брат ми и повеќе никогаш не се видовме. Ние тргнавме за Хасија под планината Вермион, а тие на друго место. Конечно после долго одење со денови стигнавме под планината, таму немаше снег. Изгладнети и премрзнати се решивме да удриме едно село близу до Вартикоп, се викаше Мелики. Отидовме да земеме храна и не видоа пушкарите, почнавме да пукаме и тие за кратко време избегаа кон селото. Селото беше големо, имаше многу кучиња. Ќе не изедеа, и ние повеќе тепавме кучиња отколку пушкари. Пред да се раздени ни дадоа сигнал со една жолта ракета да се повлекуваме,и ние почнавме да се враќаме назат. На враќање уште земавме кој што може. Јас со уште двајца зедовме една канта мед и надвор од селото ја отворивме и кој како ќе поминеше си земаше со раце мед и си јадеше. Пушкарите од селото се разбудија и почнаа да пукаат по нас. |

























