|
|
| Александар III Македонски (прв дел) |
Краток хронолошки опис на активностите на Александар III Македонски Александар III Македонски е роден на 23 јули 356 г. пр.н.е. во Пела. Мајка му Олимпија води потекло од епирска кралска куќа. Внука на Алкета I, кралот на Молосите, ќерка на молоскиот крал Неоптолем.Детството и младоста Александар ги минувал на дворот во Пела. Од почеток Александар бил чуван од Леонид, роднина на Олимпија. Во 343 година, во малото село Миеза ( Миеза – 43 км. југозападно од Пела Постол), на 13-годишниот Александар му предавал 40-годишниот филозоф Аристотел (тој е роден во 384 г. пр.н.е. во Страгира на полуостровот Халкидик, близу до сегашен Солун), кој му помогнал културно да се издигне и да го зголеми интересот кон природните науки. Тогаш Македонија станала голема сила на Балканот, за подоцна да израсне во најголема сила во светот. Татко му на Аристотел Никомах бил лекар, кој потекнувал од лекарска лоза. Никомах му бил лекар на македонскиот крал Аминта (татко на Филип), така што Аристотел живеел во македонската престолнина Пела (Постол), зашто и родителите му имале македонска лоза, а не грчка (хеленска). Како 18-годишно момче заминал на студии на првиот вистински европски универзитет Академијата во Атина, кај најголемиот филозоф Платон (род. 427 пр.н.е. – 347 пр.н.е. во Агин-Агис, но не во Грција), кој пак бил ученик на Сократ. На Академијата останал 20 години, како најдобар студент, па асистент, па предавач. Еднаш кога Аристотел не дошол на предавањата, Платон кажал: „Го нема умот, слушателите се неми“. Градејќи свои погледи, кои се разликувале од оние на неговиот учител, со една етичка изрека Аристотел укажувал дека на мислителите вистината треба да им е најважна: „Мил ми е Платон, но помила ми е вистината“. Во 343 година добил покана од Филип да му биде учител на Александар, со писмо кое претставува најголема почест за еден филозоф искажана од некој владетел, во писмото пишувало: „Многу сум им благодарен на боговите не затоа што имам син, туку затоа што го имам тогаш кога живееш ти“. Школувањето траело три години, до 340 г., кога Александар во отсуство на татка си на 16 години е поставен за регент во Пела, на неговиот поход кон Византион. Личноста и духот на мајка му кај младиот Александар ја развиле фантазијата и чувството кон мистицизам. Следејќи ги духовно битките и победите на татко му, Александар активно се подготвил во Пела за војните што го очекувале. Во тоа секако имал голема помош од генералот Антипатар. Во првите денови по веста за Филиповата смрт во Атина, Демостен потценувајќи го Александар го нарекува – маргит (глупчо), но натамошните настани го покажале спротивното. Во кампањата за обезбедување на Александровиот престол, најпрвин паднал убиецот на неговиот татко – Павсаниј; подоцна со смрт се казнети и двајцата линкестидски принцови, браќата Арибај IV и Херомен, кои учествувале во заговорот околу убиството, додека третиот брат Александар, зет на Антипатар, со оглед на својата лојалност бил поштеден. Аминта IV, синот на Пердика III, од Филип ја добил за жена ќерка му Кинане, но сега бил ликвидиран, исто како и Каран (најверојатно тој е дете од првиот брак на Филип II). Покрај тоа, отстранети се сите машки членови од семејството на Атал, додека лично Олимпија ја убила штотуку родената ќерка на Клеопатра, а нејзе (Клеопатра) ја натерала да изврши самоубиство. Филип III Аридеј (со оглед на својата „болест“) не бил сметан за сериозен претендент, така што бил поштеден. Откако престолот бил осигурен, Александар III можел мирно да го започне походот кон Персија. Од книгата на Јонче Манојлов - Штип „Македонската библија – Крајот на вистината“ (продолжува) |
Александар III Македонски е роден на 23 јули 356 г. пр.н.е. во Пела. Мајка му Олимпија води потекло од епирска кралска куќа. Внука на Алкета I, кралот на Молосите, ќерка на молоскиот крал Неоптолем.
























