|
|
| Формирана Македонска бизнис асоцијација-Канада |
|
Македонски бизнисмени од Канада, во соработка со Генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто, ја формираа Македонската бизнис асоцијација-Канада. Оваа асоцијација е прва од ваков вид во Канада и интегрира мали и средни компании од најразлични бизниси. Асоцијацијата, како што соопштуваат денеска од Генералниот конузулат на Република Македонија во Канада, иако основана од македонски бизнисмени е од отворен карактер и во неа може да членуваат сите заинтересирани субјекти од оваа земја, кои ги пронаоѓаат своите интереси во неа. - Главна цел на Македонската бизнис асоцијација-Канада ќе биде промоција на заедничките бизнис интереси помеѓу членките, меѓусебно поврзување, поврзување со канадски компании, редовно негување на меѓусебните односи во рамки на асоцијацијата, размена на меѓусебни искуства и слично. Во иднина предвидено е поврзување на оваа асоцијација со сродни македонски и канадски асоцијации, со цел создавање на можности за нови меѓусебни деловни односи, се вели во соопштението. Членови на конститутивниот одбор на Македонската бизнис асоцијација-Канада се Васко Пастенаров, Антони Божиновски, Весна Анастасова, Зоран Ивановски, Васе Георгиевска, Влатко Чоков и Филип Спасов, а деновиве е промовирана и веб-страната на асоцијацијата http://www.m-bac.com/register.asp преку која во иднина членовите и сите заинтерсеирани ќе се информираат за најновите вести и активности поврзани со асоцијацијата. |


























