|
|
| Мирен протест во Берлин „Името Македонија е нашиот идентитет“ |
Пред Брандербуршката капија во Берлин денеска ќе се одржи мирен протест на Македонците под мотото „Името Македонија е нашиот идентитет“.
Протестот е во организација на Обединети Македонци за Европа и другите иселенички организации од Швајцарија, Холандија, Чешка, Полска, Данска, Белгија и Луксембург. Во текот на целиот ден ќе биде отворена петицијата за името Македонија која ќе ја потпишат сите учесници на протестот. Петицијата е барање до германската Влада да го смени ставот во однос на признавањето на Македонија под референцата и Македонија да ја признае под нејзиното уставно име. Германија ја призна Македонија како независна држава на 15 април 1993 година, но тоа го стори под референцата „поранешна југословенска република Македонија“. Со благослов од Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на протестот ќе говори митрополитот Европски г.Пимен, Драги Богоевски, како претседател на организацијата „Обединети Македонци за Европа“, поранешниот германски амбасадор и автор на книгата „Македонскиот јазол“ Ханс Лотар Штепан, д-р Иван Минев и професор Доровски од Чешка. Во текот на идната недела се закажани средби во германскиот Бундестаг и во германската Влада каде ќе бидат предадени копии од барањето за признавање на Македонија под нејзиното уставно име. |

























