|
|
| Виножито: Географската придавка на името ќе има негативен ефект врз Македонците во соседните земји |
![]() Придавките од географски тип на името Македонија, ќе имаат негативен ефект и врз Македонците во Република Грција, и во соседните земји на Република Македонија, иако тие не се признати од грчката држава. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го изјави Павле Филипов од Организацијата на Македонците во Грција, Виножито. Според Филипов, менувањето на името на една држава е „чепкање во идентитетот на еден народ и граѓаните на таа држава“. Тој вели дека нема информација дали во пакетот преговори за името се зборува и за правата на Македонците во Грција. Истакнува дека Виножито е проевропска организација, која се залага за соработка меѓу Македонците од двете страни на границата. За тоа дали има шанса Македонец во догледно време да стане пратеник во грчкиот Парламент преку Алијансата со која учестуваат на изборите, Филипов меѓу другото вели: - „Во Европската Слободна Алијанса ние имаме добра соработка и гледаме дека на пример, Каталонците од Шпанија им помогнале на Каталонците во Франција така што на европските избори учествуваа на листа. Во ЕУ имаат право да учествуваат на листи во разни земји - членки на Унијата, па Каталонците во Франција имаа успех преку браќата Каталонци во Шпанија за да ги претставуваат во Европскиот Парламент. Слично може во иднина да се направи кога Република Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ“, изјави Павле Филипов. |

























