|
|
Во Банкет салата на црквата Свети Климент Охридски во Торонто викендов се одржа претставување на вина од продукцијата на винаријата Езимит од Штип.
Пред неколку стотини присутни беа претставени повеќе видови вино на Езимит. Овој производител е на добар пат да добие лиценца за пласман на своите вина на многу атрактивниот и високо конкурентен канадски пазар. На промоцијата говореа Енди Плуков, овластен увозник за вината на Езимит за Канада кој нагласи дека пласманот на вината на канадскиот пазар е голем успех не само за оваа фирма туку и за Македонија воопшто бидејќи винопроизводството претставува една од главните извозни гранки во земјата.
На присутните им се обрати и сопственикот на винаријата Езимит Зоранчо Митровски којшто рече дека фирмата поседува 350 хектари сопствени лозја и виното го прави од најквалитетно грозје на традиционален начин, но и со современа технологија следејќи ги модерните трендови на светските пазари за вино. Винаријата Езимит, според Митровски е прогласена за четврта најсовремена винарија во Европа. Таа извезува над 5 милиони шишиња вино во 35 земји и е најголем извозник на овој пијалок од Македонија.
Зоранчо Митровски на сите гости на промоцијата им подари ваучер од 100 долари што можат да го користат кога ќе ја посетат Македонија. Исто така, подари и икона изработена во традиционален македонски начин од мајсторите во манастирот Водоча. |