Среда, 23 Април 2014    PDF Печати Е-пошта
Апел на „Македонскиот конгрес“ - Женева од 1889 г.

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Во 1899 година вниманието на еден дел од европската јавност беше свртено кон „Апелот“ на македонскиот деец и општественик Ѓорѓи Иванов Капчев. По издавањето на весникот „Македонија“ (1898 /1899) во Загреб и на книгата „Македонија или гласот на робот“ (1898), тој се префрлил во Женева и таму се зафатил да организира „Македонски конгрес“ „Централен македонски комитет“. За таа цел подготвил „Апел“ и го испратил до европската јавност. Во него го образложува својот проект за уредување на Македонија.

Ѓорѓи Иванов Капчев (Охрид, 1868 – Земун, 1936) е македонски деец и општественик кој потекнува од охридскиот род Капчеви. Неговиот чичко Ѓорѓи Капчев бил заменик началник на личната гарда на Гарибалди, а татко му Иван Капчев е член на востаничкиот штаб на Кресненско-Разлошкото востание. На крајот на 80-тите и почетокот на 90 – тите Ѓорѓи И. Капчев престојува во Москва. Почнува да се занимава со публицистика и пишува за весникот на Коста Шахов „Македонија“. Во статијата од април 1890 година од името на македонската училишна младина во Москва протестира против српските претензии во Македонија. Истакнувајќи ја посебноста на македонскиот говор, во написот Капчев отстапува од наложениот бугарски правопис, ги отфрла ер и ю и наместо нив ги користи i + у и други. Подоцна сличен правопис користат и авторите на списанието „Лоза“ на Младата македонска книжевна дружина.

Од 1894 година Капчев активно се вклучува во животот на македонската емиграција во Бугарија. Тој е меѓу основачите на Македонско-одринското друштво во Русе каде работи како адвокат и е негов прв претседател до јуни 1895 година. Одржува тесни врски со својот сограѓанин од Охрид, Александар Протогеров. По неуспешната четничка акција во Македонија, заедно со М. Кусев, Ѓ. Паунчев и И. Георгов е член на делегацијата која оди во Плоешти и од името на Македонскиот комитет бара од Русија да се исполнат реформите во Македонија ветени на Берлинскиот конгрес. За време на „Виничката афера“ (крајот на 1897), која добила големи размери и имала тешки последици, како за македонскиот народ, така и за неговото национално-ослободително движење, Капчев издава апел против турските репресалии.

По Петтиот македонски конгрес на Македонската организација во 1898 година, кој не успева да ги собере делегатите од сите македонски емигрантски организации и по опаѓањето на моќта на организацијата, Капчев заминува за Австро-Унгарија и се населува во Загреб, каде развива бурна дејност за македонските работи. Во Загреб тој го издава весникот „Македонија“ (1898 /1899) и книгата „Македонија или гласот на робот“ (1898), во која прави преглед на пропагандите кои го попречуваат правилното решавање на македонското прашање. Според Капчев во Македонија дејствувале четири политички и три верски пропаганди: бугарска, српска, грчка и романска, како и унијатска, протестантска и православна. Исто така тој ја развива идејата за автономија на Македонија и Одринска Тракија, како и за создавање во некое идно време на Балканска јужнословенска федерација по примерот на САД.

По издавањето на весникот „Македонија“ во Загреб и на книгата „Македонија или гласот на робот“, Капчев се префрлил во Женева, каде во меѓувреме група македонски студенти предводени од Михаил Гиерџиков и Петар Манџуков формираат Македонски таен револуционерен комитет, со цел ослободување на Македонија преку внатрешна револуција. На групата која била под влијание на руските револуционери и се формираат како анархисти им се приклучил Капчев.

Ѓорѓи Иванов Капчев се зафатил да организира „Македонски конгрес“ и за таа цел од името на „Централен македонски комитет“ подготвил „Апел“ на кој се потпишува како Главен уредник на весникот „Масеdoine“ и го испратил до европската јавност, односно до „До заштитниците на човечката совест, правдата, мирот и човечноста“. Во „Апелот“ од Женева, од 12 јануари 1899 година, во кој Капчев го образложува својот проект за уредување на Македонија, се вели:

„Имајќи ги предвид несреќите што ги поднесува народот во Македонија и Одринско од отоманското ропство, кое ги притиска повеќе од петстотини години; спомнувајќи си ги ужасните сцени од Виница, ужасните пискоти на нашите живо горени браќа, на силуваните девици и на децата истргнати од прегратките на нивните мајки; имајќи ги предвид сите грозотии, Централниот македонски комитет се зафати со тешката задача да биде заштитник на македонскиот народ и со овој Апел до благородните луѓе ги изразува само своите оправдани стремежи.

ЦЕНТРАЛНИОТ МАКЕДОНСКИ КОМИТЕТ свикува за следниот 3 март конгрес во Женева. Овој конгрес има за цел да ги изрази јавно оправданите желби и политичките барања на Македонците; откако ќе се задоволат тие барања, пак ќе завладее на Балканскиот Полуостров мир и правда. Желбите на народот накусо се следниве:

1. Формирање на една Област, со Солун како главен град, што ќе ги опфати Солунскиот, Битолскиот, Одринскиот и Скопскиот вилает, со следниве граници: граничната линија на оваа Област ќе почнува од српската граница близу до Врање, ќе се протега по северозападните граници на прешевска, кумановска, и тетовска околија, ќе се совпаѓа со гребенот Карадаг и со врвот Љуботен и гребенот на Шар, ќе ја стаса до Кораб врвната точка на Дешат; од Кораб оваа линија ќе се протега по долината на Велештица, почнувајќи од селото Радомир до вливот на рекичката под исто име во Црн Дрим; оттука таа ќе продолжува по долината на Дрим до селото Ндрет и оттаму ги допира западните граници на охридска и грчка (корчанска) околија до самиот врв за Грамос, ќе се совпаѓа со границата по костурска, кајларска, воденска и карафериска околија, до пресечната точка на оваа линија со реката Бистрица; оттука ќе го следи текот на реката до Егејскo Море простирајќи се по морскиот брег и, опфаќајќи го Халкидик, ќе ја достигне утоката на Места (Кара Су). На североисток Областа ќе го опфаќа сиот Одрински вилает и доаѓа на границата на источна Румелија и оттаму до границите на книжевството Бугарија и Кралството Србија.

2.  Назначување на должноста на генерален Гувернер, за период од пет години, на личност што ќе има правичен дух и толеранција и што ќе и` припаѓа на предоминантната народност во Областа.

3. Генералниот Гувернер ќе управува во Областа со помош на Сенат, составен од деветмина членови, избран директно од самиот народ, гарантирајќи ги правата на малцинствата. Овој Сенат ќе се изјаснува за сите прашања што се однесуваат до внатрешната администрација на Областа. Извршната власт им се доверува на четворица раководители избрани од Гувернерот, по предлог од Сенатот.

4. Ефикасна и доволна гаранција на личната слобода и на неприкосновеноста на живеалиштето на сите жители на Областа без разлика. Укинување цензурата на печатот.

5. Назначувањето на сите функционери на нивните служби ќе стане од средината на предоминантното население во местото.

6.  Прифаќање на главните јазици во Областа еднакво со турскиот јазик во сите институции на Областа, оставајќи им го на административните единици слободниот избор на кој било од овие јазици за употреба во новите службени односи.

7. Организирањето на училиштата да им се остави на самите различни христијански народности, без мешање на Владата или како што е конституирано во Областа.

8. Црковните прашања на предоминантното население треба да се водат од врховен поглавар, кој треба да биде Словен, на кој му припаѓа јурисдикцијата врз сите христијански Словени на Балканот, а со цел да се создаде словенска Конфедерација.

9.  Создавање на милициско тело, регрутирано од Областа, за одржување на јавниот ред и мир. Телото ќе му биде директно потчинето на генералниот Гувернер. Составот на оваа милиција ќе се состои пропорционално според бројот на жителите на различните народности, во максимум 1% од вкупното машко население. Вишите офицери ги назначува директно генералниот Гувернер, а другите на предлог од командантите на милицијата.

10. Определување на буџетот и даноците на Областа од страна на Сенатот. Дваесет проценти од приходите ќе се внесуваат во општата државна каса за потребите на Империјата. Останатите ќе се употребат за трошоците на Областа.

11. Назначување покрај генералниот Гувернер на специјална комисија во која домородното население ќе биде доволно претставено. Оваа комисија на чело со Генералниот гувернер треба да ги изработи во подробности нужните реформи.

12.  Општа амнестија за сите политички осуденици и за сите емигранти.

Како што произлегува од претходното излагање, каузата на ослободувањето на Македонија се заснова врз законитоста и врз јавниот морал.

ЦЕНТРАЛНИОТ МАКЕДОНСКИ КОМИТЕТ бара поддршка од членовите на Конгресот за подобрување на судбината на Македонците. Тој предлага да се организира постојан комитет, кој би бил задолжен да ги претставува интересите на Македонија пред европските сили.

Централниот македонски комитет ќе се договори со претставниците на Конгресот во врска со мерките што непосредно ќе се наложат за смирување на земјата. Тој на Конгресот ќе достави мемоар, кој со исклучок на измените што самиот Конгрес би можел да ги внесе, ќе биде доставен до европските сили, пртпишан од членовите на Конгресот.

ГРАЃАНИ, дојде моментот да се кренете против тиранијата на Турција, која не заслужува да го носи името на сила - пријателка на прогресот, која ја одржува својата власт со нарушување на правата и на човечката совест, која се покажува како жариште на метежи, коишто постојано го загрозуваат европскиот мир, и како извор на несреќите на повеќе народи при крајот на XIX век.

Вие, слободни луѓе, укажете поткрепа со Вашата совест за триумф на вистината и правото на вашите браќа во Македонија. Подајте им рака на потиснатите во оваа несреќна земја, во која човекот го проколнува животот под бремето на своите несреќи. Покажете ја јавно пред историјата вистинската улога на Големиот Крвник, кој владее со жестокост и неморал.

ПРИЈАТЕЛИ НА СЛОБОДАТА, ние се осмелуваме да се надеваме дека Европа ќе го сврти своето внимание кон судбината на Македонија и дека ќе го направи неопходното за да се избегнат во оваа земја грозните настани од Батак, Виница и Ерменија“.

Програмата на Капчев во која во 12 точки се предвидува Македонија и Одринска Тракија да создадат една автономна област со законодавна и извршна власт, иако била пречекана со остри критики во Бугарија, таа го свртува вниманието на дел од европската јавност.

До крајот на животот Ѓорѓи И. Капчев смета дека единствено решение за македонското прашање е автономија на Македонија. По деветојунскиот воен преврат во Бугарија, како панславист тој се преселува во Земун, Југославија, каде живее до крајот на својот живот (1936).

(Извор: Документи, том I, Скопје, 1981, стр. 374 – 377;- Public Record Office (London) FО 78/5061. (Turkey) /Bulgaria/ (Diplomatic).From Flliot., January-Мау 1899.)
 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.