|
|
| Историјата на Македонија (7) |
|
Дека македонскиот јазик бил различен од грчкиот пишуваат и многу подоцнежни и современи автори, секако повикувајќи се на релевантни докази, од кои некои веќе презентиравме. Дури и во 'Историјата на Грција', од авторот Џорџ Герот, објавена во Лондон во средината на 19 век, пишува дека македонскиот јазик бил различен од грчкиот. Овде читаме: 'Македонскиот јазик бил различен од илирскиот, од тракискиот, а по се изгледа и од пајонскиот. Тој исто така бил различен и од грчкиот...' (History of Greece by George Gerote, Vol.II, third edition, London, John Murray, Albemarle Street, 1851, del 2, str. 14 i 15). Современиот проучувач на древна Македонија Артур Вајгал (Arthur Weigall) во врска со засебноста на древно-македонскиот јазик, пишува: 'Грците ... не можеле да го разберат македонскиот јазик, кој немал речиси никаква сличност со нивниот, а немало ни литература од која би можел да се проучува.' (Артур Вајгал: Александар Македонски, Скопје,1992, стр. 24). Вајгал дури пишува и дека мнозина Македонци не знаеле ниту еден единствен збор од грчкиот јазик. Така, на пример, кога пишува за смртта на Филип Втори Македонски, Вајгал, повторно ја потенцира засебноста на македонскиот јазик и сосема јасно пишува дека мнозина Македонци не знаеле ниту збор од грчкиот јазик. Оценувајќи ја улогата на Филип Втори (цит. дело, стр. 128), Вајгал пишува: 'Неговата голема задача да изгради македонска нација, да ги присили грчките држави да дејствуваат едногласно со неа, како и меѓу себе, и да докажува дека Македонците се Хелени, иако дури многумина од нив не знаеле да зборуваат грчки, била извршена'. Вајгал (цит. дело, стр. 267) повторно пишува во врска со познавањето на грчкиот јазик од страна на Македонците. Овде читаме: 'Александар, дури и на врвот на својата моќ никогаш не можел младешки да не и се восхитува на атинската интелектуалност, и да се ослободи од непријатното чувство дека неговите воинствени Македонци, од кои многумина не знаеле дури ниту еден единствен грчки збор, не се според грчкиот стандард за културата.' Што се однесува до веќе спомнатото испрашување на Македонецот Филота (Philotas), Вајгал (цит. дело, стр. 314) истото вака го опишува: 'Александар повторно побарал од него да зборува и го прашал дали ќе им зборува на луѓето на грчки или на македонски'. Има уште многу други светски познати авторитети кои пишуваат за засебноста на македонскиот јазик, на кои, во интерес на просторот, ќе се задржиме во некоја друга прилика. Инаку, факт е дека владеачките кругови во древна Македонија во одреден период на својот развиток го прифатиле грчкиот литературен јазик. Денешните грчки историчари и пропагандисти го користат овој податок за своите цели. Тие потенцираат дека на Македонскиот кралски двор во четвртиот век пред Христа се пишувало на грчки и ова тие го нудат како 'доказ' дека Македонците наводно биле 'Грци'. Така, на пример, во првото издание со натписи од регионите во горна Македонија, подготвено од грчките историчари Ризакис и Тарацоглу (Rizakis and Touratsoglou), предадени се 225 натписи од територијата на Македонија под Грција. Речиси сите овие 225 натписи биле напишани на грчки (Борза, цит. дело, 93). Но, ваквото толкување на грчките историчари не може да биде никаков доказ дека древните Македонци биле Грци. Тоа што владеачките кругови во древна Македонија во одреден период го прифатиле грчкиот литературен јазик како писмен јазик на својот двор апсолутно не значи дека Македонците биле Грци. Еве зошто. Како прво, со тогашниот литературен грчки јазик се служеле и други народи. За да го објасниме ова малку ќе се оддалечиме од темава за да направиме еден компаративен преглед со денешнава состојба. Најнапред ќе потенцираме дека големото мнозинство од денешниве генерации потсвесно го земаат литературниот јазик како 'доказ' за етничката припадност на поединци во минатото. Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен. Денес (речиси во целиот цивилизиран свет) најголемиот дел луѓе се писмени. Притоа поголем дел од народите (барем во Европа) си пишуваат на својот сопствен литературен јазик. Грците пишуваат на грчки, Србите пишуваат на српски, Хрватите на хрватски, Бугарите на бугарски, Албанците на албански, Македонците на македонски, Романците на романски и така натаму. Поради тоа кај мнозина наши современици во потсвеста е создадено еден вид 'правило', според кое, штом денес секој народ си пишува на сопствениот литературен јазик, сигурно дека така било и во минатото, т.е. така било 'отсекогаш'. Но, ако се размисли подобро и ако се направи обид да се сфати реалноста во минатото, ќе се види дека ова 'правило' тогаш воопшто не важело! За времето за кое зборуваме во целиот свет имало само неколку литературни јазици. Значи, секој што ќе сакал да пишува бил принудуван добро да се помачи да научи некој од овие јазици. Ова фактички значи дека одвај дали имало по некој писмен човек во тие времиња. Така, на пример, припадници од разни народи: Грци, Македонци, Тракијци, Евреи, Илири, па дури и Римјани во одреден период на антиката пишувале на старогрчкиот јазик, но тоа никако не значи дека тие биле Грци. |
























