|
|
| Македонија од 1912 до 1941 година (втор дел) |
Пострашни од физичкото насилство биле психичкиот терор и уништувањето на македонската култура што ги вршела не само грчката власт туку и националистичко-терористичките организации. Академик Катарџиев го апострофира дејствувањето на организацијата "Грчко-македонска тупаница" која, служејќи и' на власта, создавала атмосфера на вистински пекол во Егејскиот дел на Македонија. На 27 јануари 1926 година, во името на „светата борба“, таа издала наредба да се забрани македонскиот јазик во сите јавни места, во кафеани, на собири, забави, ручеци и свадби. "Грчко-македонска тупаница" со наредбата се поставила и над државата, препорачувајќи им на сите власти - административни и воени и приватни чиновници да не примаат и да даваат информации на друг јазик освен на грчки.![]() Под притисок на Друштвото на народите, Грција официјално го признала македонското малцинство во 1925 година. На седницата на ДН одржана во јуни 1925 година грчкиот претставник ги информирал неговите членови за мерките што веќе ги презела или ќе ги преземе неговата влада; „Прво, во државниот буџет ќе предвиди кредит за поддржување на училиштата на македонското малцинство. Второ, според чл. 7 од Договорот во Севр, за заштита на малцинствата, ќе изработи специјална програма за отворање општествени училишта за тоа малцинство. Трето, ќе подготви потребен кадар и ќе издаде учебници на сметка на државата и, четврто, ќе им се дозволи на верниците сами да ги избираат своите советници. Во 1925 година грчката влада го издала „Абецедарот. Тој бил објавен на македонски јазик, односно на леринско-битолско наречје и неколку примероци биле испратени во ОН во Женева. Меѓутоа, грчката влада никогаш не дозволила да се отворат училишта за македонските ученици, па и „Абецедарот бил веднаш повлечен. Тоа била една измама кон ОН и манипулација со меѓународните договори што самата ги потпишала. Со оглед дека притисокот од меѓународните институции продолжил, грчката влада еволуирала. На конференцијата за печат што ја одржал Е. Венизелос на 11 октомври 1930 година во Атина рекол: „Прашањето на македонското национално малцинство во Грција ќе биде уредено и јас ќе бидам првиот во Грција што ќе се ангажирам за отворање македонски училишта, ако народот тоа го побара. На тој начин Венизелос го признал постоењето на Македонците во Грција, што било во согласност со членот 7 од Договорот во Севр, потпишан во 1920 година. Покрај ова, во „Големата грчка енциклопедија (Мегали елиники енгиклопедија, Пирсос, 1934 г. Том Џ, стр. 620) дефинирани се сите обврски на Грција кон националните малцинства на кои им се обезбедува: а) рамноправност во однос на другите народи што се однесува до заштитата на животот, слободата, граѓанските и политичките права; б) слободна употреба на странски јазик освен грчкиот, како во приватниот, така и во јавниот живот; в) да имаат право на свои хуманитарни организации, цркви и училишта и г) Владата и соодветната држава е задолжена да им обезбеди основно школување на нивниот јазик, без да се забранува задолжителното учење на грчкиот јазик. Покрај донесувањето закони за асимилација, потпишувањето меѓународни договори за размена на населението и иселувањето со терор и сила, грчката влада применувала и други форми и методи. Во зависност од потребите и од моменталната политичка состојба, грчката влада го менувала името на Македонците и македонското население во целост. Непосредно по окупацијата и анектирањето на дел од македонската територија кон Грција, македонското население било именувано како „словенско. Со потпишувањето на Нејскиот договор по 1919 година, Грција го признала македонското население како „бугарско, со цел да изврши размена на населението со Бугарија и на тој начин да го очисти делот на Македонија под Грција од етничките Македонци. По барањето на Бугарија Eгејскиот дел на Македонија да се постави како бугарско територијално прашање и да се отворат бугарски училишта и црква, грчката влада го зазела ставот дека во тој дел на Македонија живеат „Славенофони и „Славенофони Грци. Името „Словени, „Славенофони „Славомакедонци и „Славенофони Грци се применувало особено со цел да се изврши асимилација на македонското население и етничко чистење на егејскиот дел на Македонија. Но кога била критикувана од меѓународните институции за непочитување на меѓународните договори, грчката влада признавала дека во Грција живеат Македонци. На пример изјавата на Венизелос. Во текот на Втората светска војна македонското население масовно се вклучило во антифашистичката борба, а КПГ не само што признала дека во Грција живеат Македонци туку биле отворени македонски училишта и други културни и општествени институции. Тоа значи дека Грција секогаш се однесувала кон Македонците не според реалната и фактичката состојба, туку во зависност од нејзините државни интереси, без оглед на правата на човекот, меѓународното право и барањата на меѓународните институции. Друштвото на народите и другите меѓународни институции во Женева, согледувајќи го теророт што грчките органи го спроведувале кон негрчкото етничко население, повеќепати ја критикувало грчката влада и барало од неа стриктно почитување на одредбите на Нејскиот и Севрскиот договор. Поради тоа грчкиот министер за надворешни работи Никола Политис на 29 септември 1924 година во Женева го потпишал протоколот со бугарската влада „за правата на бугарското малцинство во Грција и на грчкото малцинство во Бугарија. Од името на бугарската влада овој протокол го потпишал министерот за надворешни работи Калфов. Основата на протоколот Калфов Политис ја сочинувале одредбите на Севрскиот договор. Со овој протокол двете влади биле задолжени да формираат заедничко советодавно тело под претседателство на лице од неутрална земја што било овластено преку претставници на двете влади да спроведува анкетирање за просветните и другите потреби на малцинствата и да доставува предлози на соодветните влади „за мерките што треба да се преземат за да се задоволат оправданите барања на малцинствата. Со Нејскиот и Севрскиот договор и со протоколот КалфовПолитис македонското национално малцинство во Грција било признаено како бугарско малцинство. Со овие меѓународни акти биле предвидени многубројни одредби и практични мерки за обезбедување на таканаречената културна и просветна автономија на малцинствата во Грција. Грчката влада, која не ги спроведувала ни меѓународните договори, на 3 февруари 1925 година овој протокол еднострано го отфрлила. Меѓутоа, со оглед дека протоколот КалфовПолитис, кој по силата на своите одредби стапувал во сила со самото негово потпишување, бил потпишан и од генералниот секретар на Друштвото на народите, па затоа Друштвото на народите не се согласило со неговото еднострано отфрлање. Со одлука на Друштвото на народите од 14 март 1925 година двете страни (Грција и Бугарија) биле задолжени „во своите постапки кон малцинствата задолжително да се придржуваат на веќе примените задолженија. Со оваа декларација Друштвото на народите фактички го осудило однесувањето на Грција кон националните малцинства и кон неизвршувањето на меѓународните договори, но тоа не изградило систем за спроведување на тие принципи, ни инструменти за контрола, ниту, пак, имало желба да преземе одредени санкции за неизвршување на меѓународните договори. Се задоволило само со донесувањето на оваа декларација. Грчката влада, и покрај тоа што не ги спроведувала во практиката меѓународните договори, сепак под силен притисок на Друштвото на народите била принудена да преземе одредени дејства преку кои настојувала да создаде впечаток дека се работи на тоа малцинствата да бидат заштитени. На 4 септември 1925 година при грчкото Министерство за надворешни работи е формирана посебна секција што треба да се грижи за исполнувањето на меѓународните обврски кон малцинствата. Во ова време е издаден и букварот „Абецедар на македонски јазик. Но и оваа мерка на грчката влада била отфрлена, букварот бил запленет, а од отворањето на македонски училишта не станало ништо. По заклучувањето на протоколот КалфовПолитис, Владата на Кралството СХС остро реагирала на таквата одлука на Грција. Основа за тоа било признавањето на македонското национално малцинство од страна на Грција за бугарско. Министерот за надворешни работи Воја Маринковиќ на 17 ноември 1924 година испратил нота до грчката влада во која се наведува: „Владата на Кралството СХС не може славофоните од грчка Македонија да ги признае за Бугари, кога грчката влада славофоните што живеат северно од граничната линија во српска Македонија ги смета за Срби. На тој начин македонското национално малцинство во Грција предизвикало криза во односите меѓу Грција и СХС. Кризата резултирала со тоа што Владата на СХС го откажала сојузниот договор со Грција од 10 мај 1913 година, а исто така и договорот НинчиќАлександриу, што на 10 мај 1923 година беше склучен во врска со солунската слободна зона. Владата на СХС поставила барање македонското национално малцинство во Грција да не се смета како бугарско и во тој поглед протоколот КалфовПолитис од 29 септември 1924 година да не се спроведува во живот. Во акцијата за откоренување на се' што е македонско активно била вклучена и војската, која ги уништувала сите предмети што биле напишани на словенски јазик. Таа влегувала во црквите и ги отстранувала иконите кои не биле напишани на грчки јазик, а фреските ги уништувала. За нив се' што не било напишано на грчки јазик не било христијански. Еден пешадиски поручник по извршената инспекција во селото Арменско во јануари 1932 година во извештајот напишал дека во преградата што го двоело одделението за жени во црквата нашол три мали икони кои не биле напишани на грчки јазик. „Поради нервозата што ме опфаќа и која уште повеќе ми се зголемува кога го слушав селскиот претседател да зборува бугарски, што тој го вика македонски, го удрив и му препорачав во иднина не само тој туку и на своите селани да им препорача секогаш и насекаде да зборуваат грчки“, им пишува грчкиот офицер на своите претпоставени. Тој истовремено ги информира дека во селата каде што живееле Македонците мразеле се' што е грчко и смета дека "најефикасен начин за асимилација е ако најзапалените како неподобни бидат протерани во туѓа држава". Во една анализа за денационализацијата во Леринскиот округ, што е подготвена во 1931 година, се констатира дека грцизацијата во тој реон не оди како што треба, па затоа се предлага да се преземе чистења на учителскиот, свештеничкиот и на чиновничкиот кадар и на нивно место да се постават образовани националисти од југот на земјата, да се организира вистинска разузнавачка служба и засилување на националистичките организации. Од Академик Катарџиев во книгата „Македонија во 20 век“ издадена од „Култура“ |
















