Среда, 02 Август 2017   
Ристо Алтин – легенда за македонското иселеништвото за Австралија (1)

risto-altin

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Меѓу големиот број Македонци од егејскиот дел на Македонија кои се преселиле во Австралија поради неподносливите политички услови и разните други околности за живеење во Грција под режимот на Метаксас е, секако, Ристо Алтин. Тој е еден од најпознатите преселници, доблесни активисти и борци за македонската кауза во Викторија и пошироко на петтиот континент.

Ристо Алтин (1917 – 2007), е роден во селото Лаген, односно Колибите Лагино, кое денес е преименувано во Триандафила, Леринско. Тоа се наоѓа во самите пазуви на планината Вичо на надморска височина од околу 1.100 метри и од секогаш било населено со Македонци и до денес не претрпело етнички измени.

Авторот на овие редови Славе Катин имаше неколку средби со Ристо Алтин и во Македонија и во Австралија со кого разговараше за голем број прашања и проблеми на црковното живеење во Австралија.

Така, меѓу другото, за неговото родно село потврди, дека во минатото имало околу стотина куќи и уште толку колиби, кои селаните ги користеле за обработка на своите оддалечени имоти. Инаку, Колибите Лагино не се споменуваат како посебна населба, затоа бројот на населението броел околу 500 лица во 1940 година.

Меѓутоа, емигрирањето во балканските земји, особено во Бугарија, а најголемиот број се преселиле во прекуокеанските земји, особено во Австралија и Канада, при што бројот на жителите рапидно се намалил. Тоа особено било изразено по Граѓанската војна во Грција, кога во селото останале само стари изнемоштени лица чиј број бил помалку од стотина.

Еден од тие преселници во Австралија бил Ристо Алтин, синот на Пандели Алтин, Македонецот кој неколку пати бил на печалба во Америка. Неговиот син Ристо само ги продолжил семејните печалбарски патишта. Така, тој уште во далечната 1937 година, како младо момче допатувал во Австралија. Неговата фамилија била позната и жигосана кај грчките власти како револуционерна, како непомирлива со негаторските режимски потези и затоа секогаш била контролирана од будните очи на атинските власти.

Ристо Алтин бил на дваесетгодишна возраст кога ја напуштил Македонија под притисок на грчката жандармерија која безмилосно на неколку пати го претепала, и покрај тоа што тој бил малолетен. Имено, неговиот „голем прекршок“, бил во тоа што тој, во тоа време се презивал Стојков и своето име и презиме го пишувал на македонски и на кирилица, и затоа учителот го предал на полицијата.

seloto-lagen
Селото Лаген

Без да дознае семејството, полицијата дошла во селото, влегла во куќата на Стојкови за да бара прогресивна литература, а со тоа да биде елиминиран и самиот Ристо. Ја превртиле цела куќа, меѓутоа не нашле ништо. Тоа уште повеќе ги налутило властите и го привеле високото, бујно младо момче. По патот кон полициската станица Ристо Стојков бил тепан со кундаците на пушките, со клоци и тупаници. Многу пати тој се нашол во калта во бесознание, но и тоа не помогнало да биде влечкан по патот и да го гледаат Македонците како пример, за да видат што ќе ги снајде и нив ако се занимаваат со македонски работи.

Според сеќавањата на Ристо за овој немил настан, во меѓувреме кога се освестувал им кажувал на џандарите дека нема ништо лошо направено, туку дека го имал напишано на македонски јазик неговото име на тетратката. Тоа уште повеќе ги налутило полицајците за да се изживуваат врз 16-17-годишното момче. На патот кон полициската станица, со скршен нос, скршени заби и облеан во крв, Ристо се заколнал дека целиот свој живот ќе го посвети на прашањето и иднината на македонскиот народ и на Македонија.

Овој случај го натерал Ристо да размислува за напуштање на своето родно место и заминување по белиот свет. Неговата приказна беше, дека со една група од селото и од неколку околни македонски села тргнал со брод за далечната Австралија. Уште по патот имал сериозен конфликт со некои од Грците што биле сопатници на македонската група.

Имено, тој со уште неколку други Македонци почнале да зборуваат меѓу себе на својот мајчин македонски јазик. Иритиран од разговорот, еден од сопатниците на групата Грци се обидел да им забрани да зборуваат, како што рекол Гркот, на „ѓупски“ јазик, со погрдно име како што тие го нарекувале македонскиот јазик. На тоа Ристо не премолчал, туку станал и му се спротивставил, за што дошло до физичка пресметка на палубата од бродот.

Првата дестинација на Ристо Алтин во Австралија бил Мелбурн, каде се нашол со некои соселани кои добронамерно му го покажале патот на иднината. Мелбурн за Ристо Алтин беше градот на младоста, на љубовта на бизнисот, на животот, на висините и падовите. Таму тој стана познат и признат Македонец и почитуван Австралиец од македонско потекло. Во Мелбурн Ристо Алтин стана доајен на македонското движење во Австралија.

Со самото пристигнување во Мелбурн Ристо Алтин имал симпатии кон македонската прогресивна организација, а таков бил случајот со поголема група Македонци, кои беа подржувачи на системот во Советскиот Сојуз и други прогресивни земји Тоа беше периодот пред Втората светска војна кога немало македонски организации. Некои од неговите собраќа од егејска Македонија му ја предложиле организацијата „Тодор Александров“, која била формирана во 1936 година, тогаш станал и нејзин член. Меѓутоа, кога Ристо Алтин ги увидел намерите на бугарската пропаганда, по неколку недели и неколку одржани состаноци, ја напуштил организацијата. Тогаш новиот млад печалбар дошол до заклучок дека оваа организација не се бори за идеалите и целите на македонскиот народ, туку напротив.

Инаку, оваа прва македонско-бугарска организација во Мелбурн која го носела името „Тодор Александров“ била со големобугарски цели, затоа имала кус век. Таа ги спроведувала своите активности во една мала кафеана и била контролирана од страна на тогашната бугарска фашистичка влада.

Затоа, Ристо Алтин демонстративно ја напуштил организацијата „Тодор Александров“ и продолжил во Мелбурн да лобира и да собира етнички Македонци кои заедно, што помасовно да ја помагаат борбата за ослободување на Македонија од тогашните окупатори. Така во 1940 година ја формирале организацијата „Гоце Делчев“ која била македонски ориентирана, а не Ванчомихајловистичка, како што постојано велеше Ристо Алтин.

crkovna-opstina-melburn
Првата македонска црковна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн

По напуштањето на МПО како пробугарска организација, Ристо Алтин се приклучил на една организација наречена „Прогресивна младина“, каде што успеал да го научи англискиот јазик. Во 1941 година, тој и неговите сонародници Ефто Трајановски и Томе Гергов организирале игранка во Сириската црква во источен Мелбурн, со цел да соберат пари за руските војници кои се бореле против Германија. Ристо Алтин беше еден од основачите на првата организација во Мелбурн „Гоце Делчев“. Подоцна, оваа организација се разви во Македонска народна лига (МПЛ), чијашто цел беше да ги обедини сите Македонци.

Како дел од нејзините напори да се воспостават институции за живот на заедницата, според Алтин, било решено да се воспостави црква во во Фицрој. На 14 мај 1956 година, бил избран црковен комитет, со Васил Мојанов како прв претседател. Ристо Алтин бил еден од иницијаторите, со цел да се изгради македонски храм, што ќе им служи на православните Македонци, кои со гордост ја истакнуваа својата национална припадност, богатиот фолклор и историјата.

Првите подготовки за црковното организирање датираат од крајот на 1955 и од почетокот на 1956 година, кога во Мелбурн, група активисти, меѓу кои беа: Ристо Алтин, Дане Трпков, Стојан Србинов, Петре Божанин и други, покренаа иницијативи, да се пристапи кон нови пошироки форми на собирање, што беше една од основните цели на МАНС при неговото основање, во која Ристо Алтин имаше водечка улога.

На Илинден, 1958 година, на свечен начин, а во присуство на голем број доселеници и симпатизери, беше поставен камен-темелникот на црквата „Свети Ѓорѓи“, којашто се наоѓа во Фицрој. Една година подоцна е поставена спомен-плочата на која стои: „Оваа црква е изградена за потребите на македонската православна општина“, а на 7 август 1960 година тогашниот епископ злетовско-струмички господин Наум, во сослужение на поголем број македонски свештеници, го освети храмот на светиот великомаченик Ѓорѓи. Тој е прв македонски храм во дијаспората осветен од македонски владика, кој за прв пат ја изрече светата литургија на својот мајчин македонски јазик. Исто така, оваа е прва македонска православна црква изградена надвор од Република Македонија.

man-kl-ohr
Манастирот „Свети Климент Охридски“

Овој голем настан во Мелбурн, беше од извонредно значење за македонските доселеници во Австралија и воопшто за Македонците во дијаспората. Црквата Св. Ѓорѓи ги поттикна Македонците ширум светот да се зближат, да градат и да црквуваат во свои духовни храмови, со што се афирмираат како посебна нација и ја шират вистината за својот народ и нивната дедовска земја – Македонија.

Овој значаен и голем македонски центар се наоѓа во Престон, во еден убав дел на градот каде денес е изградена новата црква посветена на свети Ѓорѓи и на света Богородица. На самиот влез на центарот се извишува споменик на Гоце Делчев, кој е откриен на 3 декември 1988 година, а под платото е раскошниот храм и културно-просветниот центар „Епинг“ кој има неколку сали и други придружни простории, од кои големата сала е вистински културен дом и како матица, пред сé, на постарата генерација доселеници.

Во составот на црквата започна со успех да работи Културно-просветното друштво „Светлост“, формирано кон крајот на 1960 година, чии членови покажаа голема љубов кон македонската народна песна и оро со толку пати покажани и докажани квалитети пред јавноста низ Австралија и во Македонија. Исто така, во состав на црквата работи пензионерска група и други секции. Во овој храм во изминатиот период се извршени повеќе од 6.000 крштевки, повеќе од 4.000 венчавки и повеќе од 2000 лица се испратени во вечниот покој според обичаите и традициите на православниот македонски народ.

Истакнатиот македонски Австралиец почина на 20 април 2008 година, во Мелбурн, каде се наоѓа неговиот вечен дом. Ристо Алтин беше активен во македонското движење до последните денови, оставајќи зад себе богата македонска историја. Тој беше пример како треба да се брани македонскиот јазик, Црквата, народот и Македонија.

Продолжува

slave-katin-feljton
Пишува:СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните избори

  Муцунски: Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победничките листи за парламентарните...

Историја

News image

Гоце Делчев неприкосновен лидер на македонската револуционерна борба

Општонародниот водач на македонската ослободителна борба Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 годи...

Иселеници

News image

НАЈГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА АНСАМБЛОТ „Томов“ И ЗА ГЕОРГИ (ЏОРЏ) ТОМОВ (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Велигденски пост

Првичната цел на предвелигденскиот пост била насочена кон огласените, кои се припремале да бидат крс...

Фељтон

News image

АКТИВНОСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА ПО СМРТТА НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ II) (25)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.