|
|
Политичкиот живот и раната христијанизација на Македонија (27) |
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА Во периодот на граѓанските војни, политичките борби на спротиставените страни од Италија се пренеле и во други делови на големата Империја, а пред сè во Македонија, каде политичкиот живот исто така бил многу жив. Покрај останатото, ова го потврдува и судбинската битка за целата Римска империја која се одиграла во близина на градот Филипи во Источна Македонија, во 42 година п.н.е. Имено, овој историски настан меѓу последните бранители на преживеаната Република, Брут и Касиј, од една и носителите на новата идеја на монархистичкото уредување, победниците Марк Антоние и Октавијан, од друга страна, се одиграл на главната сообраќајница која го спојувала Исток и Запад, на прагот на Европа и Азија (Плутарх III, 467-93). По победата кај Филипи, дошло до нова поделба на провинцијата и поделба на земјиштето. Триумфирите решиле воените ветерани да ги населат по колониите, основани на територијата на италските градови. Земјиштето кое им припаѓало на населението на тие градови било конфискувано. Населението било протерано од земјата и некои биле доселени како колонисти и во Македонија, со што бил создаден елементи на латинофони жители. Овие латинофони жители можеме да ги следиме во Македонија, Египет и Тесалија, во римско и византиско време, сè до денес. Тие се потомци (апогони) на старите Римјани, односно римски колонисти и латинизирани староседелци (Eter. Istor. Ekv., 1976). Според Mpampinioti (1986), во прашање е аромански јазик на куцовласите, еден вид преврат на латинскиот јазик кој се употребувал од номадите. Овој дијалект потекнува од латинскиот и македонскиот „коине“.
Духовниот, т.е. религискиот живот во Македонија за време на Римјаните исто така бил бурен. Веќе во средината на I век почнува христијанизацијата на Македонија. Во ширењето на новата монотеистичка религија најмногу удел имале Апостол Павле и неговите ученици Лука, Тимотиј и Силвано. Светиот Апостол Павле, како еден од првите проповедници на новото христијанско учење меѓу паганите, на своите патувања по Азија и Европа, двапати престојувал во Македонија, во Неапол, Филипи, Тесалоника и Бероја, првпат во 51 година. Во своите „Посланија на Солунците“, се заблагодарувал на благословениот прием на евангелието во Солун. Во нив се истакнува дека солунската црква станала пример на сите кои верувале во Македонија и во Ахеја (I, 7). Покрај тоа, тој им се заблагодарува на христијанските општини за сè што прават за сите браќа по цела Македонија (IV, 10). „Посланијата на Апостолот Павле“, како и Јовановата „Апокалипса“, имаат историско и канонско значение како извор на реконструкција на ранохристијанското учење, но и за согледување на ситуацијата во македонските градови и во Македонија, кон крајот на првиот век. Ранохристијанското учење ја проповедало идејата за еднаквост меѓу богатите и сиромашните и братство на сите луѓе, робовите и слободните. Тоа специјално се обраќало кон оние кои страдале, ветувајќи им мир и утеха во плачот. Тоа се покажало како религија на пониските слоеви на населението, робовите, занаетчиите, селаните, сиромашните и обесправените народи, оние кои Рим ги покорил. Ранохристијанското учење било туѓо национално и верско изолирање и со своите идеи за еднаквост и спасение во задгробниот живот, станало многу привлечно. Посетата на Апостолот Павле во Македонија, придонело да се формираат првите христијански општини во Солун и Бероја, како и во други градови. Меѓутоа, борбата на христијанството против паганството, почнала да се преплетува и против тврдењата на паганството-римската државна власт. Заради тоа христијаните биле изложувани на најстроги казни. И покрај жестокиот прогон, христијанството, во 312 година н.е., станало официјална религија на царството, за време на императорот Константин. Меѓу мачениците спаѓа и Св. Димитрие (погубен во 306 во Сирмија), заштитник на Солун. Најзначајна религиска историска манифестација во тој период е Првиот вселенски Никејски Собор, во 325 година. Како што е изнесено на овој Собор, учество зел и епископ од Македонија, од градот Стоби. Од податоците за учество на македонските епископи на религиските собори може да се следи големото влијание на христијанството и црквата во Македонија и ситуацијата на македонските градови во римскиот период. На црковниот собор во Сердика, 343 година, учествувале голем број црковни големодостоинственици (епископи и митрополити) од Македонија и тоа од Тесалоника, Амфипол, Стоби, Хераклеа и Скупи (Lamps, 1980 и Димевски, 1989). Исто така, македонските поглавари на црквата учествувале и на V екуменски собор, во 553 година на Царигратскиот во 680 година и на Трулскиот, во 693 година итн. Македонци имало и на црковни функции. Меѓу првите се споменува некој цариградски епископ, уште во 342-360 година, како приврзаник на Ариевата наука и Македонец патријарх на Цариград, 491- 511 година, за време на царот Анастасиј I (Etar. Ist. Ekd., 1976). Во црковната територијална поделба на христијанизираната Римска империја, Македонија добила значајно место. Црквата била добро организрана со митрополии и околу 18 епископии. Централно место заземала митрополијата во Тесалоника, заради посебниот углед на нејзиниот основач Апостол Павле. Со време Тесалоника Солун) станала архиепископија и апелациона инстанца за Префектурата Илирик. Во време на Јустинијан I (527-565) била формирана Заедничка митрополија, која во 535 година била подигната на ранг на автокефална архиепископија (Димевски, 1989). Продолжува Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо
|