|
|
| Ослепените Самоилови 15.000 војници станале просјаци- гуслари а просјачењето станува професија (2) |
|
Македонските слепи гуслари од битолската просјачко- гусларска традиција ги опевале битките и живееле од милoстина. Од тука самиот принцип на музичар – просјак и воопшто просјак станува традиција и професија, па просјаците до ден денешен ги има на овие простори. Османлиите казнувале со ослепување, а на слепиот му преостанувало само да проси и пее. Од тука излегуваат многу значајни епски песни. (Втор Дел) Ослепување како казнаОслепените по казна, што стоела до смртната зашто се сметала за фиктивна смртна казна, исто така била честа, а бројот на ослепените на овој начин бил необично голем. Ја познавале и ја применувале и Византијците врз потешките криминалци. Покрај обичните поданици, има и високи државни функционери, дури и самите деспоти, како Стефан Дечански, го завршиле животот како слепи по насилното вадење на очите. Вадењето очи го практикувале и Турците, применувајќи го не само врз обичните криминалци, ами и врз царските синови. Два царски сина и престолонаследникот, Савци и Андроник ја доживеале трагедијата на слепите зашто таков бил договорот меѓу татковците-нетатковци. Казната вадење очи Турците ја имале резервирано особено за уловените арамии и ајдути кои го имале квалификативот на државни непријатели, а според дотогашната терминологија “царски душмани“. Сите го окончувале животот како питачи. Исцелување и лекување Мотивот исцелување што се среќава толку често на фреските и во средновековните икони, а во кого на чудотворен начин со лесен допир на раката слепиот прогледува, ја подгревала надежта за враќање на видот и кај слепите и кај неговите роднини. Исус со лесен допир на рацете, пред запрепастените апостоли и случајни минувачи, му го враќа видот на слепиот во фреската “Исцелување на слепиот од Силоамската бања“ (14 век). Му го враќа видот и на еден друг во фреската “Исцелување на слеп“ во црквата Св. Никола во с. Чучер, Скопско (14 век). Поаѓајки од тоа, беше се раширило уверувањето дека магично можно е да се пренесе моќта на светецот од фреската на живиот болен. Вратените очи на слепите во фреските или здравите очи на светите лица, се пренесуваат на слепите со ископување на малтерот, кој така сега станува лек за очи. На тој начин може да се објасни отсуството на очите по нашите фрески денес. Индивидуални грижи Биографиите на Св. Климент Охридски постојано ја истакнуваат неговата голема грижа за вдовиците, сиромашните и просјаците. Скоро сите српски деспоти, вклучувајки ги и нивните сопруги, според биографиите имале грижлив однос кон просјаците, почнувајки од Стеван Немања и неговиот син Сава. Едно од петте основни правила што морал да ги исполнува муслиманот било грижата за бедните. Стана обичај, дури и поединечен натпревар кој повеќе ќе се истакне со грижлив однос кон сиромасите. Таков однос имале и повеќето цариградски султани и список дародавци, секако на челно место стои Бајазит II. Се тврди дека катадневно се грижел за нив и дека во една прилика дал 7.000 акчиња, а кога по неговата смрт, се направиле билансите на неговите финансии, се виде дека за сиромасите беше раздал дури 8.600.000 акчиња. Така правеле и овдешните муслимани, не само во одредени празници какви што посебно биле бајрам и рамазан, ами и во други, и обични прилики. Остана забележано дека во фурната на Џеладин бег од Горни Сарај во Охрид секојдневно се делеле бесплатен леб не само на сиромасите, ами и на сите оние што имале потреба, вклучително, се разбира и христијаните. Нема народ на светот кој не вреува дека божјите суштества можат да се реинкарнираат менувајки го својот лик, најмногу во човечки и да се појават меѓу лугето. Ваквиот патник вообичаено било да го крие идентитетот и да го прифаќа гостољубието на домакините. Топлиот и радосен прием се манифестирал на три начини: пречек пред куќната порта, воведување со внимание во домот и миење на нозете на гостиинот, потоа негово богато гоштевање и на крајот, нудење на телесно располагање на женски член од домот (гостинска обљуба). Сето тоа се правело божјото суштество да се придобие и поткупи и да стане наклонет и дарежлив кон домаќините. Ваквите гости не случајно, посебно просјаците кај повеќето народи имале и име “божјаци“. Тоа верување се одразило и во македонската топонимија. Селото Непроштено од Тетовско, според преданието името го добило по божја казна зашто богот-просјак не го угостиле со гостољубие и тој ги проколнал и никогаш за направеното не им простил (оттаму Непростено), а жителите децении и векови живеел е со несреќи. Просјаците-гуслари благодарејќи на ова верување добро профитирале секогаш уживајќи и во гостољубието и полнејќи ги торбите без дно. Македонските просјаци-гуслари биле динамични и необично подвижни луге. Најмногу и најчесто крстареле низ Македонија и така-речи немало катче каде тие не се појавувале. Патувале, меѓутоа, стигнувајки до најодалечените места и низ Балканот. Трпезарии Невозможно е професионалниот пејач од минатото да се оттргне и да се замислува без неговото присуство во трпезаријата.Трпезариите на средновековните балкански дворови биле богати со обилно јадење кое се залевало со пиење, но исто така трпезариите, се украсувале со свирачи и пеачи. Таа слика на средновековниот двор одразена е и во ликовната уметност, а една минијатура од 14 век од “Александрида“ го потврдува тоа. Јурај Крижаниќ од 18 век, го оставил овој запис: “Видов како на гозбата седеа племиќи и војводи, а зад нивниот грб стоеја војници и пееја песни во слава на предците. А сите оние песни содржеа слава за Марко Крале, Дебел Новак, Милош Кобилиќ и некои други јунаци. Крчми (меани) и кафеани Народната песна крчмата ја познава како ниска, трошна, со земјен под зграда, крајпатна, но и селска и градска, во која се точи вино и ракија и во која прочуените јунаци го врват, подготвувајки се за следниот поход, слободното време. Првиот податок за крчмар од турскиот период кај нас е оној од 1452 год. што го даваат турските документи. Имено, во пописните дефтери од 1452 год. се споменува името на Стајо, син на крчмар, кој живеел во селото Одри, Тетовски вилает. Кафеаните имале посебно значење за популарноста на гуслата и на епската песна, особено среде муслиманската босанска средина. Многу од гостилничарите, како што тврдат многумина плаќале постојано вработени гуслари чија задача била да ги забавуваат гостите. Набргу, особено во местата со развиена епика, станале места и за гусларски натпревари. Завлегувале и престојувале во нив и просјаците-гуслари. Ја заработувале дневницата, постариот го учел помладиот, тука се слушала за првпат новокомпонраната песна или вршеле еснафски и други договори. Еден запис од Охрид од првите децении од веков говори дека не само ентериерот, ами и крчмарскиот и кафеанскиот екстериер станал привлечно место за гусларски настани на просјаците-гуслари. Панаѓури Бидејки се наоѓале покрај манастири или цркви, кои во минатото играле улога на главни стационари на просјаците, многу рано се јавила и претпоставката дека е еден од главните фундаменти врз кој ќе се потпира појавата на македонските просјаци-гуслари. Се смета дека панаѓурите ја имале клучната улога во градењето на гусларската традиција, посебно пак во физиономирањето на Прилепско просјачко-гусларски центар. Народното предание говори дека во Прилеп и Прилепско имало 77 цркви и манастири, исто толку и панаѓури, а меѓу нив најпознат и најпопуларен, меѓународниот Прилепски панаѓур. Во Македонија имало многу селски, градски и меѓнародни панаѓури, некои со големо реноме. Во Скопско, скоро секое село имало свој, односно имало онолку колку што имало и цркви и манастири. Уште во 13 век Грегорас тврди дека во Струмица имало градски панаѓур, на кого посетителите во жива облека виеле многу ора и пееле песни. Публика Појавата на просјакот-гуслар пред публиката значела најавувана и очекувана средба меѓу два добро познати и испитувани субјекта. Секое излегување на гусларот пред публиката значел ризик и тежок и неизвесен испит кој можел да има тешки и трајни последици. Постоеле и така-наречени омеилени песни на публиката. На пр. мажите, од Лазо Коријарски барале да им пее за Марко Крале и Црна Арапина, за Станко Дуко и др. Исто така познато е, на пример, дека на Милан Ѓорѓевич, кој загинал во 1916 во борбите со Бугарите, најомилени песни, кој ги пеел со посебен жар му биле оние што се однесувале за Марко Крале. Додека траело пеењето, односно претставата многумина го тестирале гусларот давајќи поволни или неповолни оценки. Се раскажува за еден пример, кој што можел да прерасне во меѓунационална тепачка во Босна. Гуслар, босански католик, пеејќи песна за Марко Крале, го преобразил во католик и католички застапник и борец. На тоа присутен Турчин жестоко реагирал “Како смееш Марко да го преобразиш во Латин, кога ние во текот на 400 години не можевме да го направиме муслиман“. Еден случај завршил и трагично. Некои фрањевци од Босна намамиле гуслар во својата средина и го замолиле да им пее српски песни. Од кавги се преминало во тепачка во која подебелиот крај го извлекол осамениот гуслар, кој подоцна од добиените повреди и починал. Репертоар-обем Немало просјак-гуслар ако имал прилика да се пофали, а да не истакне дека е голем мајстор на занаетот и дека располага не само со разновиден, ами и со необично богат репертоар. Истакнувајќи го бројот, скоро по правило, сите тврделе дека сопственици се ако не на илијадници, тогаш во секој случај на стотици песни. Кор Хуо Хусовиќ броел дека знае онолку колку што има денови во годината-366, а Ванѓел Кипаризоски-300 песни. Неколку причини има за таквите слободни и помалку самофални изјави. Главната причина било отсуството на толку потребниот и неизбежен инспиративен и стимулативен аудиториум, кој секогаш умешно и успешно ги копал, вадејчи ги на виделина, како што е случај со анегдотите и приказните по аналогија, заборавените и закопаните песни Клањалици и благодарници Песни кои никогаш не влегле во репертоарот на другите интерпретатори, кои се среќаваат исклучиво само среде просјаците-гуслари биле клањалиците и благодарниците. Среде Македонците, а под наслов “Просјашки песни от Прилеп“ кон крајот на минатиот век ќе објави и Марко Цепенков. Тоа се две клањалици и две благодарници. Познати се уште како и молбеници и благослови. Обата вида имаат подвлечена и нагласена молбена и тажачка интонација и содржина, и тоа, веројатно, е причина. Првин се исполнувала клањалицата, зашто преку неа се упатувало молбеното барање, потоа, откако се добивал дарот, се пеела и благодарницата, а нејзината функција била да се пофали поединецот добротвор и истиот да се благослови. Улога-автори Просјаците-гуслари преку песната станале најдоследните, најангажираните чувари на историјата и најпроверените хроничари на животот на својот народ. Љубоморно и заинтегрирано откривајќи го она што требало да се памети и да се предава, преку песната како основно средство, воспоставија тесни врски и со современиците и со поколенијата. Нема, така-речи ниту еден поважен и позначаен настан од национален и местен интерес што нема да се најде во регистарот на нивните песни. Чувари Секој просјак-гуслар, целејки да стекне реноме на врвен интерпретатор, кој се бара и се наградува, од кого се учи и се слуша, кој печали мало богатство понекогаш само и со една песна, а кај кого не само уметничките вредности, ами и бројот на фолклорните видови е една од превасходните и битни одлики како естраден уметник, се трудел да открие и да прибере и убава и вредна, но пред се нова и препознатлива песна и истата да ја трезонира и објавува за лично, свое богатство. Има и негации и омаловажувања на значењето и улогата што ја имале просјаците-гуслари, општата оценка е дека тие одиграле посебна улога во литературниот фолклор. Секоја нивна смрт претставувала закоп на богатството со немерливи вредности, насилно изумирање и кастрење дел по дел, гранка по гранка на разгранетото македонско фолклорно стебло. Сејачи Необично сподвижни и динамични, игнорирајки ги етничките, јазичните и другите разлики, граничните, топографските и други препреки, просјаците-гуслари останале најупорните сејачи на мотивите. Вук Караџиќ многу рано ке открие дека, покрај патниците и ајдутите слепите-просјаци гуслари, ставајки ги на прво место, биле главните распространувачи на песните низ Србија ( “Песните јуначки, вели тој, најмногу ги разнесуваат слепите, патниците и ајдутите“ ). Еден прочуен тетовски пејач, кој знаел и многу “кралски песни“ сите ги имал научено од прилепските просјаци-гуслари. Па ако Македонија имала клучна улога во појавата на некои епски песни, како што се претпоставува, посебно во Крали марковскиот циклус, тогаш македонските просјаци-гуслари во најраниот период имале и клучна улога во нивното ширење низ Балканот. (Крај) |
Ослепување како казна














