Среда, 10 Јули 2013    Печати
Методија Шаторов Шарло секогаш се изјаснувал како Македонец

metodija-satorov-sarlo"... Господата од Белград и Софиа спорат за Македониа, а македонскиот народ ич не го питат. Тиа поробители на Македониа имаат тепегјозлук да зборуат оти македонскио народ бил српски, бил бугарски и оти Македонците немале историа, јазик и др.
Македонските поробители лажат. Во сушност македонците не сет нити Срби, нити Бугари а сет само Македонци.“

sharlo

Проглас на Покраинскиот Комитет на КПМ, на чело со Методија Шаторов - Шарло...

Вистинската улога на политичкиот комесар на Покраинскиот комитет на Куминистичката партија во Македонија, Методија Шаторов-Шарло, во комунистичкото движење и во почетокот на народноослободителната војна во Македонија, долго време беше вистинска загатка. Под влијание на Лазар Колишевски, одредени политичари и историчари долго време ја прикриваат вистината за неговата дејност во овој период. Односно се прекриваат трагите на револуционерот кој се борел за слободата на македонскиот народ и обединета Македонија.

Обвинет дека македонската партиска организација ја присоединил кон Бугарската работничка партија и дека ги спроведувал нејзините ставови во Македонија, името и улогата на македонскиот патриот Методија Шаторов-Шарло, долго време по Втората Светска Војна било ставено под ембарго. Меѓутоа, неговиот животен пат, неговите настапи и пишани материјали кои подоцна се појавуваат во јавноста, јасно говорат за неговата определба за Македонија.

Шарло е роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп. Основно и средно образование завршил во Прилеп и во Битола, а во 1914/15 година и Учителската школа во Скопје. Во 1918 година емигрирал во Бугарија, каде станал член на македонските организации во Софија. Во 1926 година учествувал во создавањето на ВМРО-Обединета, а во декември 1927 година бил делегат на Втората конференција на Коминтерната, каде говорел за македонското прашање. Во анкетниот лист на Коминтерната запишал дека е Македонец. Потоа се вратил во Бугарија, каде за ВМРО- Обединета ја организирал работата во Пиринскиот дел на Македонија. По налог на Коминтерната престојувал во Париз, каде собирал помош за Интернационалните бригади во Шпанија. Со отпочнувањето на Втората Светска Војна, со легални документи добиени од југословенскиот конзулат, во 1939 година се вратил во Прилеп. Односно, тој доаѓа во Македонија по налог на партијата, откако КПЈ побарала кадровска помош од Коминтерната.

Во пролетта 1940 година Шарло работи на обновата на ПКМ, а на 8 септември истата година на тајно гласање бил избран за политичкиот секретар на ПК КПЈ за Македонија. На конференцијата беше донесена Резолуција, со која се предвидуваше создавање македонски револуционерен фронт, кој требаше да биде дел од општата борба на пролетаријатот на Југославија, а во сојуз со народните движења на Македонија и сите слоеви, требаше да застанат против српскиот империјализам. Истовремено било покренато прашањето за враќање на земјата на македонските селани и бркање на сите српски колонисти.

Месец дена потоа, на Петтата земска конференција на КПЈ, Шарло бил избран за член на ЦК КПЈ. Во своето обраќање на конференцијата тој се осврнал на српската колонизација на Македонија, па по ова прашање, ваквите ставови во КПЈ биле сметани за екстремни. Во тоа време во Југославија, граѓанските партии не сакаа да го признаат македонскиот идентитет, а Македонија ја сметаа за Јужна Србија и Македонците за Јужни Срби.

Но, по окупацијата на Чехословачка и се` поотворените завојувачки намери на фашистите спрема Балканот и Македонија, ЦК на КП укажа на можните манипулации во врска со националната обесправеност на Македонците и Црногорците. Во тој поглед ЦК на КПЈ во пролетта 1939 година издаде посебен документ „КПЈ и македонското национално прашање“ во кој се истакнува дека „македонскиот народ како нација никогаш немал своја национална слобода“.

Напаѓајќи ги балканските буржоазии кои во Македонија гледале само како монета за поткусурување, како и оние кои не можеле да го сфатат не само балканското, туку и европското значење на македонското национално прашање, КПЈ во овој документ ќе го посочи неоспорниот факт дека Македонците се една посебна нација (ни Грци, ни Бугари, ни Срби). Истовремено „во документот се прецизира дека КПЈ и работничката класа во Југославија мора да најде во македонското демократско движење сојузник во борбата за демократија и национална слобода и против нациофашистичките поробувачки планови и дека создавањето на ваков борбен сојуз ќе биде најсигурен пат за ослободувањето на македонскиот народ и гаранција за одбрана на југословенските народи од туѓинска инвазија..“ (Историја на македонскиот народ, Скопје 1988)

Во тој контекст на сите овие настани како на домашната така и на меѓународната политичка сцена можеме да го гледаме и Прогласот на Покраинскиот Комитет на КПМ, на чело со Методија Шаторов – Шарло, во кој се вели:

„ДРАГИ БРАЈКЈА! Првото иешто, кое бие на очи е признаването от страна на српските големци оти постои Македонија. До сега секогаш си го дереа грлото оти Македониа нема, а има само “Јужна Србија“, а сега признаа оти Македониа има не само во Грција и Бугарија, ами и во Југославија. Ама сушноста на споро мегју српските и бугарските шовинисти е кој да владеј во Македониа и кој да стрижи македонската овца.

Господата от Белград и Софиа спорат за Македониа, а македонскиот народ ич него питат. Тие поробители на Македонија имаат тепегјозлук да зборуат оти македонскио народ бил српски, бил бугарски и оти Македонците немале историја, јазик и др. Македонските поробители лажат! Во сушност македонците не сет нити Срби, нити Бугари, а сет само Македонци.

БРАЈКЈА! Вие имате свој јазик, своја култура, свои традиции, свои песни итн. Вие имате славна историја и минало. Кирил и Методиа не беа ни Срби, ни Бугари, а македонски славјани кои дадоја писменос и култура на сите славјани. Новата историа на Македониа е богата со борби за национална слобода. Илинден е најславнио пункт на Македонците за слобода и равноправие.

Поробителите на Македоноиа ќе се раскина да докажат оти Македонците биле слободни. Навистина пак во Македонија не постои слобода, а апсани, џандари, кјотеци, национално претопуенје, колонијална експлоатација, политичко ропство и бесправие. Поповите со евангелие и џандарите со камшик биат македонскиот народ по очи, по глава, да му докажат оти тој бил Србин. Жални големосрпски човечина!

ДРАГИ СЕСТРИ И БРАЈКЈА! Српските властодржци се борат да не би да испуштат кокало (Македониа) от устата, па затоа се готват за отпор за војна. Ни еден народ не сака војна во това число и македонскио. От една војна помеѓу Југославија и Бугариа за Македониа, ќе страдат народите на двете држави. Во најарен случај при една таква војна Македониа ќе смени само господарите си. Вие сакате не војна, а мир, работа и добар живот.

Благодарение на големата земја на социјализмо – СССР овие дена затегнатото положение во Југославиа, Бугариа и Турциа попушти. Конфликто можеше да избувни и да станеме сите балкански народи плјачка на империалистите. Голема заслуга за запазуанје на мирот е на СССР!

На Македониа спасението е во борбата за слобода во сојуз со сите народи и потиснати во Југославија.“

По кратката априлска војна во 1941 година и фашистичката окупација Југославија и Грција, во Македонија започнува нова етапа на македонскиот народ во неговата национално ослободителна војна. Неполн месец по навлегувањето на окупаторските сили, Шарло го упатува своето „Писмо до Стојана“ во кое го истакнува ставот дека „..како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италјански и бугарски војски... Ние не видофме нити наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Се` што е наше ни се представуе како да е било бугарско... Да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ“.

Долго време комунистичкиот режим не го експонирал ова писмо од мај 1941 година, кое истовремено преставува прв документ на КПЈ во Македонија по окупацијата. Во него секретарот на ПК на КПЈ за Македонија Методија Шаторов Шарло ги изнесува не само своите ставови и погледи за априлската војна и за положбата на Македонија во првите денови по окупацијата, туку преку него, како своевиден проглас тој го повикува македонскиот народ на борба против новата окупација на Македонија.

Овој факт под влијание на Лазар Колишевски беше премолчуван од историчарите, исто како што беа премолчувани фактите за првите диверзантски акции кои се случуваа во првите месеци по окупацијата во 1941 година, како и за улогата на Шарло во формирањето на Првиот скопски партизански одред во Македонија на 22 август 1941 година. За Лазар Колишевски овој одред не постоеше. Единствено што јавноста знаеше, беше дека Шарло без знаење на КПЈ ја приклучил Куминистичката партија во Македонија кон Куминистичката партија на Бугарија.

Во тоа време врските меѓу КПЈ и КПБ биле несигурни и не биле редовни, па КПЈ навреме не ја добива одлуката на Коминтерната по која делува Шарло и кој бара од БКП партиската организација од Пиринска Македонија да се припои кон партиската организација во Вардарска Македонија. Во партијата настанува конфузија кога на 24 јули 1941 година Колишевски во присуство на инструкторот на КПЈ, Драган Павловиќ, ја донел одлуката со која се распушта раководството на КПМ. Но уште поголема конфузија настанува на 17 август 1941 кога Петар Богданов ја донел одлуката на Коминтерната за припојување на ПКМ кон КПБ. Оваа одлука не му одговара ниту на КПЈ, ниту пак на КПБ.

Всушност за Методија Шаторов Шарло, националното прашање на Македонците било на прво место и тој сметал дека во македонскиот револуционерен фронт требало да влезат сите слоеви на македонското општество, за разлика од Тито кој сето тоа го сфаќа како класна борба на пролетеријатот и селаните против владеачката боржуаска класа. Во судирот на двата концепта, Тито се жали до Коминтерната дека во Македонија ништо не се прави со цел да им се помогне на советскте луѓе, додека во Југославија се води вооружена борба. Против Шарло истапува и КПБ, која ги нема целосно дефинирано своите ставови кон македонското прашање. По ова Коминтерната се сложува КПМ повторно да биде под КПЈ, а Шарло откако од Колишевски не му било дозволено да се приклучи на Скопскиот партизански одред, заминал за Софија.

На 4 септември 1944 година, Методија Шаторов Шарло кој секогаш се изјаснувал како Македонец, при една акција на бугарската војска против партизаните, загинал под неразјаснети околности во близина на Пазарџик. Постои сомнеж дека неговото убиство било нарачано и извршено со знаење на БКП.