Среда, 01 Август 2012    PDF Печати Е-пошта
Спомени на Максим Поповски за Илиндеското востание, запишани во 1953 година во село Бабино

kuburata

“Илинденското востание поочна ноќта оред  Илинден на 1 август вечерта. Центарот за подигање на востанието беше село Бабино. Во бабинските ливади  на местото “рамни ливади” се разви македонското знаме кое беше наполно црвено, од црвена свила и купено беше во Битола за 45 лири. На него пишуваше “смрт или слобода”, знамето беше везено од девојки од Битола.

Во бабинските ливади четите положија заклетва “смрт или слобода” и тргнаја  за напад на село Прибилци. Населението беше благовремено известено да бега во гората. Кој што можеше да понесе храна, постилачки и покривачки, понесоја.

На чело со востаничките чети беа: Јордан Пиперката и Никола Дечев - војводи, а на селската чета беше војводата Степан Степановски. За напад на черкезаното село Ново Село, војвода беше Каранфил Мавро, родум од с. Тепавци-Мориово, а за напад на турското село Кочишта-Крушевско беше Сотир од село Брезово. За напад на село Солп-Кичевско, беше војводата Божин Пиперката, брат на Јордан Пиперката од Козица. Борбата отпочна меѓу 1 и 2 август през ноќта. Решено беше да се запалат турските села, али дојде курир од Штабот од Смилево од Дамјан Груев и Лозанчев со наредба да не се горат турските села. Дамјан Груев во почетокот не беше согласен да се подигне востание, али на конгресот во Смилево и тој се согласи.

За напад на Мургашево беше војводата Милош од Белица -Кичевско. Четите враќајќи се од Прибилци дофатија под село Сапотница две коли товарени со богат намештај од кајмакамот кој се селеше од Битола за Кичево. Кајмакамот не беше со колите. После нападот на Прибилци и другите турски села, четите се вовекоја во шумата, а еден дел од четите тргна за село Карабуница-Кичевско во помош на кичевските чети кои водеа борба со Север-ага од с. Зајас-Кичевско. Во таја борба загинаја околу 30 четници и две недели по тоа беше затишје. После  две недели надојде аскер од Азија и четите беа принудени да се повлекуваат во гората. Една група на чети се окопа под село Бабино на местото “Кула” од каде отвори оган на турскиот аскер. Турскиот аскер почна да ги гони четите и навлезе во селата и во Илинска планина. Кај Илинска црква стана судрување со турскиот аскер и таму загинаја 7 четници сите од село Вирово.

На истиот ден се водеше жестока борба над Крушево - “Мечкин камен” каде се бореја Питу Гули и Ѓурчин војвода од село Сланско. Наредено беше на четите да појдат во помошт на Питу Гули али борбите во Илинска планина продолжуваја и ни дел од четите не можеја да се одвојат.

Од четата на Ѓурчин војвода и Питу Гули погинаја околу 200 души.

Четиите беја наполно разбиени и 13-дневната Крушевска република под претседателството на Никола Карев беше повратена во турски раце. Крушево беше опстрелвано со топови и изгорено.

За забележување е и ова: Никола Карев и Питу Гули издадоја проглас со кој го покануваја населението, без разлика на вера и нациналност, во борба против турските зулумќари и за ослободување на Македонија.

Јордан Пиперката со четата тргна за село Цер-Кичевско. Зборувано му беше да не оди јавно и денски али тој не почу. На враќање од с. Цер беше пресретнат од силен турски аскер и башибозук и беше прострелан со брдски топови. Едната рака му беше скината и таму во Церско поле, погина. Погинаја уште 3 другари: Милан Трајковски и Кузман Тодоровски од село Бабино и Георгија од с. Церко -Кичевско.

За кратко време пристигна во помош четата на Никола Дечев и Турците беа принудени да остстапат, а останатите од Јордановата чета се спасија и успеаја да ги подигнат телата на Јордан, Милош, Кузман и Георги, кои што ги однесоја во с. Велмевци -Кичевско и ги погребаја. Таја вест го ожалости цел Демир -Хисар. Подигнат е споменик.

По неколку дена започна жестока борба при “Орлов камен” над с. Базерник. За момент ќе беше фатен жив Борис Сарафов. Во тие борби зедоја учество сите селски чети и реонската чета со Штабот.

Најжестока борба се одигра над селото Боиште и меѓу селото Царево во планината. Сите чети беа тука и беа опколоени од 16.000 турска војска. Тука се разви голема битка која траеше цел ден. През ноќта за да се спасат четите го пробија обрачот со бомби и си пробија пат за отстапление. Во таја борба погинаја околу 10 души и беа доста ранети. Ранетите беа спасени и не беа дадени во плен. Лекови за ранетите беа испраќани од началството од Битола.

После таја битка над с. Боиште разбиените чети се растурија и после 5-6 дена едвам се собраја. По неколку дена се чу дека води борба кај Илинска црква Христо Узунов-охридски војвода. Нашите чети тргнаја во помош. Турците беа разбиени и побегнаја. Имаше и тука прилично жртви.

После таја борба четите се вратија во своите реони, али се отки борба во село Брезово и таму погинаја 40 души. Таму погинаја војводите: Сотир од Брезово и Димитрија Матлија, секретар на Сотир од Охрид. Главата на Сотир беше однесена срешту турското село Прибилци на џадето на местото “светецот” и закачена на кол. По кажувањето на очевидци турчињата фрлале со камења по Сотировата глава.

За погибијата на Јордан Пиперката потребно беше да се нагласи следното: шпиуни го предале Јордана. Турците од с. Солп-Кичевско со спрегнати коли во кои легнале турски војници покриени со черги, божем одеа по снопје. Војниците фатиле заседи по меѓите и на враќање отвориле оган на Јордановата чета. Јордан напред одел и тој прв загинал.

Кога Турците од околните села разбрале дека е Јордан убиен големи џумбуси направија.

Стана голема борба и на местото “Цедилига” над бабинските ливади. Тука се бореше ресенската чета на Никола Дечев и селската чета. Аскерот сакаше да врши претрес на шумата во која што беше сето население од село Бабино. За да го спасат народот четите отворија оган на турските аскери и вниманието на аскерот се обрна кон четите кои што беа прогонувани. Турците тогај го заклаја еден момок од 18 години и уште 3 селани од с. Бабино. Ако четите не отворија огин на Турците овие при претресот на шумата би уништиле мноштво народ.

Се појави несугласица меѓу војводите Никола Дечев и Борис Сарафов. Дечев сакаше тој да го земе првенството. Еден ден Дечев со четата беше на местото “Кула” под с. Бабино а аскерот настапуваше кон селото, а во селото беше четатата на Борис Сарафов. Дечев веројатно планираше да погине Сарафов и тој да го превземе првенството. Четниците му зборуваја: ајде да стреламе или да соопштиме на Сарафов, но тој не позволи. Аскерот навлезе во селото а народот тргна да бега а во народот се смеша и четата на Сарафов и така се спаси. Оружјето што го носеја четите беше помешано. Најмногу имаше тетовски пушки со еден куршум. Овие пушки ги преносеше еден Турчин од Тетово по име Бајрам кој на таја работа спечали многу пари. За полнење на фишеци имаме калапи скоро во секоје село. Се полнеја со барут и куршум. Скоро во сите села предварително имаше направено фурни. Четниците имаја специјални капи со срмени ширити и со натпис “смрт или слобода” постоеше и болница во с. Велмевци во паланината. Болницата беше копана во земјата. Лекар немаше ами еден сељак од с. Слоештица. Видан Сивевски ги лекуваше ранетите.

Четите беја скоро секаде разбиени пошто надојде силен аскер. Муницијата се сврши и селските чети беа принудени да се предават, а главните војводи не се предадоја но избегаја во Бугарија.

Тогај Јерми-паша од Солун објави примирје. Во село Бабино заседна приближно еден месец еден пук војска. Пашата седеше со под шатори а во селото во куќата на Јаким Касаповски еден Грк потурчен, турски официр, со неколку башибозука ги тепаја луѓето. Беја повикани и двата попа и поп Кузман и поп Стојан. Поп Кузман го клаваја во врела вода со нозете а на поп Стојан брадата му ја обрикле.

Населението беше мачено и тепано затоа што немаше оружје да предаде.

Пративме луѓе во Битола кај конзулите при турскиот, англискиот и францускиот. Другиот ден дојдоја суварии (полицијска коњица, н.б.) и донесоја заповед. Аскерот одма се дигна пошто конзулите превзедоја мерки.

Од нашите села имаше и други војводи како Алексо Стефанов од с. Радово кој што дејствуваше во Костурско, Аце Трајчев тој беше во Преспа за време на востанието и таму погина. Никола Врба од с. Брезово, Ангеле Секулов од с. Базерник, Блаже Магарче од с. Г. Илино. Овај го замени Јордан Пиперката после неговото убиство.

Селата беја скоро спалени од турскиот аскер и башибозук. Примирјето траеше само околу 3 месеци. Организацијата почна и понатаму да набавува оружје. Почнаја наново да се формират чети. Во нашите места беше реонски војвода Алексо Стефанов од с. Радово. Во реонско Ангеле Секуловски од с. Базерник. Во Крушовско Блаже Биринчето. После враќањето на главните војводи од Бугарија кај ним се јави пар-тијаштво.

Четите често ја пееја песната:

Ој мајко мила Македонија

земја красна, рајска градина

за сладка слобода крв да пролејам

и клети Турци да ги истерам.

Селски војводи во околијава беа: во Бабино Степан Степановски, во Базерник Илија Ласиевски, во М. Илино Ристе Шудуровски, во Г. Илино Павле Трајков, во Слоештица Илија Димовски, во Виров Лазар, во Мренога Цветан Димевски, во Доленци, Цветан Трпевски, во Железнец Трајан.

Облеклото беше разно: од началството во град Битола беја испраќани опинци, гуни и други алишта.

После примирјето кога почнаја наново да се формирајат чети за реонски војвода дојде Алексо Стефанов и заедно со Цветан Доља од М. Илино цела зима преживеја во земјаница во Илинска планина.

Максим Поповски
Пензиониран учител од с. Бабино

24. I. 1953 г.
с. Бабино
Д. Хисар

“Податоци за Илинденското востание” од Максим Поповски, ДАРМ, фонд: Виктор Аќимовиќ, ак. 4;

Kire_FilovПодготвил: м-р Кире Филов
 

На прво место

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.