|
|
Сојузот на Македонците со исламска религија апелира до муслиманското население во Струга и Струшко, вевчанските карневалски маски да не се заменат со маски на омразата и одмазадата, бидејќи, како што наведува во соопштението до медиумите, Господ е еден, независно од обраќањето кон него.
Духовните светилишта, џамиите и црквите се богатство на народите и културите во верата кон Бога и грев е нивно сквернавење без никакво оправдување и поради никакви мотиви, нагласува Сојузот на Македонци со исламска религија. Апелира до политичките партии да излезат од канцелариите на верските објекти и својата доверба да ја вреднуваат меѓу народот со успеси и позитивни резултати, а не да го мерат својот рејтинг по големината на шовинизмот и верскиот фанатизам што го поттикнуваат. - Градоначалниците на Струга и на Вевчани, Рамиз Мерко и Перо Илиески, се градоначалници на сите граѓани независно од нивното етничко потекло и верско уверување и така треба и да се однесуваат. Повикуваме на разум и владеење на правото, на меѓуетнички мир и верска толеранција, а од надлежните органи бараме најбрзо расчистување на случаите и пронаоѓање и најстрого казнување на сторителите како поука за други, стои во соопштението од Сојузот на Македонците со исламска религија. |