|
||||
| Евроаксцелератор |
Наднационалното ќе се потпира врз национални темели.Роберт Шуман Демократијата е есенцијално евангелска, нејзиниот двигател е љубовта.Хенри Бергсон Новата генерација млади демохристијани мислам дека може да ја приближат Македонија до ЕУ поуспешно од кои било други субјекти. Тие и многу подобро може да ја опишат и да ја појаснат идејата кај населението, од досегашните снобови чиј ангажман е стерилен и покрај засилена употреба на зборови како интеграции, култура, обединување кои се изречени без вистинско значење, без страст, без стил. Неопходно е да се испратат во пензија сите постсоцијалистички националисти кои културниот изолационизам го кријат зад идеја за цврст суверенитет. Политичарите кои веднаш по 1991 не воведоа лустрација и денационализација не може денес да фигурираат на политичката сцена, без разлика колку не' убедуваат дека се преориентирале проевропски. Многу е важно тие што се одговорни за застојот од безмалку цела деценија во 90-тите да бидат маргинализирани. Некогашните закоравени југокомунисти денес се националкомунисти (еден вид македонски деголисти), но тоа национал не треба да збунува, станува збор за истиот антидемократски и тоталитарен концепт за уредување на државата т.н. прекрасна изолираност. Всушност најголем отпор треба да се бара кај трговците - монополисти и универзитетските авторитети, особено оние што се вклучени во јавниот живот и уживаат некаква интелектуална слава. Повеќето од некогашните најистакнати марксисти преминаа на тврд национализам за да можат се' уште да фигурираат, но само за да ги задржат своите стари идеолошки позиции. Без разлика дали одбраа национализам, неолиберализам, социјалдемократија, срцето најмногу им трепери на спомнувањето на Карл Маркс. За волја на вистината, европските интеграции може да се поврзат со некогашната Интернационала, и тоа е случај со Унијата, но како принцип на правда. Не верувам ниту во 68-машите, (бидејќи тие во Белград бараа поголем социјализам) а ниту во квазиавангардни левичарски групи, кои под превезот АНТИНАТО пацифистички активизам, кријат длабок евроскептицизам и се инструменти на академските евроскептици. Мое убедување е дека ЕУ и НАТО одат во пакет и дека тие се неделиви. Кога се зборува за Европа се прави една грешка, имено и најмала критика кон неа се прогласува за евроскептицизам, но треба да се прави разлика, што е научна расправа, а што политика. Без нималку додворување, мислам дека кај народот има повеќе европотенцијал и тоа поради повеќе причини меѓу кои и тоа дека како народ имаме искуство со федерациско уредување, во тој поглед искуствата од Југославија може да ги пренесеме, па дури и колапсот што го претрпеа некои од институциите може да го прочисти патот за нови идеи. Сметам дека младите конзервативци со тек на време треба да преминат преку неореалистичкото кон неофункционалистичкото / федералистичко кое многу повеќе се потпира на европските институции, според поделбата што ја прави Џон Пиндер. Меѓутоа не може да се исклучи ниту актуелниот политички период и перипетиите низ кои поминува Македонија на патот кон ЕУ. Нашиот отпор против укинување на татковината, националниот идентитет е сосема оправдан. Роберт Шуман, еден од татковците на ЕУ, во „За Европа“ со својот беспрекорен мемоарски израз ќе напише: „Па, сепак, се' додека една нација не ја усоврши својата структура, своето внатрешно единство, се' додека нејзиното постоење или нејзината независност се изложени на закана, се' додека нејзините соседи се однесуваат како соперници и противници, токму национализмот, славењето на патриотското чувство, го претставува најчистиот израз на граѓанска должност“. Она што не го разбираат или не сакаат да го разберат некои од нашите академици прокламатори на антиграѓански национализам е финалето на овој цитат: „Потоа, како што често се случува кај луѓето, тоа што е доблест се изопачува во мана, тоа што било легитимен рефлекс на заштита и одбрана - станува извор на судири и несигурности“. ![]() Алекс Букарски Дневник |





















