Среда, 18 Мај 2011    PDF Печати Е-пошта
Осамостојувањето на македонскиот феудалец Добромир Хрс

nikitaСлабостите на византиското општество се појавиле со целата своја силина набргу по смрта на византсискиот император Маноил I Комнен, (1143 – 1180). Борбата за власт проследена со чести крвави вооружени пресметки, прогони и сурови казни, довело до намалување на авторитетот на централната власт и засилување на крупните земјопоседници и чиновништвото кои ја узурпираат власта и не ги почитуваат законите, што од друга страна ја довеле државата на работ на пропаста.

Обидот на Андроник I Комнин (1183-1185) да воведе ред и да го ограничи самоволието во државата, не дал некои поголеми резултати пред се поради жилавиот отпор на феудалната опозиција. Во периодот на безвластие состојбата на зависното население се влошила до тој степен да тие почнале да се бунтуваат. Ги напаѓале домовите на богатите земјопоседници и ги уништувале должничките книги. Дополнително  состојбата во Византија била усложнета со навлегувањето на Норманите во 1185 година. По истоварувањето во реонот на Драч, Норманите незапирливо поминуваат низ Македонија пљачкајќи го Солун и другите македонски градови и села. Под нивниот притисок се распаднала византиската управа во поголемиот дел од Македонија.

Распадот на византиската управа во Македонија овозможил создавање на поволни услови за осамостојување на одделни македонски феудалци. Во периодот кога во Византија доаѓа на власт Исак II Ангел (1185-1195), како надоврзување на востанието на Петар и Асен во Бугарија, на историската сцена во централниот дел на Македонија се појавува македонскиот феудалец Добромир Хрс. На почетокот Хрс имал мирни релации со цариградскиот двор, но тој се подготвувал кога ќе дојде време да ја зголеми својата власт. Условите биле создадени во 1189 година со навлегувањето на крстоносците од III крстоносен поход што ги предводел императорот Фридрих I Барбароса. Еден нивни одред, во потрага по храна, се упатил во Македонија. Пред да ги напуштат овие предели крстоносците воспоставиле врска со Добромир Хрс. Но по нивното заминување, Византија повторно успеала да ја наложи врховната власт врз непослушните вазали,а Хрс бил затворен. Но по кратко време тој бил ослободен и поставен за управник на Струмица.

Желбата конечно да се осамостои од централната власт, Хрс ја користи во првите години на владеењето на Алексиј III Ангел (1195-1203), кога дошло до вриење во западните провинции на царството.Тргнувајќи од Струмица, тој во утврдениот град Просек, над левиот брег на Вардар, при влезот во Демирхисарската Клисура. сместил избрана посада и го преместил своето седиште. Градот го снабдил со одбранбени справи и со доволно количество храна. Територијата на Хрс се простирала на запад и на југ до границите на Прилепската тема, на север, до границите на Скопската тема а на исток и југоисток, до провинциите Струмица и Малешево со Мородвизд. На освоената територија Хрс ги укинал „ромејските" закони и вовел „варварска" власт. Оттаму тој напаѓал на Серската област. Во 1199 година била организирана експедиција против Хрса, предводена лично од византискиот цар, но под ѕидините на тврдиот град византиската војска претрпела пораз. Посадата на Просек му нанесла на непријателот тешки загуби особено со каменофрлачките, со кои вешто ракувал еден бивш византиски наемник. Во текот на борбите Хрсовите војници извршиле и еден ноќен напад и при тоа ги уништиле византиските справи за опсада.

Никита Хонијат, еден од најпознатите византиски историчари од втората половина на XII и почетокот на XIII век, во својата „Историја" дава многу важни податоци за походот на византискиот император Алексиј III Ангел (1195-1203), во 1199 год. против Добромир Хрс, и неуспешната опсада на средновековниот град Просек. Во неговата „Историја“ (№сеtае Сhtoniatae Historia, Воппае 1835, р. 643-647; 665-669; 672.) тој ќе забележи:

Императорот тргна за Кипсала, според планот да им помогне на тракиските градови што беа нападнати од Власите и Скитите. Освен тоа сакаше да го фати и Хрс или пак да ги прекрати барем неговите ненадејни грабачки походи во областа на Сер. Хрс беше мал, дебеличок Влав, кој, кога Петар и Асен се одметнаа од Ромеите, ним не им се придружи. Напротив, дури им се спротивставуваше со оружје и со своите петстотини луѓе, и притоа се поврза со Ромеите. Малку подоцна беше откриено дека тој сепак одржувал врски со Власите и дека настојувал да добие што поголема власт со намера да издаде самостоен посед. Во врска со тоа беше затворен, но подоцна беше повторно ослободен и испратен да ја чува Струмица. Меѓутоа, тој ги изневери очекувањата на императорот, бидејќи го обнови стариот план и почна, без да се срами, да им нанесува несреќи на соседните Ромеи...

Така тоа одеше. Императорот ја напушти Кипсела и замина за Солун, а оттаму продолжи против Хрс. А овој Влав ја присвои Струмица, освен тоа ја зазеде тврдината Просек и ја направи свое седиште. Потоа на разни начини уште повеќе ја зацврсти тврдината, која и без тоа по природа беше јака... Ромеите ја запоставија и без посада ја оставија оваа пркосна тврдина бидејќи не помислуваа на опасност од Бугарите. Меѓутоа, Хрс ја присвои и направи од неа несовладливо упориште пред Ромеите. Тој прибра таму одбрани борци, постави насекаде направи за фрлање, изгради и наполни амбари со намирници и пушти овци и говеда да пасат по тесните појаси на каменот. Имено тврдината по обем не беше мала, таа се протегаше доста далеку...

Хрс, владеејќи ја оваа силна тврдина, не се исплаши кога императорот тргна против него, туку се подготвуваше за одбрана. Мал број Ромеи, кои беа искусни во војната... му советуваа на императорот... да го заобиколи Просек и најнапред да ги нападне другите тврдини и села што ги држеше Хрс, и дури потоа да го нападне Просек... Меѓутоа, императорот не го послуша тој совет и силовито се упати кон Просек, сакајќи да се увери дали е тврдината навистина неосвоива како што слушаше за неа.

Кога пристигна до Просек, го постави шаторот и реши веднаш да ја нападне тврдината. Ромеите се бореа храбро, над очекувањето и правеа дела достојни за почит и чудење... Меѓутоа, набргу согледаа дека сиот нивни напор бил залуден... Работата одеше многу бавно, а непријателот постојано ги притискаше озгора и им нанесуваше загуби... Под такви услови храбрите војници не можеа ништо да сторат и се повлекоа назад со тешко срце... Утредента тргнаа повторно на јуриш, меѓутоа, по настанот од претходниот ден непријателот беше охрабрен и силовит. Направите за фрлање, со кои се служеа варварите, отепаа многу наши, бидејќи тие можеа лесно да стрелаат озгора... Преку ноќ излегоа варварите од тврдината и им ги искршија на Ромеите направите за фрлање, што тие ги беа поставиле на блиските ридишта. Ноќната стража многу се исплаши и избега до шаторот на протовестијарот Јован.. Освен тоа, низ стрмните падини тркалаа широки и со обрачи обвиени вински буриња и со тоа ја плашеа војската, која во темнината не можеа да разбере од каде потекнува вревата... Императорот согледа дека на тој начин не може да ја постигне целта, а освен тоа немаше намера таму да се задржува подолго време, па затоа стапи во преговори..“

По неуспехот, византискиот цар бил присилен на спогодба, со која му ја признал власта на Хрса врз градовите Струмица и Просек, во својство на жупан и топарх. Исто така бил договорен и брак помеѓу Хрс и ќерката на протостраторот Маноил Камиц. По таков начин Хрс се зацврстил како независен господар на централниот дел на Македонија. Тоа го потврдува и „Хрониката" на Теодор Скутариот. Иако оваа хроника претставува компилација од трудовите на повеќе автори, таа содржи и доста дополнителни податоци, меѓу кои и изворни податоци за осамостојувањето на македонскиот феудален владетел Добромир Хрс и создавањето на „независно кнежевство" со седиште во Просек. Во својата хроника Скутариот ќе забележи:  „ (Хрс) по заземањето на Струмица и утврдувањето во Просек си создаде седиште на независно кнежевство... Таа (тврдина) нема голема и соодветна ширина, се издига скоро до облаците и се простира како некаков ѕид. Целата е од камен... (Под неа) е направен премин колку да тече реката, која порано се викала Аксиос, а сега Вардар, и колку да помине од источниот дел еден пешак или коњаник. На горниот западен дел, на чијшто врв на карпата е и градот, е изградена и тврдината Просек, на која ниту искачувањето на пешаците што влегуваат е лесно, ниту пак слегувањето.. Како нејзин господар Хрс воопшто не беше загрижен за нападот...Меѓутоа, (Ромеите), кога го сторија тоа, се уверија дека избрзале... Хрс сепак се согласи да преговара (за мир) и посака од императорот по негова повелба да го владее Просек и да се ожени за жена од благороден род. Императорот го прифати тоа и се повлече оттаму и, влегувајќи во Константинопол, му испрати жена на Хрс... На гозбата невестата не јадела и не пиела како младоженецот и од тоа му било јад... Тој, пак, откако подоста си помрморил по варварски, рекол потоа: „Не јади и не пиј!...“

Но по кратко време, односите меѓу Хрс и Византијците повторно се влошиле. Причина за нарушување на односите било одбивањето на царот да плати откуп за дедо му на Хрс, кој подолго време чмаел во бугарско ропство. Меѓутоа, Хрс го ослободил Камиц, плаќајќи 200 центенари злато на име откупнина. Откако Камиц се ослободил и се вратил во Просек, побарал од царот да му ја надомести откупнината. Царот го одбил барањето, а протостраторот, заедно со Хрс, презеле воена акција во западните провинции. Најнапред ги зазеле Пелагонија и Прилеп, потоа навлегле во Тесалија и поттикнале востание во Елада, што довело дури и Пелопонез да се одметне од централната власт. Византијците во меѓувреме опремиле војска и ја упатиле против Хрс и Камиц. Византиската војска најпрвин ја презела Пелагонија и Прилеп, а потоа и Тесалија, со што биле скршени силите на Камиц. Во 1201 година Византијците со измама загосподариле со Струмица. А Хрс бил потиснат во изолираниот Просек, каде што му се губи секоја трага.
 

На прво место

News image

ИМА МАКЕДОНИЈА

Ламбе Арнаудов: До ВЕТЕРАНИТЕ НА ВМРО ДПМНЕ – АРХИТЕКТИ НА САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА

Историја

News image

Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (61)

Милче Милошевски денес е пензионер кој од детство другарува со Маноил Мане Јаковлевски. Нивното др...

Иселеници

News image

МАКЕДОНИЈА ЗАЛУЖУВА ПОДОБРА СУДБИНА ОД ОВАА ШТО ЈА ИМА СЕГА

МАКЕДОНИЈА ЗАЛУЖУВА ПОДОБРА СУДБИНА ОД ОВАА ШТО ЈА ИМА СЕГ...

Култура и туризам

News image

Настанување на селото Лазорополе и потеклото на неговите жители

Лазорополе за прв пат се споменува во Кодиката (книгата на дарители) на манастирот Слепче, во вторат...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (28)

ПОТЕРА ПО АРГОНАУТИТЕ И НИВНОТО ВРАЌАЊЕ – ДЕЛ I Кога Јасон и Медеја дошле на брод...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.