|
||||
| Милошоски: Грција само изјавува дека се преговара за спорот за името |
|
Република Грција реторички изјавува дека се преговара само за спорот што таа го има со нашето уставно име, но во суштина и во практичните разговори се забележува дека во Грција, македонскиот идентитет, постоењето на Република Македонија, нашето уставно име, прашањата за постоење или непостоење на малцинства, се табу тема што го оптоварува грчкото современо општество, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. - Мислам дека овие грчки табуа се наследство од Студената војна и денес се провлекуваат како еден товар на грчките политичари кои во еден добар дел станаа заложници на грчката националистичка политика по ова прашање, што беше произведена во 1991-92 година. Но, во секој случај имаме одредени практични проблеми што ни се создаваат по однос на ова прашање и самите можете да процените до каде се оди со развлекувањето на овој проблем, рече шефот на дипломатијата во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Во врска со евентуалните додавки Вардар или Вардарска, министерот вели дека тоа се најчесто шпекулации од грчки извори и медиуми. - Не би ги коментирал, пред се оставаме во текот на овој процес медијаторот Метју Нимиц да ја има приликата официјално да предлага одредени идеи, сугестии... Премногу често во грчките кругови се прават обиди да се наметнуваат или промовираат одредени решенија што имаат грчки дизајн за македонското национално име, но во секој случај за нас е мошне важно во ова прашање да се согледа реалноста, тоа е Република Македонија, постоењето на македонскиот народ и достоинството на македонските граѓани, кои на крајот преку референдум би имале активно учество во решавањето на ова билатерално спорно прашање, рече Милошоски. На прашањето кој е ставот на Македонија за српската резолуција за Косово, која идната недела ќе се разгледува во ОН, Милошоски рече дека Македонија се води од три постулати по однос на ова прашање. - Првиот е дека Македонија има воспоставено дипломатски односи со Приштина, исто како што имаме дипломатски односи со Белград. Вториот дел е тоа што признавањето на Косово го имавме заедно во координација како чекор со Црна Гора и сега имаме исто така координација по однос на нацрт - резолуцијата на Србија, и третиот, е мислењето на Меѓународниот суд во Хаг. Сите овие параметри ни се помагатели за проценка како ќе гласаме и сметам дека според нив не би требало да се очекува Македонија да ја поддржи нацрт-резолуцијата на Србија, затоа што таа не ја апсолвира реалноста која произлегува од овие претходни параметри. Во тој контекст сметам дека со заедничка координација со Црна Гора ќе имаме една заедничка позиција во Њујорк, изјави министерот за надворешни работи Милошоски. |





















