|
||||
| Фридман, Керим и Серафимовски наградени со „Послание за хуманост на Мајка Тереза“ |
|
Американскиот славист д-р Виктор Фридман, дипломатот д-р Срѓан Керим и академик Томе Серафимовски се годинашни добитници на наградата „Послание за хуманост на Мајка Тереза“ што ја доделува граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“. Наградите денеска, на денот на упокојувањето на Мајка Тереза, ги врачи градоначалникот на Скопје Коце Трајановски на свеченост во Македонската академија на науките и уметностите, во рамките на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Мајка Тереза. Добитник на наградата „Послание за хуманост на Мајка Тереза“ е и францускиот шансониер Шарл Азнавур, кому ова признание му е врачено за време на неговата посета на Скопје. Дипломатот Срѓан Керим, од свое име и од име на академикот и скулпторот Серафимовски, истакна дека Мајка Тереза не е само великан на нашето време, туку патоказ кон основните универзални вредности, мирот и љубовта меѓу луѓето насекаде во светот за генерациите што ќе пристигнат. - Таа е овде, со нас и меѓу нас. Вчера, денеска, утре... Прашањето на кое секој од нас сам себе си должи одговор, вистински е дали сме ние со неа, ќе ни успее ли тоа воопшто и колку?, праша Керим за да заврши со порака дека нема да залутаме доколку ја имаме надежта и смелоста со која тргнала Гонџа Бојаџиу во пресрет на Мајка Тереза за да станат едно. Статуетки за хуманост „Блажена Мајка Тереза“ им беа врачени на проф. д-р Сашко Кедев, хуманист и освојувач на врвот Монт Еверест, алпинистот Здравко Дејановиќ, д-р Мане Манев, лекар, на маратонецот Игор Димовски, кој неодамна го преплива Ла Манш, на музичкото дуо Мехмети - Старова, на олимпиецот Бранимир Јовановски, на Лајонс клубот „Свети Пантелејмон“, на Митко Костов и на крстоносецот Раде Илиевски. Пригодна беседа за Мајка Тереза на свченоста имаше претседателот на МАНУ, академик Ѓорѓи Старделов. Претходно беше промовирана монографијата „Бидете благословени - молитви и пораки на Мајка Тереза“ и филмот „По скопските патишта од младоста на Гонџа Бојаџиу-Блажена Мајка Тереза до Калкута“, на авторот Стојан Тренчевски. По повод стогодишнината од раѓањето на големата хуманистка и нобеловка за мир Мајка Тереза оваа година се реализираат 100 акции, манифестации и чествувања. Агнеза Гонџа Бојаџиу - блажената Мајка Тереза, основачка на редот Мисионери на милосрдието, е родена во Скопје, на 26 август 1910 година. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута. |





















