|
||||
| Средба Груевски-Фајман: Македонија не смее да се гледа само преку призмата на проблемот со името |
Премиерот Никола Груевски денеска во Салзбург се сретна со австрискиот канцелар Вернер Фајман со кого разговараше за повеќе теми од областа на економијата, енергетиката, за политички прашања и за билатералната соработка меѓу двете земји.![]() Груевски го информира Фајман за тековната состојба во Македонија во однос на реформите и проблемите со кои се соочува нашата земја. При тоа укажа дека земјата во изминатата година главно се соочи со два проблеми. Едниот со кој се соочија сите земји во Европа - проблемот на глобалната економска криза и вториот, што е карактеристичен за нас - проблемот со името. - Нагласив дека и покрај сите тие проблеми продолживме со реформите и сега во моментов сме многу концентрирани на реформите поврзани со судството, со администрацијата и борбата против криминалот и корупцијата, а се разбира го држиме и темпото со реформи во економијата, изјави Груевски после средбата. Тој го запозна австрискиот канцелар и со тоа како се одвиваа работите и пред почетокот на економската криза, при што нагласи дека земјата во тој период имаше висока стапка на раст од шест посто, зголемување на извозот од 60 проценти за само две години, дека се намалија даноците, беа направени крупни реформи, намалување на бирократијата и намалување на трошоците за правење бизнис. Груевски подвелече дека пред кризата беше создадена многу подобра бизнис клима и оти тоа многу и помогна на земјата и за време на кризата да нема толку големи проблеми со какви што се соочија дел од државите во Европа и во светот кои претходно немаа воведено такви мерки. Сето тоа помогна во Македонија да нема банкарска криза, да не дојде до намалување на пензиите и платите, да нема отпуштања во администрацијата, или да се прават некои чекори кои што беа карактеристични за многу други држави. - Во тој аспект, 2009 година која што беше екстремно тешка, релативно се добро помина, иако ризици се уште постојат и ние сме сигурно фокусирани на тој дел, истакна македонскиот премиер. Груевски поблиску го запозна Фајман и со проблемот со името, односно за штетите што ни ги предизвикува и поради кои не можеме да напредуваме. Тој уште еднаш повтори дека досега требаше да бидеме членка на НАТО затоа што ги завршивме сите потребни модернизации и реформи уште во почетокот на 2008 година, но од тогаш Грција не блокира барајќи начин да не притисне да прифатиме решенија кои што таа ги нуди. Груевски потсети дека и од минатата година откако Европската унија и Европската комисија објавија позитивен извештај и кажаа дека земјата веќе е стигната на ниво да може да ги започне преговорите, повторно сме блокирани, овој пат за започнување на преговорите за членство во ЕУ, што негативно влијае на нашиот понатамошен развој. - Треба да се најде решение, ние бараме решение во однос на името. Меѓутоа треба да се внимава затоа што Македонија не смее да се гледа само преку призмата на проблемот со името. Тоа е држава со два милиони луѓе, со свои проблеми и предности и ние правиме максимум да го решиме тој проблем. Не смее земјата да се гледа само преку таа призма - ако го реши е во ред, ако не го реши не е во ред. Има многу други позитивни работи кои што треба да бидат наградени и валоризирани, нагласи претседателот на македонската Влада. Двајцата премиери на средбата си упатија и покани за официјални посети на Македонија и Австрија, при што се договорија дека ќе ги реализираат во прва можна прилика. Груевски предложи при официјалните посети да има и размена на стопански делегации затоа што тоа дополнително ќе продонесе за развој на бизнисот, инвестициите и економијата помеќу двете држави. По средбата со Груевски, австрискиот канцелар приредува неофицијален прием на кој ќе присуствуваат и премиерите на Албанија и Црна Гора, Сали Бериша и Мило Ѓукановиќ, како и високиот претставник на меѓународната заеднива во Босна и Херцеговина Валентин Инцко. |





















