Понеделник, 09 Февруари 2026    Печати
СДС, СЈО и Катица Јанева–„девојката од милион долари“

kurir

СЈО како политичка алатка: старата матрица на СДС и прашањето за Филипче

Ништо ново кога СДС е во прашање. Истата матрица, истата логика, истата политичка култура: трошење народни пари, газење на законите и Уставот и брутално мешање во институциите. Само актерите се менуваат, сценариото останува исто.

Деновиве во јавноста повторно испливаа сведоштва кои ја потврдуваат најцрната страна на згаснатото Специјално јавно обвинителство – институција која требаше да биде симбол на правда, а заврши како политички штаб на СДС.

Поранешната обвинителка во СЈО, а денес адвокат, Лејла Кадриу јавно проговори за начинот на кој функционирало СЈО: на работ на законот, без правила, без записници и со постојано присуство на партиски врв. Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски – редовни гости. Обвинителството, наместо независна институција, било претворено во собиралиште на раководството на СДС.

Буџетот? Расипништво без срам. Пари на граѓаните трошени за кафиња, лешници, партиски блиски договори, роднини и пријатели. Само за два месеци во 2015 година – потрошен еден милион евра. За што? За „правда“ или за партиски комодитет?

На врвот на таа структура стоела Катица Јанева – „девојката од милион долари“, која заврши со правосилна пресуда од седум години затвор за примање мито, а денес ужива условен отпуст. Симболиката е повеќе од јасна: СЈО не пропадна случајно, туку затоа што беше злоупотребено до срж.

Според сведоштвото на Кадриу, клучните оперативци биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски – луѓе кои денес повторно се појавуваат како „реформатори“ и кандидати за високи функции во обвинителството. Истите тие, кои во СЈО примале предмети директно од Заев и Шекеринска, без записник, без процедура. Во таков систем секој можел да вади и додава документи кога ќе посака. Тоа не е правна држава – тоа е партиска импровизација.

Политичкиот притисок не застанувал само во обвинителството. Имало обиди за директна контрола врз судството: кој ќе биде обвинет, колку обвинети ќе има и кои судии ќе бидат таргетирани. Според сведоштвата, на тогашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, му бил креиран и лажен предмет. Ако ова не е дефиниција за институционален криминал, тогаш што е?

Денес, на чело на СДС е Венко Филипче – политички наследник и личен пријател на Заев, кој јавно признава дека е во постојан контакт со „учителот“.

Прашањето е неизбежно: дали СДС под водство на Филипче ја продолжува истата стратегија–непочитување на законите, влијание врз правосудството и трошење народни пари за партиски цели?