Понеделник, 02 Февруари 2026    Печати
Конфискацијата како тест за државата

csm 40Korruption f0f34bce64

На седницата на Националниот совет, премиерот Христијан Мицкоски ја отвори темата која со години стоеше затворена во фиоките на институциите: засилена конфискација на незаконски стекнатиот имот и нови, поконкретни мерки против корупцијата. Не како декларација, туку како политичка најава со јасна цел – удар таму каде што најмногу боли: во џебот на корупцијата.

Македонија не страдаше од недостиг на закони. Таа страдаше од недостиг на волја тие да се применат. Со години гледавме како истите имиња се вртат низ судови, обвинителства и комисии, додека имотот стекнат преку злоупотреба на функција, криминал и клиентелизам остануваше недопрен. Корупцијата не беше исклучок – таа беше систем. А системот се штитеше самиот себе.

Затоа најавата за засилена конфискација не е обична правна мерка, туку политички и морален пресврт. Таа испраќа порака дека времето кога криминалот се исплатеше – завршува. Дека функцијата нема да биде штит, а партиската книшка нема да биде алиби. Кога државата ќе почне реално да го одзема она што е украдено од народот, тогаш ќе започне вистинската борба против корупцијата.

Конфискацијата не смее да биде селективна, ниту насочена само кон „паднати“ политички фигури од минатото. Таа мора да важи за сите – без разлика на позиција, име или политичка боја. Само така правдата ќе престане да биде инструмент за дневна политика, а ќе стане правило на функционирање на државата.

Новите антикорупциски мерки, најавени од премиерот Мицкоски, треба да значат и крај на симулацијата на правда. Не ни требаат нови комисии за прикривање на старото беззаконие. Ни требаат мерливи резултати и институции што ќе одговараат ако не постапуваат. Одговорност не само за оние што крадат, туку и за оние што молчат и дозволуваат.

Ова е момент на вистина за државата. Кога најавената конфискација ќе стане реалност, Македонија ќе направи чекор од заробена кон функционална држава – од систем на заштита на моќните, кон систем на заштита на граѓаните.

Народот одамна не бара спектакли. Бара правда. А правдата, конечно, мора да почне да се мери во одземени вили, сметки и имоти стекнати на грбот на граѓаните.

Три клучни приоритети во Стратегијата 2025–2028

Премиерот нагласи дека конфискацијата е сложен процес кој вклучува повеќе институции и меѓусебно поврзани фази. Новата Стратегија за 2025–2028 ги утврдува следните три приоритетни области:

  1. Пронаоѓање и следење на незаконски стекнатиот имот
  2. Привремено обезбедување и конфискација
  3. Управување и реупотреба на конфискуваниот имот

Одземениот криминален имот не смее да остане мртов капитал. Тој треба да добие нова социјална и општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните – како конкретен доказ дека правдата, конечно, функционира.

МН