|
||
| Кажете дали сакате да бидете во ЕУ, повика евроамбасадорот Михаил Рокас и остана жив! |
|
Евроамбасадорот Михаил Рокас изјави, дека е „неопходно внатрешно обединување за надминување на пречките за влез во ЕУ“, звучи како Македонија да треба да инсталира звучници низ цела држава и непрекинато да емитува една иста порака: „Да, ние сакаме да бидеме примени во членство во Европската Унија!“. Но таа порака одамна е кажана. Илјада пати. На избори, на референдуми, на улица, во анкети, во стратегии, во болни компромиси. Единствено што недостасува е една клучна, намерно премолчена реченица: Да – Македонија сака да биде членка на ЕУ, но со исправен грб. Непонижена. Неуценета. Неизлажана. А што да кажеме кога уште во 1990-тите познатиот француски дипломат Батендер јавно изјави дека Македонија е подготвена за членство во Европската Унија, во време кога земјата штотуку зачекоруваше како независна држава? Ако тогаш бевме спремни, а денес–по три децении реформи, отстапки, ветувања и компромиси–сè уште не сме?, тогаш проблемот очигледно не е во Македонија. Ако во 1990-тите бевме спремни, а во 2026 не сме, тогаш или сме драстично назадувале – или Европската Унија со години не знае што сака од Македонија. Години наназад се поставуваат услови, се ветуваат датуми, се отвораат перспективи–па се затвораат. Се менуваат правила среде игра, се додаваат нови барања. И сето тоа под истото мото: „Само уште ова, па потоа…“ Три децении, ќе влеземе во Гинесовата книга на рекорди? Евроамбасадорот вели дека Македонија има „целосна поддршка“ за членство и дека е клучно да се постигне внатрешен консензус за да се искористи „политичкиот момент“. Убаво звучи. Но проблемот е што Македонија имаше консензус и тогаш кога го смени името. И кога прифати историски ревизии. И кога отвори уставни прашања под надворешен притисок. Консензус имаше – резултат немаше. Рокас смета дека ако се обезбеди внатрешно единство, „останатите бариери ќе бидат надминати“. Тука лежи суштинската манипулација. Зашто најголемите бариери не беа внатрешни, туку надворешни. Факт што и самите граѓани во огромен процент ја поддржуваат ЕУ–71 отсто, со најголема поддршка кај младите. Тоа не е доказ за наивност, туку за трпение. И за надеж дека Европа ќе почне да се однесува европски. Да, граѓаните сакаат реформи. Сакаат владеење на правото, борба против корупцијата, чиста животна средина. Но тие реформи не се монета за поткусурување, туку обврска на секоја држава кон сопствените граѓани. Членството во ЕУ треба да биде признание за напредокот, а не стап за уценување. Германската амбасадорка Петра Дрекслер пак зборува за кредибилитетот на процесот и за чувството на припадност. Токму тука е проблемот: чувството на припадност не се гради со понижување, туку со почит. Не со „само уште еден услов“, туку со јасен, чесен и предвидлив пат. Затоа, место Македонија да се дерe преку разглас дека сака во ЕУ, тоа Европа треба да го каже гласно, дали е подготвена да ја прими Македонија како рамноправна членка – а не како вечен кандидат, вечна тема и вечна жртва на туѓи интереси. Иронично и нечесно, истите тие што го условуваа процесот, го кочеа, го релативизираа и го претворија во бесконечна чекалница, ни порачуваат: „Ама кажете ни дали навистина сакате?“ Да, ние сакаме да бидеме примени во членство во Европската Унија! |