Сабота, 24 Јануари 2026    Печати
Филипче не е штетен само СДС–тој е штетен за Македонија

1aa-MN copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

СДС за ВМРО-ДПМНЕ можеби е идеален политички противник, но за Македонија претставува скап и штетен експеримент што граѓаните веќе еднаш го платија – и тоа со камата.

Ако некој внимателно го слушаше говорот на Венко Филипче на Конгресот на СДС, лесно можеше да стекне впечаток дека зборува државник без дамка, лидер на победничка партија и жртва на неразбрани, неблагодарни граѓани. Само едно нешто недостасуваше – вистината.

СДС и Венко Филипче навистина заслужуваат признание. Единствена партија во поновата историја што владеела со години, а нема никаква одговорност за состојбата во која се најде државата. Кај нив сè е кристално јасно: тие се чесни, чисти и визионери, а Македонија заглавила и финансиски и политички – сама од себе.

Корупцијата? Се случила без нив.
Лошите договори? Ги потпишал некој друг.
Празниот буџет, скапите цени и блокираната Европа? Очигледно – космичка неправда.

Филипче денес повикува „чесни луѓе“ во СДС, како да не зборуваме за партија што токму во своето владеење ги избрка чесните од државата. СДС сега е „имунолошки систем“, иако токму таа ја зарази државата со хронична недоверба, институционална корупција и политичка ароганција. Но нема грижа – кога реалноста не одговара, секогаш може да се прогласи дека сите други се виновни.

Очигледно, СДС не ја изгуби власта. Таа само накратко слета на Земјата – па повторно се врати на својата планета, каде што никогаш не згрешиле.

Филипче не најде време да им објасни на сопствените делегати зошто СДС денес е петта политичка сила во главниот град и трета во државата. Веројатно тоа се смета за ситница, недостојна за еден „визионерски“ говор. Изборниот пораз е прогласен за природна непогода – дојде, помина, никој не е виновен.

Во таа логика, гласачите или згрешиле, или не разбрале. СДС – никогаш.

Највпечатливиот момент беше целосното отсуство на критика кон Зоран Заев. Човекот што ја редефинираше капитулацијата како „храбра политика“, а поразот како „успех“, и натаму е недопирлив. Филипче не се огради, не се дистанцира, не се извини – затоа што тој не е алтернатива на Заев, туку негово продолжение со поумерен тон.

Филипче, се разбира, не зборуваше ниту за криминалот. Не затоа што го нема, туку затоа што е премногу близок. Кланот „Дубаи“, тендерите, сомнителните договори, луксузните автомобили, јагленот за ЕСМ, Колашинац, „Адитив“, Васко Ковачевски – сето тоа остана надвор од агендата. Очигледно, во СДС криминалот е толку нормализиран што повеќе не се смета за тема.

Кога сите се виновни, најлесно е никој да не биде спомнат.

Филипче не објасни зошто СДС со ентузијазам сервираше национални отстапки кон Бугарија и Грција, зошто францускиот предлог беше прифатен без општествен консензус и зошто Македонија повторно беше претворена во експеримент за туѓи интереси.

Останаа истите истрошени кадри, меѓу кои и Андреј Жерновски – човек што јавно го бранеше бугарскиот наратив за Македонија. Нови лица нема, нови идеи уште помалку. СДС денес личи на партија што се плаши од сопствената сенка, но нема проблем да ја гази државната.

Додека се продава како жестока опозиција, СДС во пракса функционира како помал чирак на ДУИ. Молкот за Артан Груби и аферата со Лотарија не е случајност, туку партнерство. Кога криминалот е заеднички, тишината е договорена.

За ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче можеби е најпосакуваниот политички противник. Но проблемот е што Филипче не е штетен само за својата партија – тој е штетен за Македонија и нејзините државни интереси.

Молкот може да послужи како алиби – како стратегија.
Но одговорноста, колку и да бегаат од неа, останува.