|
||
| Бугарија, преку својот парламент и преку меѓудржавен договор, во 1956 година го има признаено македонскиот јазик како посебен јазик |
|
МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО ДОГОВОРОТ МЕЃУ ЈУГОСЛАВИЈА И БУГАРИЈА ОД 1956 ГОДИНА – ДОКУМЕНТ ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРИШЕ Во времиња кога историските факти се релативизираат, а јазикот и идентитетот на македонскиот народ се предмет на политички условувања, постојат документи што зборуваат погласно од секоја дневна политика. Еден таков документ е Договорот за правна помош меѓу Народна Република Бугарија и Федеративна Народна Република Југославија, ратификуван од Бугарското народно собрание со Указ бр. 167 од 8 јуни 1956 година. Овој договор не е маргинален акт, ниту неформална декларација. Станува збор за меѓудржавен, правно обврзувачки договор, усвоен и потпишан од официјалните институции на тогашната бугарска држава. Токму затоа неговата содржина има тежина што не може ниту да се оспори, ниту да се „препрочитува“ според дневно-политички потреби. Во член 7 од договорот јасно се наведува дека бугарските и југословенските судови комуницираат преку надлежните институции на народните републики Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора. Веќе тука Македонија е јасно и недвосмислено именувана како посебна федерална единица. Но клучниот доказ доаѓа во член 8. Во него стои дека: „Барањата за услуга и правна помош се изготвуваат на бугарски или српско-хрватски, словенечки, македонски јазик.“ И уште појасно: „Документите и другите трудови што се изготвуваат… мора да бидат напишани на еден од јазиците наведени во истата алинеја.“ Овде нема фусноти, нема ѕвездички, нема „објаснувања“. Не пишува „бугарски дијалект“, не пишува „регионален говор“, не пишува „службен јазик на југословенска република со привремен карактер“. Пишува јасно и прецизно: македонски јазик. Дополнителна тежина на овој факт му дава и ставот на Радосвета Василева, бугарски доктор на правни науки, која отворено констатира: „Оние кои тврдат дека Бугарија не го признала постоењето на македонскиот јазик заборавиле на Договорот за правна помош помеѓу Југославија и Бугарија од 1956 година. Во договорот пишува ‘македонски јазик’, а не ‘бугарски дијалект што се зборува во Југославија’.“ Оваа изјава не доаѓа од македонска страна, туку од бугарски научник, што дополнително ја руши тезата дека станува збор за „југословенска конструкција“ или „наметната формулација“. Фактите се јасни: Историјата може да се премолчува, но документите остануваат. А овој договор е токму тоа – писмен, официјален и непобитен доказ дека македонскиот јазик не е производ на современа политика, туку реалност признаена и потврдена и од оние што денес најгласно ја негираат. Вистината, колку и да се турка под тепих, секогаш си го наоѓа патот.
|