|
||
Формирано здружение ВМРО-ДПМНЕ во Албанија |
Лево Елена Симоновски-Претседателка на Здружението ВМРО-ДПМНЕ во Република Албанија
Формирањето на новото здружение на ВМРО-ДПМНЕ во Република Албанија претставува значаен чекор за македонската заедница во оваа земја. Група припадници на македонското малцинство, со поддршка од млади и активни граѓани, успеаја да ја спроведат целата постапка за официјално регистрирање на ова здружение, кое во својата основа ја има идејата за зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет. Целите на здружението се амбициозни и далекусежни. Нивната мисија е да ја обединат целата македонска заедница во Албанија, без разлика дали тоа е здружение, културни друштва или други облици на здружување. Главниот акцент е ставен на промоцијата на македонскиот јазик, култура и традиција, како и на заштитата на човековите и малцинските права. Она што посебно се издвојува е стремежот здружението да биде активен фактор и поддржувач на универзалните вредности: човекови права, семејни вредности и заштита на наследството. Со најавените активности за формирање медиумски платформи, промоција на туристички потенцијали и иницијативи за зачувување на културните и верски споменици. Ова здружение испраќа порака дека македонската заедница во Албанија сака да биде видлива, активна и горда на своето постоење. Посебно внимание е насочено кон младите, генерацијата која треба да го пренесе идентитетот и културата во иднината. Со нивно вклучување во проекти и активности, здружението создава простор за енергија, креативност и нови перспективи. Формирањето на ова здружение е повеќе од формален чин – тоа е порака на самодоверба и решителност. Во време на брзи глобални промени и често запоставување на малцинските прашања, македонската заедница во Албанија покажува дека е подготвена да ги брани своите права, да ги негува своите вредности и да ја афирмира својата припадност и во државата и пошироко. Ова здружение има за цел да стане мост меѓу Македонците во Албанија, и меѓу Албанија и Македонија. Мост што ќе ја зајакне соработката, ќе ја гради довербата и ќе ја отвори перспективата за иднина во која различностите не се слабост, туку предност и сила. Здружението ќе ги штити и ќе ги промовира правата на македонското малцинство во Албанија и ќе биде поддршка за активностите и иницијативите во насока на остварување на своите цели и поддршка на своите членови. Здружението има за цел: ● Културен, образовен развој и информирање, со цел зачувување на националниот идентитет на македонското малцинство во Албанија; ● Активно учество во заштита на универзалните човекови права, традиционалното семејство и правата на малцинствата; ● Формирање на медиумски платформи за заштита на човековите и малцинските права и слободи; ● Заштита на природното, културното и етничкото наследство на македонското малцинство и промоција на туристичките вредности со цел афирмација на нашата заедница во Албанија и надвор од неа; ● Зачувување на културни и верски споменици, како и иницирање изградба на нови или реставрација на постоечките; ● Воспоставување соработка со други здруженија кои ги бранат и поддржуваат истите вредности; ● Вклучување и ангажирање на младите и граѓаните во проектите на здружението; ● Поддршка на граѓаните во насока на унапредување на човековите и малцинските права, како и учество во решавање и создавање подобри услови за живот. |