|
||
Во секое ќоше детенце, на средина десетина – АМИН! |
Мане Јаковлески Куќниот мој и на моето семејство пријател, покоен владика Кирил-Бог да го прости и да почива во рајот небески, благословуваше: Во секое ќоше детенце, на средина десетина–АМИН! Оваа мисла не е само духовен благослов, туку порака со длабока национална сила, дека народ без деца е народ без иднина. Кога ќе се запрашаме што е најголемото богатство во животот, одговорот е: во детската смеа што одекнува низ дворовите од внуците и правнуците што ни го продолжуваат животот. Децата се нашето најголемо богатство, а внуците и правнуците нашиот вечен благослов. Погледнете во македонската историја, кој ја чувал низ вековите? Токму семејствата со многу деца. Секој дом бил полн со деца, секое огниште било училиште на љубов кон татковината. Мајките раѓале и растеле јунаци, татковците со пример им ја всадувале честа и достоинството. Без тие бројни семејства немаше да има ниту илинденци, ниту партизани, ниту борци што Ни го оставија АМАНЕТОТ за Македонија. Нашите баби и дедовци, нашите татковци и мајки кога ќе се родеше нов член во семејството ни велеа: „Штркот ти донесе уште едно братче или сестичка.“ Да го повикаме и денес штркот да ни носи повеќе вакви поклони, нови животи, нови надежи, нови јунаци што ќе не’ чуваат сите Нас и нашата татковина-Македонија. Животот е краток, да размислуваме за тоа дека еден ден, кога годините ќе си го направат своето, покрај нас да имаме деца, снаи, внуци и правнуци, тие што ќе ни подадат чаша вода, тие што ќе се грижат за нас и за нашето здравје и ќе ни ја возвратат љубовта што кога беа мали им ја подаривме. Тоа е вистинската смисла на семејството и на човечкиот живот. Затоа денес, повеќе од кога било, потребно е да се потсетиме: не е доволно само да зборуваме за Македонија, мораме да ја продолжуваме преку нашите деца и внуци. Повеќедетното семејство не е само лична одлука, тоа е национален завет. Децата се нашата најголема инвестиција и гордост, наша најсвета обврска и вечен завет што мораме да го чуваме со сите сили. Затоа, потребни ни се повеќедетни семејства, за наша радост денес, за нашата сигурност утре. Ова нека биде АПЕЛ до младите брачни парови, нека не ве плаши жртвата, затоа што секое ново дете е нова светлина, секој нов живот е нова сила за семејството. Денес можеби изгледа тешко, но утре вашите деца ќе бидат тие што ќе бидат покрај Вас. Без деца нема иднина, а без иднина нема ниту држава МАКЕДОНИЈА. Ако немаме Повеќедетни семејства, еден ден Македонија ќе ја населуваат други луѓе со различни култури и вредности, со кои нема да можеме ниту да се разбереме, ниту да се спријателиме. Тоа Библијска Македонија не го заслужува! ДА ГО ПОВИКУВАМЕ ШТРКОТ ДА ДОНЕСЕ ПОВЕЌЕ БРАТЧИЊА И СЕСТРИЧИЊА ВО МАКЕДОНИЈА. АМИН! |