Среда, 11 Август 2010    PDF Печати Е-пошта
Бистришки: „Зошто ние македонците сме одделна нација“
Vasil-Ivanovski
Васил Ивановски (Бистришки)
Декември 1934 г.


... Одговорот на тоа прашање е пред се од огромно политичко значење. Познато е дека како бугарскиот, така и српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. Според првиот, Македонците се „најдобриот дел од бугарската нација". Според вториот, Македонците се „чисти Срби" а според третиот, Македонците се „словеногласни Елини". Така, секој од тие наши поробувачи го „оправдува" задржувањето под свое ропство на соодветниот поробен дел од нашата татковина и истовремено ги оправдува претензиите за завладување на цела Македонија.

За да ги разобличиме тие маневри на поробувачите и да покажеме дека тие немаат никакво право над Македонија, да ја попречиме нивната асимилаторска политика и да водиме доследна борба за извојување на правото на самоопределување на македонскиот народ до неговото издвојување од бугарската, српската и грчката империјалистичка држава и неговото обединување во самостојна независна република на работниот македонски народ, ние Македонците треба високо да изјавиме дека не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту Бугари, туку сме одделна македонска нација која се бори за своето национално ослободување и одделување на своја македонска држава. Се разбира, тоа не треба да го правиме само од политички причини. До колку македонската нација не би постоела, не би можеле да говориме за таква. Меѓутоа, таа е на лице и нејзиното постоење треба да им се предочи на сите. На таков начин до голем степен тоа ќе ја олесни нашата националноослободителна борба.

Во Македонија постојат сите елементи на една самостојна македонска нација, со своја територија и економска целост, со свој јазик и општ национален карактер и со своја македонска историја.

1.  Територијата на Македонците е одделна од територијата на грчката, српската и бугарската нација. Таа има утврдени географски и етнографски граници меѓу реката Места, планините Родопи, Рила и Шар, реката Дрим, планината Грамос, реката Бистра и Егејско Море со пространство од 65 илјади кв. километри. Тоа што денеска Македонија е распарчена - тоа е резултат на империјалистичките мировни договори. Раскинувањето на единствената македонска територија на делови и нивното приклучување кон териториите на бугарската, српската и грчката држава е насилно.

2.  Економски Македонија претставува една целина одделена од државите што ја владеат. Уште под власта на Турската империја Македонија тргна по патот на својот самостоен развиток подоцна, но независно од Србија, Бугарија и Грција. Ниту една од последниве немаше тесни економски врски и општи трговски патишта со Македонија, иако се наоѓаа заедно со неа, во рамките на една и иста држава - Турција. А со појавата на капиталистичкото стопанство и во Македонија, овде се создадоа внатрешни трговски патишта и пазари со еден општ и главен центар - Солун, а не Белград, Софија или Атина.

Насилното распарчување на стопанската целина на Македонија на три дела и нивното присоединување кон три туѓи економски единици - Србија, Бугарија и Грција - се одрази катастрофално врз стопанството на Македонија. Катастрофален пример за тоа претставува денешната положба на Солун, којшто, откако беше откинат од својата природна економска заднина источна и централна Македонија, сосема опадна, и од првостепено пристаниште на Егејско Море се претвори во жалосен спомен на богат неодамнешен трговски центар. Денеска веќе Солун се наоѓа на трето место во споредба со Атина и Пиреја. Истата судбина ја имаат доживеано и Битола, Охрид и сите други градови во централна и југозападна Македонија, кои, откинати од природниот солунски пазар, се принудени да се служат со за нив неприродниот трговски пат кон Белград. Во иста положба е и Македонија под бугарско ропство, стопанскиот просперитет на која е тесно поврзан со трговските патишта кон Серес, Драма, Кавала, Солун и Струмица, а не со Софија-Видин и Пловдив-Бургас.

3. Јазикот на луѓето што ја сочинуваат македонската нација е словенски, со особен дијалект - македонски. Тој јазик е заеднички за нив. Различните провинцијални (т.е. дијалектни - б.р.) нијанси во македокскиот јазик се резултат на неизживеаните остатоци од некогашната родовска и феудална распокинатост на Македонија. Меѓутоа, провинцијализмот на овој јазик се покрива од еден општ македонски словенски дијалект по кој секој го разликува Македонецот од Србинот, од Бугаринот, од Русинот и од секој човек од која и да е друга словенска нација. Провинцијалните нијанси во јазикот уште не се ликвидирани дури ни кај најразвиените нации а не кај македонската нација којашто е национално поробена, не е организирана во своја национална држава и уште не изградила литературен јазик.

Освен по дијалектот (т.е. по своите особености - б.р.). македонскиот јазик се разликува од српскиот и бугарскиот и по тоа што во него старословенскиот елемент е многу позачуван и содржи повеќе зборови што ги нема во јазиците на соседните и на другите словенски нации.

Бугарските и српските великодржавни шовинисти ја користат блискоста на македонскиот јазик со јазиците на нивните нации за да тврдат дека Македонците се „дел од бугарската нација" или „чисти Срби". А ние Македонците не сме ниту едното, ниту другото. Ние не сме „тесто од кое сешто може да се измеси", како што беше изјавил Цвииќ, еден од агентите-историчари на српската завојувачка политика. Ние сме одделна нација. Сличноста на нашиот јазик со бугарскиот и српскиот е обична сличност меѓу јазици на блиски, но самостојно развиени нации. Таква сличност на јазиците постои помеѓу Русите, Украинците и Белорусите како и помеѓу Хрватите, Црногорците и Србите, но наспроти тоа тие претставуваат одделни нации.

Великобугарските шовинисти особено спекулираат со фактот дека македонскиот јазик е поблизок до бугарскиот отколку до српскиот и тоа им служи како аргумент во нивните тврдења дека Македонците се дел од бугарската нација. Аргументот им е крајно неоснован, зашто и Хрватите по јазик се многу поблиски до српската отколку чешката нација.

При тоа се знае дека не е само јазикот што ја определува нацијата. Дури и еднаков да биде јазикот на Македонците со овој на Бугарите тоа уште не значи дека ние Македонците сме „дел од бугарската нација", кога живееме со поколенија на друга територија, претставуваме одделна стопанска целина, имаме своја историја, специфични нарави, обичаи и така натаму. Англичаните, Ирците и Американците од Соединетите Американски Држави на Северна Америка говорат на еден и ист јазик, но се одделни нации.

4.  Четвртата по ред заедничка особина за луѓето што сочинуваат одделна нација е националниот карактер, во тој број и македонската нација. Еднакви се нивните нарави, обичаи, игри, песни, ора и другите народни умотворби коишто повеќе или помалку се разликуваат од (оние на) српската, бугарската и другите словенски нации. Елементите на самостојниот национален карактер на Македонците се толку силни, што наспроти националното угнетување во Македонија тие никогаш не престанале да се пројавуваат. По вечеринки, свадби, имендени итн. тие постојано се пројавуваат и сред емигрантско-бегалските маси во Бугарија, Америка и секаде каде што има такви.

Сите тие елементи, земени заедно, ја составуваат македонската нација. Тие се непобитен доказ за тоа дека ние, Македонците, не им припаѓаме ниту на српската, ниту на бугарската, ниту на грчката нација, туку сме одделна нација.

5.  Нациите не се племиња. Како и другите нации, така и македонската нација не се создала од едно племе, туку од неколку различни племиња или, поточно, од делови на неколку различни племиња: Илири, Словени, Бугари, Срби и други. Основниот елемент е словенскиот. Старите Илири се претопија меѓу подоцна дојдените Словени во Македонија. Бугарскиот и српскиот елемент во македонската нација се резултат на тоа што уште пред турското ропство Македонија потпаѓаше ту под болјарска Бугарија, ту под жупанска Србија. Безначајниот бугарски и уште побезначајниот српски елемент во македонската нација е остаток од некогашните воени завојувачи, претежно од болјари и жупани, коишто со текот на времето исто така се претопија сред Македонските Словени.

Според бугарските буржоаски историчари, бугарската нација потекнува уште од времето на цар Аспарух, откако бугарското татарско племе ги потчини Словените што го населуваа североисточниот дел на Балканскиот Полуостров, се претопи меѓу тие Словени, но им наложи да се нарекуваат Бугари, кога се создаде првото бугарско царство. Според овие историчари Македонските Словени исто и на ист начин се влеале во „единственото бугарско национално цело" потчинети на бугарското племе.

Се разбира, историски тоа не е точно. Во тоа време недостигнуваа условите за една бугарска нација поради што недостигнуваше и самата нација. Според тоа, не може да се мисли дека оттогаш Македонските Словени се дел од  “една единствена бугарска национална целост".

Тогашната бугарска држава беше разделена на одделни болјарства, сгрого затворени во себе со мали подцарства, со свои граници и царинарници, без економско, културно и др. заедништво. Населенијата од тие болјарства влегуваа меѓу себе во допир само на бојното поле, во војните помеѓу различните болјарства или во војните со Византија и другите држави, а пак одделни болјари во Бугарија се обединуваа (не сите и не секогаш) околу најсилниот од нив - царот. Во такви услови не можеше да се оформи бугарската нација и уште помалку во неа да се вклучат Македонските  Словени, зашто населенијата од различните болјарства во феудална Бугарија не беа обединети ниту во една заедничка територија, ниту во една стопанска целост, што претставуваше пречка за изградување на еден општ јазик и општ национален карактер на населенијата од различните болјарства.

Освен тоа, историски факт е дека Македонските Словени не секогаш беа потчинети под тогашна Бугарија и тогашна Србија. Државата на богомилскиот цар Самуил не беше втора бугарска држава како што сакаат да ја претстават бугарските буржоаски историчари, туку таа беше држава на Македонските Словени што постоеше паралелно со бугарското царство и српското кралство. Таа македонска словенска држава дури подоцна ги беше завладеала Бугарија и Србија.

Великобугарските шовинисти многу сакаат да зборуваат за „единствено бугарско племе" идентификувајќи го со бугарската нација. Тие го кријат историскиот факт дека последната се создаде без оној мал дел Бугари што останаа во Македонија и без Македонските Словени. Бу-гарската нација се создаде во границите на денешната централна и северна Бугарија, источна Румелија и Добруџа. Главната причина за тоа лежи во стопанството. Како што веќе рековме, во Македонија капитализмот се појави и се разви подоцна независно од капитализмот во Бугарија без да има солидни економски врски меѓу тие две земји. Бугарското национално револуционерно движење, кое се бореше за ослободувањето на бугарскиот народ од ропството на апсолутистичката и беговска Турција, не ја вклучуваше Македонија како објект на својата револуционерна дејност. Тоа доволно покажува дека создавањето на бугарската нација и нејзиното разбудување за самостоен државен живот се изврши без Македонските Словени.

Таква состојба имаме и со српската нација, која исто така се создаде без Македонските Словени и без оној безначаен дел на Срби што останаа во Македонија уште пред таа да падне под турско ропство.

Но и грчките државни шовинисти, за да го оправдаат господството на грчкиот империјализам врз од него завладеаниот дел од Македонија бараат племенска врска меѓу грчката нација и Македонците. Тие препредени шовинисти ја фалсификуваат историјата прогласувајќи го племето на старите Македоно-Илири заедно со водачите на тоа племе - Македон, Филип Македонски и Александар Велики како составен дел од старите Грци. При тоа тие свесно премолчуваат таков еден настан каков што беше населувањето на Македонија со огромна маса Словени за кои им е сосема незгодно да тврдат дека се Грци.

6. Македонската нација има своја историја на културно и политичко пројавување. Браќата Миладиновци се првите македонски просветители. Тие први ги посветија своите сили за разбудување самостојно национално чувство на македонскиот роб. Тие ги опеаја Охрид и Маке-донија како своја татковина на чисто македонскословенски дијалект. Тие не го учеа македонскиот народ ниту на српски, ниту на бугарски, туку го учеа на родниот македонски јазик. Иако, наспроти тоа, тие македонски просветители зборуваа за бугарштина во Македонија, тоа стануваше под влијание на старото минато кога Македонија со векови се наоѓаше под феудална Бугарија. Поради тоа и борбите за самостојни училишта и цркви против асимилаторската напаст на грчката патријаршија се водеа под формата на бугарштината. Во тоа време македонската нација уште беше во зародување, таа не беше се оформила и, што е најглавно, нејзините економски и политички интереси се уште не беа се судриле со завојувачките стремежи на подоцна создадената држава на бугарската нација. Денеска поимот бугарштина во Македонија, како и србизам и елинизам, е синоним на национално и економско ропство применувано врз македонските народни маси од поробувачите-империјалисти.

По браќата Миладиновци доаѓаат многу други народни учители и духовни будители како охридскиот епископ Теодосиј и групата околу весникот „Лоза", под редакторство на Петар Арсов, кои еднакво се бореа против Грчката патријаршија, Бугарската егзархија и Српската патријар-шија, за самостојни македонски училишта и цркви. Тие таканаречени македонски сепаратисти укажуваа на постоењето на одделна македонска нација и пледираа за самостоен државен живот на таа држава.

Од истите средини произлезе Внатрешната македонска револуционерна организација. Петар Арсов влезе во првиот ЦК на таа Организација, а Ѓорче Петров, кој произлегува исто така од тие средини, стана идеолог на Организацијата. Тој уште на времето во духот на сепаратистичката идеја ја напиша книгата „Географијата на Македонија".

Меѓутоа, притисокот на великобугарската пропаганда - Егзархијата и врховистите - се покажа толку силен, што го задуши прашањето за самостојна нација и успеа да внесе во свеста на многу Македонци убедување дека се тие Бугари. Тоа беше спроведено со запирањето на в. „Лоза", којшто излегуваше во Софија, со прогонувањето од Македонија на епископот Теодосиј и на народните учители коишто не се потчинија на Егзархијата, со забраната на книгата на Ѓорче Петров, која и денес се наоѓа во ракопис во архивата на бугарското воено министерство.

Но наспроти тоа, македонскиот народ со долги и упорни борби за економско ослободување и самостоен државен живот си создаде своја историја. Тие борби во минатото се разгрнаа под раководството на старата Гоце Делчева ВМРО против ропството на турските султани и бегови, како и против аспирациите на балканските држави.

Македонскиот народ со сопствената крв во својата историја ја запиша првата македонска револуција - Илинденското востание, чијшто венец е првата македонска народно-револуционерна република во Крушево.

Откако ВМРО беше врховизирана и претворена во машина на бугарскиот империјализам, ослободителната борба на македонскиот народ не запре туку се подзеде од следбениците централисти-сепаратисти, левицата на ВМРО, на чело со Горче Петров, Петар Арсов, Сандански, Димо X. Димов и Чернопеев. Денес во новите услови борбата на македонскиот народ против новите поробувачи - српскиот, бугарскиот и грчкиот империјализам за национално, политичко и економско ослободување се води со уште поголема упорност и доследност под раководството на ВМРО (Обединета).

Целата таа македонска историја не е само пројава на македонската нација, не е само нејзин стремеж кон своја национална држава, туку таа, македонската историја, во исто време е елемент што го дооформува и доопределува самостојниот карактер на македонската нација.

Се разбира, освен македонската нација, во Македонија имаме и други инородни националности: Власи, Евреи, Турци, Грци, Албанци, Срби, Роми. Иако се наоѓаат на една територија со македонската нација, иако нивниот економски живот непосредно е поврзан со последната, тие националности не влегуваат во македонската нација бидејќи секоја од нив си има специфичен карактер.

Инородните националности во Македонија активно учествуваат во македонското ослободително движење бидејќи и тие се заинтересирани за создавањето на независна македонска република на трудбениците, за да добијат национална рамноправност и економско ослободување, за да живеат во мир и заедно со македонската нација да го подигнат својот и општиот културен и економски живот на македонскиот работен народ.


Бистришки
 

На прво место

News image

Никаде во Европа, ниту во светот е забележано полициски сили да опседнуваат седиште на опозиција

ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон врз Груевски се користи и за хајка и притисок против ВМРО-ДПМНЕ...

Историја

News image

Германски историчар објаснува како е фалсификувана грчката историја

Германскиот историчар вели дека историјата е сосема поразлична од онаа што сме ја учеле во училиште,...

Иселеници

News image

Нашинец во Америка ја бојосал фасадата од куќата во боите на македонското знаме

Нашинец во Америка ја бојосал фасадата од куќата во ...

Култура и туризам

News image

Манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница – Преспа (16)

Со вие  зборови   за   гревот  човечки,   на   арх...

Фељтон

News image

Александар Македонски (57)

Околу мај неговите дипломатски претставници се вратија од оазата во Сивах и извест...

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.