Петок, 23 Април 2010    Печати
Александрос Маљас: Замена на „ПЈРМ„ со „Северна Македонија“ можно решение за името
Можно решение на спорот за името е замена на „ПЈРМ“ со „Република Северна Македонија“, негова употреба на сите меѓународни нивоа, со препорака од ОН сите држави да го користат во билатерална комуникација, а именувањето на јазикот и народот да биде македонски на латиница (makedonski), смета поранешниот грчки амбасадор во Македонија Александрос Маљас.
alexandros-mallias
Со тоа, според него, би се направила разлика меѓу жителите од регионот Македонија во Грција и граѓаните кои живеат во Република Македонија.

Во изјавата за македонските медиуми во резиденцијата на грчката амбасадорка во Скопје, Маљас оцени и дека не треба да се прават илузии оти Грција ќе се откаже од решение за името како услов за одредување датум за старт на преговорите на Македонија со ЕУ, само затоа што е во економска криза.

- Времето е сега. Времето е созреано да се живее и да се подготви подобра иднина во односите меѓу двете земји, не само за мојата генерација, туку и за нашите деца и нивните деца. Премиерот Папандреу и неговата влада вистински сакаат решение без губитници, а со двајца победници – нерешен исход. Грчката влада е подготвена, знам дека нашето јавно мислење сака да види такво решение и се потпирам на мудроста на раководството на вашата земја, изјави Маљас. Се надева дека властите во Скопје, како што вели, ќе одговорат позитивно на очекувањата на меѓународната заедница.

Александрос Маљас, кој е и поранешен амбасадор на Грција во САД, во моментов е дел од организацијата за креирање на јавно мислење „ЕЛИАМЕП“.