Среда, 24 Април 2019    Печати
ОМД верува дека неуспехот на претседатселските избори би сносел ризик од пад во нова политичка криза

111

Според домашните и меѓународни набљудувачи при Организацијата за Безбедност и Соработка на Европа (ОБСЕ), првиот круг од претседателските избори во Македонија со излезеност од 41,79% или вкупо 755,655 од гласачите регистрирани во единствениот избирачки список, го положи прелиминартниот тест на демократија во земјата.

Покрај бојкотот на 1,052,476 гласачи или 58,21% од електоратот кои поради незадоволство од политиките на актуелната власт се воздржаа од правото на глас под убедување дека во спротивно би ја уважиле промената на името на земјата, со остварени 79,921 гласови или 10,58% за кандидатот Блерим Река, 319,224 гласови или 42,24% за кандидатката Гордана Силјановска Давкова и 323,709 гласови или 42,84% за кандидатот Стево Пендаровски според извештајот на Државната Изборна Комисија (ДИК), резултатите ја интерпретираа политичката состојба во Македонија.

Според Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), разликата од само 4,485 гласови помеѓу кандидатите поддржани од двата клучни политички блока, е приказ на големата поларизација во општеството. Додека падот од 40% од подржувачите на актуелната власт за само 18 месеци споредбено со последните локални избори, сноси порака на незадоволство од актуелните политики пропратени со акти на непотизам, партиски клиентелизам и популизам на моделот „едно општество за сите“, феноменот на 32,811 неважечки гласови кои се едначи со 4,34% од вкупниот број на гласови, воедно е израз на револт од страна на гласачите кон партиите. Во прилог, одлевањето на албанските гласови за кандидатот Блерим Река, кои не ги исполнија очекувањата на СДСМ и коалицијата во поддршка на кандидатот Стево Пендаровски, според ОМД исто така индицира на разочарување кое надвладува над идејата за консензуалност. Несвојствено за досегашната пракса, со оглед дека за прв пат Македонија доби двајца независни кандидати во трката за Претседател (Блерим Река и Гордана Силјановска Давкова), изборните резултати воедно укажаа дека покрај класичниот модел на гласање по основ на партиска и/или етничка линија, за прв пат електоратот препозна гласање за независен кадидат во кое неопределените го имаат одлучувачкиот глас.

Според ОМД, појави кој го загрозуваат демократскиот дух на претседателските избори во вториот изборен круг, е повикувањето на етничките албанци во Македонија да го дадат својот глас за кандидатот Стево Пендаровски од старана на Вицепремиерот и Министер за Надоврешни Работи на Косово – Беџет Пацоли, што според него е глас за „унапредување на статусот на албанците, нивна поголема политичка тежина и евроатланска иднина“. За ОМД, актот на Пацоли е директно мешање во внатрешните политики на Македонија, со што се манипулира правото на глас на етничките албанци да одлучуваат по сопствено убедување. Во прилог, вклученоста на актуелната влада (Премиер и Министри) во кампањските цели на кандидатот зад кого стојат, при што забораваат дека истите им служат на народот а не само на нивните партиски поддржувачи, како и превземањето на мерки за смена на кадри во време на тековна кампања како одговор на поракта која електоратот ја испорача во првиот изборен круг, подеднакво се противат на етиката во вториот изборен циклус.

ОМД апелира за фер и демократски избори во кои политичките субјекти ќе се придржуваат до рамката на нивните надлежности. ОМД воедно ги повикува сите граѓани со право на глас, предводени од лично убедување, со масовна излезеност да допринесат кон исполнувањето на сензусот. Новоизбраниот Претседател мора да црпи легитимитет од народот на кого треба да му служи, поради тоа, бојкотот не е решение.

ОМД верува дека неуспехот на претседатселските избори би сносел ризик од пад во нова политичка криза за државата со низа негативни последици, како и ризик од повторно менување на Уставот во делот на изборниот модел, каде во меѓувреме функцијата Претседател на државата би ја извршувал претседателот на македонското Собрание.

ОМД

omd