Вторник, 29 Јануари 2019    PDF Печати Е-пошта
ЏЕЈСОН МИКО-12 вистини за Македонија

jason-mikoПишува Џејсон Мико

ЏЕЈСОН МИКО-12 вистини за Македонија

Сега откако Зоран Заев, неговата Влада и западните елити од САД, ЕУ и НАТО ја остварија својата цел за со сила да и наметнат на Македонија промена на името, идентитетот, Уставот, јазикот, нејзиното наследство, култура, историја и што се не друго, и покрај фактот дека Македонците јасно и гласно рекоа дека сакаат да останат Македонци во Македонија – откако овие елити ја реализираа целта, еве 12 вистини за Македонија во периодот што следува.

Прво, како што минува времето, тие кои ја сакаат Македонија ќе работат на тоа да се поништи таканаречениот Преспански договор. Тоа е можно, а ќе бидат потребни креативни умови, правна борба и напорна работа. Но, договорот може да биде и на крајот на краиштата ќе биде поништен. Шансите за тоа ќе се зголемуваат како што Македонците кои сега го поддржуваат договорот од Преспа почнуваат да разберат што тој носи со себе. Како што ќе се соочуваат со реалните последици од промената на името, ќе се трезнат, нивната еуфорија ќе почне да спласнува, и ќе почнат да се вртат против Заев и СДСМ. Дури и грчките аналитичари очекуваат ова да се случи – во колумна во грчкиот весник Катимерини Ставрос Цимас прашува: „Прашањето е: Што ќе се случи во Скопје и/или во Атина доколку идната Влада реши да го замрзне и на неопределено време да го суспендира договорот?“

Второ, актуелната Влада на Македонија се подготвува да почне да го користи ова име во службена употреба, пишано и разговорно; имаат и планови за да почнат да ги менуваат сите знаци, писма, плакати, банкноти, монети, марки, пасоши, лични карти и се останато; продолжуваат (со процес кој го вршат веќе некое време) да ги менуваат македонските учебници, историски читанки, мапи, атласи и наставни предмети; се подготвуваат да побараат од македонските компании да престанат да го користат името „Македонија“ во нивните деловни имиња; и се подготвуваат за спроведување на секој поединечен детаљ кој Грците ќе го побараат од нив преку Преспанскиот договор, но Македонците ќе продолжат да се викаат себеси Македонци, а својата земја ќе ја викаат Македонија, што и да се случи. Македонци ќе продолжат да живеат во Грција, Бугарија, Албанија и насекаде каде што има Македонци и ќе продолжат да ги учат своите деца, внуци и се уште неродените генерации за македонската историја, култура, наследство, црква и сите други уникатни аспекти на Македонија – и притоа, ќе ги учат на македонски јазик.

Трето, борбата меѓу Грција и Македонија ќе продолжи, ќе продожи и меѓу овие и идните влади (СДСМ и СИРИЗА нема да останат на власт засекогаш). Борбата ќе се води меѓу народите, во медиумите и насекаде. Ќе има подеми и падови додека Грција се обидува да ја смени македонската историја. Се додека Грците негираат дека Македонците постојат, оваа борба ќе продолжи.

Четврто, односите со Бугарија ќе се влошат. Охрабрени од Преспанскиот договор и од таканаречениот договор за „добрососедски односи“, Бугарите ќе почнат да бараат се повеќе и повеќе отстапки од Македонија, ако Македонците сакаат Бугарија да се согласи со нивното членство во НАТО, а потоа и во ЕУ (бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева минатата недела го подвлече ова и рече дека Македонија мора да признае дека има заедничка историја со Бугарија). Ова ќе значи натамошно менување на македонските учебници, историски учебници, читанки, мапи, атласи, со цел да се удоволи на бугарските барања. Ова ќе се однесува и на официјалната верзија на историјата.

Петто, идејата за демократија и за демократски институции во Македонија претрпе голема штета, и ќе продолжи да се уназадува. Угледот на институциите во кои Македонија сака да се зачлени – пред се на ЕУ и НАТО – ќе биде долготрајно извалкан, а можеби и засекогаш. Британскиот европратеник Даниел Ханан, кој беше еден од водачите на движењето Брексит, ја разработува темата за тоа како ЕУ е суштински анти-демократска. Во Телеграф минатата недела Ханан вели дека „ЕУ не е само внатрешно недемократска; ЕУ ја разградува внатрешната демократија во своите земји – членки. Сите знаеме дека ЕУ ја водат неизбрани бирократи. Но, помалку ни е јасно дека, за да се одржи овој во суштина олигархиски проект, и земјите – членки мораат постојано да ги извртуваат своите домашни уставни уредувања“.

Западните претставници кои длабоко во себе се империјалисти, автократи и студени, пресметливи членови на класа на луѓе кои милуваат да се нарекуваат „граѓани на светот“ си велат самите на себе дека „историјата е на наша страна“ и ги омаловажуваат сите што не се согласуваат со нив. Тие се дел од високосвештенството кое му служи на култот на глобалната власт – и сакаат тие самите да бидат нејзини владетели и свештеници. Иронијата е во тоа што тие самите никогаш не верувале во институциите на демократијата или во самата демократија, бидејќи се империјалисти по карактер и промовираат империјалистички проект. Другата иронија е во тоа што му велат на светот дека нивниот проект ќе донесе „мир“ кога сите ќе бидат обединети под нивното знаме но за да го постигнат овој нивен „мир“ мора да применуваат брутална сила.

Шесто, односите меѓу Македонците и албанското малцинство во Македонија ќе бидат дополнително нарушени. Другите малцинства во Македонија се најдоа турнати на страна додека Албанците бараат се повеќе и повеќе „права“ без пропратните обврски – и без лојалност кон државата. Особено недоличен потег од страна на Албанците во Македонија и Албанците кои живеат во Косово и Албанија е како сеиреа по промената на името на Македонија – се удираа во гради како Албанците докажале дека се „решавачки фактор“ за да се смени името – ова е екстремно опасно за меѓуетничките односи.

Седмо, на повеќето од избраните, а особено неизбраните западни фактори од „меѓународната“ воопшто не им е гајле за тоа што ќе се случува со Македонците понатаму, и ќе одат да се занимаваат со други прашања.

Осмо, во исто време ќе има притисок од страна на некои лиац кои ќе бараат Македонците да почнат да ја нарекуваат својата земја „Северна Македонија“. Ова е автократски и империјалистички пристап, но барем го покажува вистинското лице на овие луѓе. Добар пример е Соросовиот службеник Срѓан Цвијиќ кој во неодамненша колумна инсистираше ова вештачко име да се користи за Македонија низ целиот текст, но исто така навести како овие елитисти размислуваат за прашањето на идентитетот. Тој пишува дека таканаречениот Преспански договор треба да биде пример за сите во регионот „дека компромисите се исплатат, и дека е полезно да се жртвуваат вкоренетите сфаќања на националниот идентитет во име на заедничката европска иднина“.

Деветто, меѓународната ќе се откаже од Зоран Заев, Никола Димитров и сите други кои помогнаа да се спроведе ова фијаско. Овие Македонци беа славени и посочувани како пример за европската елита (како и за елитите на САД и НАТО), но на сето тоа ќе му дојде крај. Тие си ја завршија улогата и сега може да бидат отфрлени. Грчкиот весник Катимерини наведува дека „политичката поддршка и личните врски во меѓународните односи имаат рок на траење. Тие истекуваат кога веќе не се полезни“. Дополнително, гледаме дека како и поранешните министри за надворешни работи на Грција и Албанија, и актуелните министри во Македонија може да бидат отстраните, дали поради лична љубомора или по нивно барање, и испратени на „пасење“.

Десетто, по се изгледа Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ. ЕУ се распаша и ќе продолжи да се распаѓа.

Единаесетто, односите во регионот ќе се влошуваат. Елитистите велат дека ова е пример за решавање на регионлани конфликти, па дури и подалечни спорови. Повторно, како што поголем број автори и аналитичари оценија, „овој договор беше потпишан за да се залечи раната што ја отвори спорот за името меѓу Атина и Скопје, но неизбежно тој ќе отвори нови рани“.

Дванаесетто, нема да има засилени инвестиции во Македонија, и економијата нема да се подобрува на драматичниот начин кој го најавуваа Заев и компанија. Ќе има многу неизвесност во Македонија, и нови тензии меѓу етничките групи, но и внатре меѓу Македонците и малцинските албански партии (БЕСА и Алијансата ја мразат ДУИ и стануваат се погневни за тоа како ДУИ избегнува одговорност за својот криминал, а Специјалното обвинителство не смее да ги допре). Ова ќе значи дополнителни тензии, а странските инвеститори не сакаат тензии.

Пишува Џејсон Мико за Свест.мк

 

На прво место

News image

Пендаровски во суштина е кукавица

Мицкоски: Додека Стево се прави Мајка Тереза му стигна одговор од американската Фридом хаус која г...

Историја

News image

Трлиски инцидент

По Првата светска војна, соочени со фактот дека големите сили ја санкционираа поделбата на Македониј...

Иселеници

News image

Волф Ошлис: МАКЕДОНИЈА

ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ ПРИЛОГ ЗА МАКЕДОНИЈА

Култура и туризам

News image

Археологија на македонскиот дух

Марија Емилија Кукубајска

Фељтон

News image

ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД И ВО КАНАДА – (ДЕЛ I) (27)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.