|
||||
| Шеесет и седум години од холокаустот на македонските Евреи |
![]() Еврејската заедница во Република Македонија вечер со промоција на книгата „Евреите од Монастир, Македонија“ ќе ги почне активностите за одбележување 67 години од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. Книгата е дело на Шломо Албохер, иселеник од Битола во Израел, а ќе биде промовирана во галеријата Даут-пашин амам. Годишнината од трагичниот настан утре ќе биде одбележана во Штип и во Битола, каде што делегации од Еврејската заедница ќе положат цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОВ. Во Штип ќе бидат посетени и Еврејските гробишта, а во Битола детската градинка „Естреја Овадија - Мара“. Шеесет и седумте години од депортацијата утре ќе бидат одбележани и во Скопје, со полагање цвеќе пред споменикот на македонските Евреи пред Тутунскиот комбинат и со посета на гробиштата во Бутел, каде што ќе биде отпеана еврејската молитва за мртвите - кадиш. Во Драмскиот театар утревечер ќе се одржи комеморативна програма, на која пригодни обраќања ќе одржат претседателот на ЕЗРМ Бјанка Суботиќ и амбасадорот на Израел во Македонија Давид Коен. Ќе биде изведена и театарската претстава „Пруга за ледната пролет“ од Томислав Османли во режија и адаптација на Нела Витошевиќ. Делегациите на Еврејската заедница ќе бидат примени и од градоначалниците на Битола, Штип и Скопје. Во насока на воспоставување рамка за соработка во области од заеднички интерес, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска во Владата ќе потпише меморандуми за соработка со градот Скопје и општините Битола и Штип, како и со повеќе институции и организации. Меморандуми ќе бидат потпишани со Управата за заштита на културното наследство, Агенцијата за катастар, Државниот архив, Заводот за статистика, Музејот на Македонија, музеите и заводите за заштита на споменици на Скопје, Битола и Штип, со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, со Филозофскиот, Филолошкиот и Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и со Универзитетот за аудиовизуелни уметности. По наредба на бугарската влада, ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени речиси сите Евреи, или 98 проценти од еврејската популација во Македонија. Тие биле одведени во Монополот, денес Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Откако им бил земен сиот имот, а накитот и парите конфискувани, биле натоварени во сточни вагони и транспортирани во логорот на смртта Треблинка, во окупирана Полска, каде што веднаш биле егзекутирани. Има теорија дека бил фрлен гас во вагоните, а според некои сведоци од СС-офицерите, тие биле истоварани и веднаш пренесени во гасни комори. Треблинка не бил работен, туку логор за уништување Евреи. Според проценките, во Треблинка се убиени околу 900 илјади луѓе. |





















