Среда, 18 Април 2018    PDF Печати Е-пошта
ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА (10)

demonstracii10
Истрајноста има крај

Демонстрантите во Луксембург беа гневни и разочарани од односот на ЕЗ што го одложува признавањето на Македонија

Киро Кипроски

Напладне, на 14 јуни 1992 година, со авион од Скопје пристигнав во Берлин и по ручекот во ресторанот „Ново Скопје“, со домаќинот Мане Јаковлески и неколкумина македонски патриоти се договоривме вечерта, во 21.30 часот, од пред ресторанот со автомобили да тргнеме за Луксембург, за утредента во 10 часот да учествуваме на најавените демонстрации. Еден час и неколку минути по полноќ, само што беше почнат новиот ден, пристигнавме во Хамбург, во куќата на македонскиот патриот Блажо Јовановски. Откако одморивме и се освеживме со сок и кафе, патувањето го продолживме за Луксембург, при што ни се придружија и неколку десетина наши сонародници од овој град. Петстотините километри ги минавме без проблеми, со неколку паузи патем за да запалиме цигара.

Утрото, околу 9.30 часот, пристигнавме пред зградата на Европскиот парламент во Луксембург, каде што веќе беше поставената железна оградата, пред стотината Македонци. Како што се приближуваше часот на почетокот на министерскиот состанок на ЕЗ, бројот на учесниците на демонстрацијата постојано се зголемуваше. Не мина ниту еден час од почетокот на министерскиот состанок, од зградата во која се одржуваше состанокот, излезе колегата Љупчо Поповски, акредитиран известувач на весникот „Нова Македонија“, ме повика мене и ми рече да ги повикам Мане Јаковлески и д-р Иван Минев, претседател на „Обединети Македонци“ и организатор на демонстрацијата. Нѐ повика да ни соопшти дека на подготвителниот состанок што се одржал ден пред одржувањето на министерскиот самит било договорено воопшто да не се дискутира за признавањето на Македонија, расправата била одложена за состанокот во Лисабон. Се договоривме да не им ја соопштуваме оваа неповолна вест на демонстрантите, за да не влијаеме врз нивното расположение, оти можеше демонстрацијата да излезе од контрола. Така постапивме, и околу пладне, кога беше објавена паузата, им ја соопштивме одлуката на другите.

За демонстрацијата во Луксембург, за атмосферата и за разочараноста на Македонците објавив осврт „Истрајноста има крај“(„Нова Македонија“, на 22 јуни 1992 год.):

„За време на одржувањето, а и по министерскиот состанок на дванаесеттемина во Луксембург, пред зградата на Европскиот парламент организирано демонстрираа околу 2.000 Македонци, кои се наоѓаат на привремен престој и на работа во Германија, Швајцарија, Франција, Холандија и во Шведска, кои уште еднаш го кренаа својот глас за самостојна, суверена и независна Македонија. Тие се обидоа на Европа да ѝ докажат дека прави огромни грешки што си поигрува со судбината на оваа мала држава“.

Мицотакис провоцира

Македонците се разочараа и мошне агресивно „го испратија“ грчкиот премиер и министер за надворешни работи Константин Мицотакис, кој иронично им се смееше на насобраните демонстранти и гестикулираше на недоличен начин и навредливо (покажувајќи им го средниот прст), со што уште повеќе ги испровоцира демонстрантите, кои беа гневни на одлуката и малку недостасуваше да дојде до инцидент, мирната демонстрација да се претвори во вандализам. Неколку пластични шишиња му профучеа покрај ушите на Мицотакис, а неговото лично обезбедување со големи маки успеа да го внесе во возилото неповреден.

- Со месеци неаргументираното одолжување на меѓународното признавање на Република Македонија од Европската економска заедница јасно укажува дека и во Европа нема демократија, која сѐ повеќе и го манифестира тоа - револтирано ни зборуваше д-р Вукашин Ефтовски, професор на Сорбона, кој повеќе од две и пол децении живее и работи во Париз, Франција, а потекнува од гостиварското село Лешница.

- На демонстрациите мора да бидеме поагресивни и да вршиме притисок врз сите министри што на крајот на 20 век се поигруваат со достоинството на македонската држава и нација, која е мала, но е горда и достоинствена, со богата историја и културно наследство и служи за пример на Балканот и во Европа со водењето мирољубива политика - рече тој.
Ристо Паргов од Брисел (Белгија), кој со сопругата беше на овие демонстрации, како и сите, беше разочаран и гневен на министрите што си поигруваат со Македонија, или пак немаат сили на една Грција да ѝ кажат дека не е во право со своите барања и дека треба да отстапи од настојувањето Македонија да го смени името, кое со векови го има; да не се создаваат проблеми таму каде што ги нема, Македонија да се признае како самостојна и независна држава. Одложувањето на меѓународно признавање, според Паргов, може да доведе врз Македонија да се изврши агресија и да се случи војна.

Илија Тодев од Офенбах и Павле Гелески од Бохум ни рекоа дека Европската заедница, по сѐ изгледа, сака во Македонија да започне војна, па потоа да нѐ признае. Како поинаку да се протолкува нејзиниот однос.

Нашите сонародници Тодев и Гелески и другите Македонци што беа учесници на демонстрацијата во Луксембург, а поголем дел од нив беше и на неодамнешните мировни демонстрации за признавањето на меѓународниот легитимитет на Македонија во Берлин, Бон и во Брисел, остро реагираа што министерот за односи со странство на Република Македонија, Денко Малески, на ниту една демонстрација не се појави за да разговара со Македонците, како и на оваа на која се наоѓаше во непосредна близина, од околу дваесетина метри!

Борбата за меѓународно признавање на Македонија, како што ни рекоа сонародниците, треба заеднички да ја водиме и неговото присуство меѓу нас многу ќе значи за натамошните активности. Во европските држави има многу Македонци, кои се влијателни и со својот авторитет и познанства можат многу да придонесат за меѓународно признавање и за економска помош на Македонија од европските институции.

Претседателот на македонската заедница „Обединети Македонци“, д-р Иван Минев, беше водач на делегацијата од демонстрантите, која на помошниците на португалскиот министер за надворешни работи Пињеиро им врачи петиција на шпански, француски, англиски и на германски јазик. Притоа водеа подолг разговор за тоа што треба да се стори Македонија да биде признаена.

Нашите луѓе со сопствени средства патуваат низ Европа, за да учествуваат на мирните протести, и го креваат својот глас за независна и суверена Македонија. Доколку активностите заедно ги организираме и правилно се насочени, тогаш и резултатите ќе бидат поголеми за доброто на Македонија и на македонскиот народ, истакна д-р Иван Минев.

Два предлога за името

Со овој наслов („Нова Македонија“, 15 јуни 1992 г.) колегата Љупчо Поповски ја извести македонската јавност за средбата меѓу претседавачот на министерскиот совет Жоао де Пињеиро и министерот за односи со странство на Македонија, Денко Малевски.
„Европската заедница утре ќе се обиде конечно да ја најде формулата за признавањето на Македонија со која би ги почитувала легитимните барања и желби на граѓаните на нашата Република, а од друга страна да не ја става Грција повторно во ситуација да поднесе вето, кое решавањето на проблемот би го одложило на непредвидливо време. Конфузија, нерешителност, па дури и немоќ Европејците покажаа и денеска, преку средбата на претседавачот на министерскиот совет Жоао де Пињеиро со министерот за односи со странство Денко Малевски.

Двајцата министри денеска доцна попладне разговараа еден час и 20 минути во хотелот ’Интерконтинентал’ во Луксембург за начинот на кој би можел да се реши грчко-македонскиот спор со евентуален компромис во кој сега толку многу се заплетка заедницата. Како што дознаваме, португалскиот министер за надворешни работи на министерот Малески му го изнел цврстиот став на заедницата дека таа сака да го реши нерешливиот проблем, но поради тврдиот грчки став да не се отстапува за името тие сѐ уште не знаат како да го направат тоа. Во разговорот Пињеиро изнел две варијанти под кои е можно признавањето на Македонија на утрешниот состанок. Според првата варијанта, би се донела одлука за употреба на две имиња за Републиката - едно за внатрешно користење (во него би можело да стои и името Македонија), а друго за надворешна кореспонденција, особено во рамките на ЕЗ, а кое Пињеиро го окарактеризирал како ’некое друго име’. Втората варијанта на претседавачот на министерскиот совет претпоставува ЕЗ утре да ја признае Македонија со формулацијата ’се признава поранешната југословенска република Македонија’.

Според она што ни го изјави министерот Малески по завршувањето на разговорите, на Пињеиро му било одговорено дека каква било одлука од овие две варијанти е неприфатлива за Македонија, дека нејзиното име не може да биде испуштено од називот на државата, дека проблемите што би можеле да произлезат од едно вакво конфузно решение ќе создадат големи тешкотии во меѓународното комуницирање и дека, конечно, кое било признавање на Републиката, освен под името Република Македонија е погрешно. ’Впрочем, моето присуство во Луксембург е токму поради таа работа, уште еднаш на европските министри да им кажеме дека волјата на граѓаните на Македонија мора да се почитува’, ни изјави Малевски. Тој напомена дека на Пињеиро му укажал оти новото одложување на признавањето на Македонија носи сериозни опасности за безбедноста и економскиот развој на Републиката и токму поради тоа и поради почитување на сите европски документи во кои се вели дека волјата на народот мора да се почитува, ЕЗ треба да ја признае Македонија под нејзиното име“.

Со срце за Македонија

На крајот на 1989 година граѓаните на Европа со будно око ги следеа настаните што беа предизвикани со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на двете Германии, букурешките настани и другите случувања во Источниот блок на Европа. Македонците, пак, внимателно ги следеа случувањата, односно несогласувањата во партискиот и државниот врв на заедничката југословенска федеративна држава (СФРЈ). Настаните го најавуваа крајот на 45-годишното опстојување на федерацијата, се насетуваше распадот. Македонците, пак, тука ја гледаа шансата да ги остварат вековните желби и идеали на многу генерации пред нив, Македонија да стане самостојна, суверена и независна држава. Но за да ја искористат шансата со распадот на СФРЈ, потребни беа и големи активности на македонските здруженија, партии во дијаспората и во Македонија. Македонските патриоти тајно беа убедени дека брзо ќе дојде денот кога ќе чукне часот и за Македонија, која со столетија беше напатена, окупирана, ограбувана, палена, парчосувана, делена..., конечно да го добие заслуженото, да стане самостојна и суверена држава, а Македонците и граѓаните „да бидат свои на своето!“

Фото:

demonstracii10-kiro

Авторот на фељтонот Киро Кипроски (со брада) со демонстрантите во Луксембург

 

 

На прво место

News image

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победнички листи за парламентарните избори

  Муцунски: Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги усвои победнички листи за парламентарните и...

Историја

News image

Гоце Делчев неприкосновен лидер на македонската револуционерна борба

Општонародниот водач на македонската ослободителна борба Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 годи...

Иселеници

News image

НАЈГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ ЗА АНСАМБЛОТ „Томов“ И ЗА ГЕОРГИ (ЏОРЏ) ТОМОВ (19)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

Велигденски пост

Првичната цел на предвелигденскиот пост била насочена кон огласените, кои се припремале да бидат крс...

Фељтон

News image

АКТИВНОСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА ПО СМРТТА НА АТАНАС БЛИЗНАКОВ – (ДЕЛ II) (25)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.