Петок, 03 Март 2017    Печати
МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРБИЈА ПОДДРЖУВААТ УНИТАРНА МАКЕДОНИЈА

srbijaМАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО СРБИЈА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРБИЈА ПОДДРЖУВААТ УНИТАРНА МАКЕДОНИЈА!

3 март 2017 година, Белград, Србија

- Националниот совет на Македонската заедница во Република Србија со голема загриженост ги следи актуелните случувања во нашата матична држава Република Македонија. Од осамостојувањето на Република Македонија 1991 година па до денес нашата матица ја гледаме како современа, плуралистичка и демократска држава на сите граѓани кои живеат во неа и на сите државјани кои живеат вон неа. Согласно со придобивките на двата Илиндена ние сме горди што нашата матична држава досега била отворена, мултикултурална и што подеднакво се грижела за сите свои граѓани во Македонија без оглед на пол, националност или вероисповест.

Ние Македонците од Србија сакаме да пратиме порака дека се залагаме за мирна, стабилна и просперитетна Македонија во која ќе владеат добри меѓуетнички односи но истовремено се залагаме за унитарна, независна и слободна Македонија на сите нејзини граѓани Македонци, Албанци, Срби, Власи, Турци, Роми и Бошњаци и на сите други како рамноправни граѓани. Националниот совет на Македонската заедница во Србија силно го вознемири и веста дека во преговорите за формирање на новата влада е направен компромис според кој, како наведуваат македонските медиуми, треба “српскиот народ да се прогласи за винвоен за геноцид врз Албанците во Македонија меѓу двете светски војни.“ Ваквиот потег, доколку информацијата е точна, може сериозно да ги наруши односите помеѓу Србија и Македонија на чие јакнење и унапредување со децении работи како македонската национална заедница во Србија така и српската во Македонија.

Националниот совет на Македонската заедница во Србија смета дека ваквите идеи и предлози се политички неодговорни и остро ги осудуваме. Упатуваме апел и до сите релевантни политички субјекти во Република Македонија, да изнајдат сила и државничка мудрост со дијалог и меѓусебен договор да ја надминат сегашната состојба за доброто на државата и нејзината демократска иднина.

Македонскиот мнозински народ треба да ги штити и почитува интересите на припадниците на малцинските заедници во државата, но исто така, сметаме дека малцинските заедници во Македонија се должни да го почитуваат мнозискиот Македонски народ, да ја почитуваат својата држава Македонија, нејзиното уставно име, грбот, знамето и јазикот во согласност со македонскиот Устав и меѓународните стандарди за стабилна, јака и респектабилна држава Република Македонија, - се вели на крајот од соопштението на Националниот совет на Македонската заедница во Србија.