|
||||
| Средби на претседателот Иванов на маргините од Минхенската конференција |
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на маргините на 46-та Минхенска безбедносна конференција оствари средби со Џејмс Стајнберг, заменик државен секретар на САД, со Боб Еинсворт, секретар за одбрана на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и со Сергеј Иванов, заменик Премиер на Руската Федерација.
На средбата со Заменик државниот секретар Стајнберг, двајцата соговорници разменија мислења за моменталната состојба во процесот за изнаоѓање на решение за разликите на Република Грција околу уставното име на Република Македонија. Заменик државниот секретар Стајнберг и Претседателот Иванов се согласија дека пред нас е период кога е неопходно да се покажат конкретни чекори за создавање на позитивна клима помеѓу двете страни. Претседателот Иванов изрази надеж дека позитивната реторика од Атина од минатиот период ќе биде проследена и со конкретни, недвосмислени чекори на реално конструктивен однос од грчката страна. Македонскиот Претседател повика на придвижувањето на процесот и изрази надеж дека овој пат Грција ќе му овозможи на посредникот Нимиц да ја забрза динамиката со крајна цел, пронаоѓање решение кое нема да го загрози основното човеково право на самоидентификација и достоинство. На средбата со секретарот за одбрана Боб Еинсворт, Претседателот Иванов изрази благодарност за помошта и поддршката во евроатлантските интеграциски процеси, кои Република Македонија во континуитет ги добива од Велика Британија. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и покрај тоа што не е членка на Алијансата со својот модел на инклузивна демократија, со одржувањето на компатибилноста со НАТО стандардите и однесувањето како де факто член, придонесува кон стабилноста и безбедноста на регионот. Со своето учество во мировните мисии, со ангажманот во Авганистан, Република Македонија придонесува и во глобалната безбедност. Секретарот Еинсворт истакна дека Велика Британија високо ја цени улогата на Република Македонија на тој план, и подвлече дека Република Македонија може да смета на силна поддршка од Велика Британија, во секоја смисла, особено на планот на одбраната и безбедноста, како и во аспирациите за членство во евроатлантските структури. Двајцата соговорници изразија убедување дека со зајакнат глобален ангажман, со зголемувањето на воената и цивилната компонента во Авганистан, со фокусирање и на политичкиот процес паралелно со воениот, ќе можеме да се приближиме кон целта, Авганистан да си го најде своето место. Во подолгата средба со Заменик-премиерот на Руската Федерација Сергеј Иванов, Претседателот Иванов изрази задоволство од интензивираната соработа помеѓу Руската Федерација и Република Македонија, како на политички, така и на економски план. Претседателот Иванов констатираше дека претстојното затворање на прашањето со клириншкиот долг на Русија кон Македонија ќе претставува дополнителен импулс кон значително зајакнување на севкупната стопанска соработка. Македонскиот Претседател изрази задоволство од континуираното признавање на уставното име на државата од Руската Федерација, што уште од почетокот на независноста длабоко се цени од македонската јавност. Рускиот заменик-премиер Иванов, се согласи со констатацијата за прогресот во севкупните односи, при што истакна дека Русија од секогаш го признава уставното име на македонската држава и дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму, без разлика на исходот од процесот кој се води во ОН. Заменик рускиот премиер искажа уверување дека следи период на зајакнати контакти на сите политички нивоа што несомнено очекува да придонесе за зајакната соработка во сите сфери, посебно потенцирајќи ја економската. На сите средби, Претседателот Иванов беше придружуван од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. |





















