|
||||
СТАПИЦА |
Д-р Мери Георгиевска Си беше она што си беше. Глувците од мојот град добија јавен повик да се запишат во политичко училиште кај професорот Мачор. Профа Мачор беше чувен професор по меѓународна неправда. Тој на своите ученици, постојано им повторувал една иста лекција: Штом видите сирење небрането од никој, а на дофат на вашата рака, бегајте далеку од тоа сирење, оти може да биде стапица. Арно ама, еден црпнат ден, едно уште поцрпнато глувче поверувало дека е од Господ пратено да го изеде сирењето. Убедено до ковче во смислата за црпнатоста, и сакајќи да го надмудри Професорот по меѓународна неправда, штом го здогледал парчето сирење, му рипнал на сирењето да го изеде, разбира се. Стапицата одеднаш како по лекција се затворила, а црпнатово се обидело да побегне од стапицата низ тесните решетки. Кога бил мал црпнатиов глушец, комшивката му од Муртино го учела дека од стапицата може евентуално да излезе само ако некој му ја отвори вратата. Секоја сличност на ова глувче со некој од актуелните политичари, е сосем намерна, а случајна, замислете. Од оваа случка, па до ден денес, стапицата за глувци се вика лакомија, а излезната врата од лакомијата се вика избори. Во демократските земји, ако не се испочитува демократијата, излезната врата може да се вика и Шутка транс, или Шутка виа Идризово, разбира се. И така јас од љубопитност за приказнава, решив да го посетам местото каде што растело црпнатото глувче. Цел пат прскав светена водичка. Уплав имав да газам по тој пат. И ете ти. Одеднаш пред мене бум. Се појавува лично Галадриел од Господарот на прстените. Галадриел, кој немаше пол, ами беше безполово суштество, откако ме праша како сме сите по дома, реши да сподели една многу значајна тајна со мене. А знаете дека со тајната господари само оној кој сам ја создал и што нема кому да ја каже, зошто во мигот кога ја кажува тајната на другиот, тајната загосподарува со двајцата. Црпнатово глувче кога било мало, многу сакало да си игра со уште едно глувче. Си ги делеле играчките. Едново, познато на нашата јавност многу сакало да ги крши, гмечи и да ги тортурира играчките, а пак кога му ја читале приказната за Зоки Поки, добивал хистерични напади на плачење. Едноставно, во една од најубавите приказни тој сакал да биде Лиде. Сакал жолто, сакал сино, сакал зелено, сакал бело, сакал сè! Црвено неќел. Уплав имал од црвено. Никако не можеле да му објаснат дека ем не е така, ем не може да го има сиот свет, па дури и да е Лиде, а камо ли пак Зоки. А дека целиот свет можел да биде само една бомбона, тоа за црпнатово било трет Њутнов закон, пошо во приказната немало уште една бомбона за Виц`то. Кога глувчево решило да порасне станало рационализација на фундаментално насилие со примеси на идентификација со Месијата. Еден ден сакало зелено. Друг ден жолто. Трет ден сино. Четврт ден бело. Крај не можеле да му фатат. Еднаш толку многу ја посакал Елена Тројанска, што едвај му објасниле дека таа е човек, а не глушец. Тој продолжувал да прашува: „А зошто само Парис да има толку убава жена? Ќе ја исправам неправдата со насилие. Ќе ги прислушкувам, па ќе им фрлам бомбичиња, ќе се уверите, Елена ќе биде моја. Ќе завладеам со сиот свет!“ Но, флотата на црпнатиот глушец и неговата свита од глувчиња стигнала само до Халкидики. Ете тоа ми го шепна Галадриел и изчезна. На враќање дома, восхитена од средбата со Галадриел, си размислував за Хитлер кој го владеел перфектно занаетот на „спасител на човештвото“, и кој фрлајќи им на два стаорци парчиња леб уживал до тииииит дур тие се бореле околу лебот наш насушен. И така јас си чекорам да го фатам патот за дома, кога ете ти пред мене се појавува еден старец со бела брада. Ама скроз на самиот излез од Муртино. Ми заличе на Маркс. Толку многу личеше што морав да се штипнам за образ да се освестам. Тој беше гарант. Ми се обрати со неговиот типично еврејски месијанизам и ми раскажа дека всушност многу сакал да верува дека еден ден и црпнатите стаорци ќе се претворат во луѓе. Прашање е меѓутоа, дали ќе го заборават сосема и засекогаш својот стаорски багаж и дали претворајќи се во луѓе, нема да го загадат и онака веќе премногу загаденото од црпнати стаорци општество? -Но, луѓето не се стаорци, нити некогаш ќе бидат!- му реков јас, и си заминав дома со трчање за да ги исчистам зеленото, жолтото, синото, белото.... |